Дали при јавна набавка на услуги за закуп на простор за рекламирање на интернет портали, треба да се применат одредбите од Законот за јавните набавки?

Согласно член 23 став 1 точка 3 алинеја в) од законот, одредбите од истиот не се применуваат при јавна набавка на термини за радио или телевизиско емитување програма.

Имајќи во предвид дека исклучокот содржан во наведенава одредба се однесува само на набавка на термини за радио или телевизиско емитување програма, а не и за закуп на простор на интернет портали или дневен печат, произлегува дека договорниот орган во зависност од проценетата вредност на предметната набвака треба да спроведе соодветна постапка пропишана со Законот за јавни набавки.

Дали треба да се спроведе постапка за набавка на паркинг услуги?

Согласно со член 23 став 1 точка 4 од Законот за јавните набавки, одредбите на истиот не се применуваат на услуги кои договорниот орган ги доделува на друг договорен орган или здружение на договорни органи, ако истите имаат ексклузивно право врз основа на закон, подзаконски акт или управен акт објавен во „Службен весник на Република Македонија“ односно во општинско службено гласило да ги обезбедуваат предметните услуги. Имајќи го предвид наведеното, договорниот орган има можност потребата за паркинг услуги да ја обезбеди со примена на наведенава одредба, доколку утврди дека се исполнети предвидените услови, односно доколку Јавно претпријатие врз основа на закон, подзаконски акт или управен акт објавен во „Службен весник на Република Македонија“ односно во општинско службено гласило има ексклузивно право да обезбедува паркинг услуги. Во спротивано, договорниот орган е должен да постапи во согласност со член 40 и член 47 од Законот и во зависност од проценетата вредност на преметната набвака да ги примени соодветните одредби од Законот за јавни набавки.

Дали треба да се спроведе постапка со преговарање без објавување на оглас за набавка на услуги за објавување на огласи за јавни набавки на ЕСЈН?

Договорниот орган нема да ги примени одредбите од Законот за јавните набавки, кога согласно со член 23 став 1 точка 4 доделува услуги на друг договорен орган или здружение на договорни органи, ако истите имаат ексклузивно право врз основа на закон, подзаконски акт или управен акт објавен во „Службен весник на Република Македонија“ односно во општинско службено гласило да ги обезбедуваат предметните услуги.

Имено, согласно со член 41 став 1 од законот, огласите и известувањата за постапките чија проценета вредност без ДДВ е еднаква или повисока од вредностите од член 40 став 1 од овој закон, се објавуваат во ЕСЈН.

Бирото за јавни набавки согласно со член 45 став 1 алинеја 8 од законот управува со Електронскиот систем за јавни набавки.

Од изнесеново јасно произлегува дека, во конкретниов случај не се спроведува постапка со преговарање без објавување на оглас, туку се применува горенаведениот исклучок.

Дали треба да се спроведе постапка со преговарање без објавување на оглас за набавка на печатено и/или електронско издание на „Службен весник на Република Северна Македонија“?

Договорниот орган нема да ги примени одредбите од Законот за јавните набавки, кога согласно со член 23 став 1 точка 4 доделува услуги на друг договорен орган или здружение на договорни органи, ако истите имаат ексклузивно право врз основа на закон, подзаконски акт или управен акт објавен во „Службен весник на Република Македонија“ односно во општинско службено гласило да ги обезбедуваат предметните услуги.

Јавното претпријатие„ Службен весник на Република Северна Македонија“ Скопје е основано со Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во “Службен весник на Република Македонија“ (“Службен весник на РМ“, бр.56/99), како правен следбеник на Новинско-издавачката работна организација Службен весник на Република Македонија – Скопје. Согласно со член 1 од наведениов закон, со него се уредува објавувањето на законите, другите прописи и акти во Службен весник на Република Македонија, како и издавањето на службеното гласило Службен весник на Република Македонија.

Од изнесеново јасно произлегува дека, во конкретниов случај не се спроведува постапка со преговарање без објавување на оглас, туку се применува горенаведениот исклучок.

Дали за ангажирање на вешто лице од Бирото за вештачење, заради спроведување на вештачење за потребите на институцијата, треба да се спроведе постапка согласно со Законот за јавните набавки?

Договорниот орган нема да ги примени одредбите од Законот за јавните набавки, кога согласно со член 23 став 1 точка 4 доделува услуги на друг договорен орган или здружение на договорни органи, ако истите имаат ексклузивно право врз основа на закон, подзаконски акт или управен акт објавен во „Службен весник на Република Македонија“ односно во општинско службено гласило да ги обезбедуваат предметните услуги.

Од друга страна, согласно со член 5-а став 1 од Законот за вештачење, за потребите на органите на државната управа, јавните прептријатија и акционерските друштва во државна сопственост, вештачење врши Бирото за судски вештања по претходно поднесено писмено барање за вештачење во соодветните области.

Од изнесеново произлегува дека не сите договорни органи од член 9 можат да го применат наведениов исклучок кога набавуваат услуги за вештачење. Имено, овој исклучок може да го применат само органите на државната управа, јавните прептријатија и акционерските друштва во државна сопственост.

Дали субјект кој не претставува договорен орган, а од страна на договорен орган му се доделени средства е должен да го применува Законот за јавните набавки при доделување на договори за јавни набавки?

Согласно со член 18 став 1 точка а) од Законот за јавните набавки, истиот се применува на постапки за јавни набавки на работи кои се субвенционираат или кофинансираат со повеќе од 50% од страна на договорните органи од членот 9 став (1) точки а), б) и в) од законот, и чија проценета вредност без вклучен ДДВ е еднаква или повисока од 1.000.000 евра во денарска противвредност, кога тие вклучуваат работи од ниска градба или работи за изградба на болници, објекти наменети за спорт, рекреација и разонода, училишта и универзитетски објекти, како и објекти што се користат за административни цели.

Исто така, согласно со член 18 став 1 точка б) од Законот за јавните набавки, истиот се применува и на постапките за јавни набавки на услуги кои се директно субвенционирани или кофинансирани со повеќе од 50% од страна на договорните органи од членот 9 став (1) точки а), б) и в) од законот, и чија проценета вредност без вклучен ДДВ е еднаква или повисока од 130.000 евра. Одредбите од Законот за јавните набавки се применуваат и на постапките за јавни набавки на стоки и услуги кои договорните органи од членот 9 став (1) точки а), б) и в) од законот, ги субвенционираат или кофинансираат со повеќе од 50% во соработка со здруженија, организации или институти, доколку проценетата вредност на стоките или услугите без вклучен ДДВ е еднаква или повисока од 40.000 евра во денарска противвредност.

Од наведенава одредба произлегува дека во случај на исполнетост на горенаведените услови субјектот кој не претставува договорен орган, има обврска да го примени Законот за јавните набавки.

На кои правни услуги не се применуваат одредбите на Законот за јавните набавки согласно со член 23 став (1) под 3, точки од д) до з)?

Со членот 23 се уредуваат општите исклучоци од примена на Законот за јавните набавки, односно се утврдуваат видовите на набавки на кои договорните органи немаат обврска да ги применат одредбите од законот.

Исклучоците од примена на законот кои се однесуваат на различни правни услуги се утврдени во член 23 став (1) под 3 точки од д) до з) од законот.

Па така, точка д) од примена на законот ги исклучува адвокатските услуги за правно застапување на странки во различни судски постапки пред домашните и меѓународните судови, различните трибунали или во постапки за медијација и арбитража. Исто така, законот ги исклучува од примена и другите поврзани адвокатски услуги кои се однесуваат на советување на странките во постапките пред домашните и меѓународните судови или трибунали.

И нотарските услуги се исклучени од примена на Законот за јавни набавки. Станува збор за услуги кои влегуваат во доменот на јавните овластувања што ги имаат нотарите, за одредени услуги постои територијална поделба во согласност со прописите што го уредуваат нотаријатот, а цената на овие услуги е целосно регулирана.

Од примена на законот се исклучени и услугите на старатели или именувани законски застапници на малолетни лица или други правни услуги чии даватели ги именувал суд или кои се утврдени со закон за извршување одредени задачи под надзор на суд.

Точка з) од примена на законот исклучува и други правни услуги кои се поврзани со вршење службени овластувања. Правни услуги поврзани со вршење службени овластувања, најчесто се обезбедуваат од тела или лица избрани или именувани на начин пропишан со друг пропис, а не на начин на кој се регулираат постапките за јавни набавки.

Одговорното лице и другите раководни лица кај договорниот орган, наредбите и упатствата на лицето/лицата за јавни набавки, во каква форма треба да им ги даваат?

Согласно со член 33 став 2 од законот, одговорното лице и другите раководни лица кај договорниот орган се должни на лицата за јавни набавки сите наредби и упатства да им ги дадат во писмена форма или со користење електронска пошта.

Дали лицето за јавни набавки може да го одбие извршувањето на наредбата и упатството, ако истото е спротивно на Законот за јавните набавки?

Да, лицето за јавни набавки согласно со член 33 став 3 од законот, е должно во писмена форма да го одбие извршувањето на наредбата и упатството од одговорното или други раководни лица кај договорниот орган, ако истото е спротивно на Законот за јавните набавки.

Доколку лицето за јавни набавки има информации за сторена корупција, како треба да постапи?

Лицето за јавни набавки или кое било друго лице ангажирано кај договорниот орган, како и секое заинтересирано лице кое има информации за сторена корупција согласно со член 34 став 1 од законот, е должно за тоа да ја извести Државната комисија за спречување на корупцијата или Јавното обвинителство на Република Македонија.

Дали лицето за јавни набавки кое учествувало во постапки каде што вкупната вредност на договорите доделени на одреден носител на набавка во последната година пред престанок на работниот однос е поголема од 5% од вкупната вредност на сите договори кои договорниот орган ги склучил во тој период, смее по престанокот на работниот однос кај договорниот орган, да заснова работен однос кај тој носител на набавката?

Согласно со член 35 став 1 од законот, лице од договорниот орган кое учествувало во постапки за јавни набавки, каде што вкупната вредност на договорите доделени на одреден носител на набавка во последната година пред престанок на функцијата или на работниот однос е поголема од 5% од вкупната вредност на сите договори кои договорниот орган ги склучил во тој период, или со него поврзани лица, не смее во рок од две години од престанокот на функцијата или на работниот однос кај договорниот орган:

а) да заснова работен однос, да склучи договор на дело или на кој било друг начин да биде ангажирано кај тој носител на набавка или кај субјекти поврзани со носителот на набавка;

б) посредно или непосредно да прима паричен надоместок или да оствари каква било друга корист од носителот на набавка или со него поврзани субјекти, и/или

в) да стекне удел или акции кај носителот на набавка или кај субјект поврзан со носителот на набавка.

Дали лицата кои учествуваат во изработка на тендерската документација смеат да бидат понудувачи или членови во група понудувачи во постапката за јавна набавка?

Не, лицата кои учествуваат во изработка на тендерската документација согласно со член 36 став 1 од законот, не смеат да бидат понудувачи или членови во група понудувачи во постапката за јавна набавка.

Дали учеството во техничкиот дијалог се смета за учество во изработка на тендерската документација?

Не, учеството во техничкиот дијалог не се смета за учество во изработка на тендерската документација во смисла на член 36 став 1 од Законот за јавните набавки.

Дали изјавата за непостоење судир на интереси претставува дел од досието од спроведена постапка?

Да, изјавата за непостоење судир на интереси на претседателот, членовите (или заменикот на претседателот, и замениците на членовите во случај кога некој од нив учествувал во постапката) на комисијата за јавна набавка, како и на одговорното лице претставува дел од досието од спроведена постапка.

Во која фаза од постапката за јавна набавка, претседателот, заменикот на претседателот, членовите и замениците на членовите на комисијата за јавна набавка, како и одговорното лице треба да ја потпишат изјавата за непостоење судир на интереси?

Кај комисијата за јавни набавки, постоењето односно непостоењето на судир на интереси се утврдува во фазата на евалуација на понудите (без оглед на видот на постапката), бидејќи претходно содржината на понудите е доверлива и не се знае кој понудувач учествува со своја понуда.

Во оваа фаза од постапката, членовите на комисијата треба да потпишат изјави за непостоење (или постоење) на судир на интереси со што ќе потврдат дека не се во судир на интереси со никој од понудувачите кои доставиле своја понуда.

Доколку судирот на интереси се јави кај лице кое е член во комисија за јавни набавки, истиот треба на писмено да изјави дека во конкретната постапка постои судир на интереси со предметниот понудувач и дека се иззема од натамошната работа на комисијата. При тоа со работа ќе продолжи неговиот заменик (доколку го има). Доколку нема замена, врз основа на ваквата изјава, може да се измени и решението за јавна набавка со тоа што ќе се предвиди друг член наместо тој кој изјавил дека постои судир на интереси. Од горенаведеното произлегува дека постоењето или непостоењето на судир на интереси се утврдува единствено за членовите или замениците на Комисијата кои постапуваат во конкретната постапка за јавна набавка.

Одговорното лице изјавата за непостоење судир на интереси треба да ја потпише по добивање на предлогот за избор на најповолна понуда, а пред донесување на одлуката за избор.

Како треба да постапи претседателот, членовите (или заменикот на претседателот, и замениците на членовите во случај кога некој од нив учествува во постапката) во комисијата, во случај на судир на интереси?

Во случај на судир на интереси кај претседателот, неговиот заменик, членовите и нивните заменици во комисијата, истите се повлекуваат од работа во комисијата, и согласно со член 38 став 2 од законот, го известуваат одговорното лице, и се заменуваат со други лица.

Што во случај на судир на интереси кај одговорното лице?

Во случај на судир на интереси кај одговорното лице, истото со посебно решение овластува друго лице од редот на функционерите или раководните службеници кај договорниот орган да ги донесе соодветните одлуки и да го потпише договорот, и согласно со член 38 став 3 од законот, го известува органот на управување или органот кој е надлежен за контрола на неговото работење.

Договорниот орган за набавки со кои вредносни прагови, нема обврска да спроведе постапка за јавна набавка?

Одредбите на Законот за јавни набавки се применуваат на постапки за јавни набавки и на конкурси за избор на идејно решение чија проценета вредност без данокот на додадена вредност е еднаква или поголема од вредностите наведени во член 40 став 1 точка а) и точка б), односно 1000/5000/10000 за договорни органи од класичниот јавен сектор и 2000/10000/20000 за секторски договорни органи. Тоа значи дека договорните органи од класичниот јавен сектор немаат обврска да го применат законот за набавки на стоки, услуги, работи или посебни услуги со проценета вредност од 999, 4990 и 9990 евра во денарска противвредност во тековната година. Додека, секторските договорни органи немаат обврска да го применат законот за набавки на стоки, услуги, работи или посебни услуги со проценета вредност од 1999, 9990 и 19990 евра во денарска противвредност во тековната година.

Вкупната вредност на набавките под наведените вредносни прагови,  не смее да надмине 12.000 евра во денарска противвредност во тековната година за договорни органи од класичниот јавен сектор, и 24.000 евра во денарска противвредност во тековната година за секторски договорни органи.

Треба да се има предвид дека вредносните прагови утврдени во член 40 став 1 точка а) и точка б) од законот, не се однесуваат на месечно ниво, туку на предмет на набавка. На пример, договорниот орган може да набави канцелариски потрошен материјал без примена на одредбите од законот, под услов да не се надмине прагот од 999 (1999) евра во денарска противвредност на годишно ниво, при што во тековната година на договорниот орган ќе му останат на располгање уште 11.000 (22000) евра во денарска противвредност, за обезбедување на други потреби без да го примени законот.

Истовремено, договорниот орган треба да ги има предвид и ставовите 2 и 3 од член 40, според кои не смее да користи методи за пресметување на проценетата вредност на договорите за добивање пониска вредност од реалната вредност на набавката, со цел да се избегне спроведување на одредена постапка утврдена со законот, и не смее да врши делење на набавките на повеќе посебни набавки со пониска вредност со цел да се избегне примената на законот.

Дали набавките кои се со проценета вредност која е помала од вредносните прагови наведени во член 40 од законот, треба да бидат предвидени со Годишниот план за јавни набавки?

Со член 40 од законот, утврдени се вредносните прагови на набавките (на стоки, услуги, работи и посебни услуги) и конкурсите за избор на идејно решение, за кои договорните органи од класичниот јавен сектор и секторските дејности, треба да ги применат одредбите од Законот за јавните набавки.

За јавните набавки и конкурси за избор на идејно решение со проценета вредност под пропишаните вредносни прагови, не се применуваат одредбите од законот, и истите договорниот орган не ги внесува во Годишниот план за јавни набавки.

Сепак, препорачливо е договорниот орган со интерна процедура да ја утврди реализацијата на истите (кој ќе треба да ја реализира конкретната потреба) и нивната евиденција. Донесувањето на интерна процедура и уредувањето на набавките под наведениве вредносни прагови е значајно од аспект на одредбата од член 40 став 5 од законот, според која набавките со вредност под вредносните прагови, договорниот орган ги внесува во квартална евиденција која е јавно достапна на ЕСЈН.

Дали договорниот орган за набавка за која спровел постапка во тековната година, може да спроведе нова постапка?

Во случај на потреба од набавка за која веќе е спроведена постапката за јавна набавка во тековната година, а која не можела да се предвиди во моментот на нејзиното спроведување, согласно со член 40 став 4 од законот, договорниот орган ја зема предвид вкупната проценета вредност на соодветната потреба при избор на видот на постапка.

Од изнесеново произлегува дека, во случаи кога во текот на годината непредвидено се јавува повторно истата потреба од набавка, тоа не значи дека договорниот орган не смее да ја задоволи таа непредвидена потреба со нова постапка (иако за тоа веќе склучил договор), но при избирање на видот на постапката мора да ја има предвид вкупната проценета вредност на потребата (односно на претходно проценетата вредност ќе ја додаде проценетата вредност на повторната потреба).

Оттука, горенаведената одредба пропишува земање во предвид на вкупна проценета вредност само доколку набавката се повторува истата година.

Кај набавката од мала вредност кој вид способност на економските оператори, ја утврдува договорниот орган?

Кај набавката од мала вредност согласно со член 48 став 6 од законот, договорниот орган го утврдува единствено условот за вршење професионална дејност.

Кај набавката од мала вредност дали може да се бараат и документи за докажување на техничка и професионална способност, доколку предметот на набавката тоа го налага?

Кај набавката од мала вредност согласно со член 48 став 6 од законот, договорниот орган го утврдува единствено условот за вршење професионална дејност. Од наведенава одредба јасно произлегува дека, договорниот орган кај овој вид на постапка за јавна набавка неможе да утврдува други услови за утврдување на способноста на економските оператори.

Дали по спроведени две набавки од мала вредност каде не е пристигната ниту една понуда може соодветно да се примени член 55 став 1 под а) од законот?

Договорниот орган може да спроведе постапка со преговарање без објавување оглас за јавна набавка за стоки, услуги или работи согласно со член 55 став 1 под а) од законот, кога по претходно спроведени две отворени постапки или поедноставени отворени постапки не е поднесена ниту една понуда или ниту една соодветна понуда, односно кога по претходно спроведени две ограничени постапки не е поднесена ниту една пријава за учество или ниту една соодветна пријава за учество во првата фаза, под услов да не се значително сменети условите од тендерската документација. Од изнесеново јасно произлегува дека во конкретниов случај не може да се спроведе постапка со преговарање без објавување оглас.

Во ваков случај, треба да се испита причината за недостатокот на интерес на економските оператори да учествуваат во постапка. Доколку, причина за неучество во постапката се лошо дефинирани тендерски услови или недоволно обезбедени средства, договорниот орган ќе мора да ги преоцени своите барања и да ги модифицира барањата и/или спецификациите.

Кај набавка од мала вредност со оглед дека се утврдува единствено условот за вршење професионална дејност, дали за економските оператори се проверува постоење на негативна референца?

Кај набавката од мала вредност согласно со член 48 став 6 од законот, договорниот орган го утврдува единствено условот за вршење професионална дејност. Тоа значи дека, економските оператори немаат обврска да докажуваат дека не постаојат причини за нивно исклучување од постапката.

Сепак, предвид треба да се има член 101 став 2 од законот, согласно кој договорниот орган кај набавката од мала вредност и поедноставената отворена постапка не бара гаранција на понудата во вид на банкарска гаранција, туку изјава за сериозност на понудата.  Со изјавата за сериозност на понудата, понудувачот изјавува дека:

  • нема да ја повлече својата понуда пред истекот на периодот на нејзината важност,
  • ќе ја прифати исправката на аритметичките грешки од страна на комисијата,
  • ќе го потпише договорот за јавна набавка согласно со условите од тендерската документација и доставената понуда или
  • ќе ја обезбеди гаранцијата за квалитетно и навремено извршување на договорот, ако договорниот орган ја предвидел во тендерската документација.

Согласно со став 7 од овој член, доколку дојде до прекршување на изјавата за сериозност на понудата, договорниот орган во ЕСЈН објавува негативна референца што резултира со исклучување на предметниот понудувач од сите идни постапки за јавни набавки во период од шест месеци од денот на објавувањето.

Оттука, договорниот орган и кај набавката од мала вредност треба да провери дали економскиот оператор е на листата на издадени негативни референци.

Доколку во поедноставена отворена постапка понудувачот со понудата доставил документи за утврдување на способност кои се невалидни или нецелосни, а во ист момент доставил и валидна изјава за докажување на способноста дали понудата треба да се прифати и да се покани на е-аукција?

Кај поедноставена отворена постапка, согласно со член 49 став 3 од законот, во прилог на понудата економските оператори доставуваат изјава за докажување на способноста или документи за утврдување способност. Тоа значи дека, економскиот оператор има слобода да бира дали ќе достави изјава за докажување на способноста или потребните документи за утврдување на бараната способност.

Од изнесеново произлегува дека доколку изјавата е валидна, понудата на тој понудувач може да биде оценувана во натамошниот дел од процесот на евалуација на понудите.

Економскиот оператор чија понуда е оценета за најповолна согласно со член 49 став 4 од законот, е должен пред донесување на одлуката за избор на најповолна понуда, да ги достави документите за утврдување способност, доколку не ги доставил со понудата или доставените документи за утврдување на способност се нецелосни.

Дали кај поедноставената отворена постапка, изјавата за докажување на способноста ги опфаќа само причините за исклучување од постапката, или и условите за квалитативен избор утврдени во членовите 90, 91 и 92 како и стандардите за системи за квалитет и стандардите за управување со животната средина утврдени во членовите 93 и 94?

Кај поедноставена отворена постапка, согласно со член 49 став 3 од законот, економскиот оператор има слобода да бира дали ќе достави изјава за докажување на способноста или потребните документи за утврдување на бараната способност.

При тоа, изјавата се однесува на сите документи со кои економскиот оператор го докажува исполнувањето на условите за квалитетивен избор кои биле барани во тендерската документација а кои произлегуваат од членовите  90, 91 и 92, како и на стандардите за системи за квалитет и стандардите за управување со животната средина утврдени во членовите 93 и 94.

Кај поедноставена отворена постапка како да постапи комисијата кога при проверка на документацијата за способност на предложениот најповолен понудувач утврди дека истиот не ги исполнува условите од тендерската документација?

Согласно со ставот 4 од член 49, пред донесување на одлуката за избор на најповолна понуда, економскиот оператор чија понуда е оценета за најповолна е должен да ги достави документите за утврдување способност, доколку не ги доставил со понудата.

Доколку, по доставување на документите за утврдување способност, комисијата утврди дека понудата на економскиот оператор е неприфатлива (поради неисполнување на условите за способност), треба да утврди дали понудата на следнорангираниот економски оператор би можела да биде предложена за најповолна (имајќи го предвид условот од член 112 став 5 од законот, согласно кој договорниот орган може да склучи договор со следниот рангиран понудувач, ако цената не е повисока од 5% во однос на првично избраната понуда) или да се поништи постапката.

Дали кај поедноставена отворена постапка може да се прифатат документите за утврдување на способност издадени по крајниот рок за поднесување на понудите?

Економскиот оператор чија понуда е оценета за најповолна согласно со член 49 став 4 од законот, е должен пред донесување на одлуката за избор на најповолна понуда, да ги достави документите за утврдување способност, доколку не ги доставил со понудата. Воедно, договорниот орган кај оваа постапка ги прифаќа документите за утврдување на способност кои се издадени и по крајниот рок за поднесување на понудите.

Во кој рок економскиот оператор чија понуда е оценета за најповолна, е должен да ги достави документите за утврдување способност?

Со законот не е определен минимален временски рок во кој кај поедноставена отворена постапка економскиот оператор чија понуда е оценета за најповолна треба да ги достави документите за утврдување способност.

Тоа значи дека комисијата има слобода да го определи временски рок за доставување на документите за утврдување способност водејќи сметка истиот да биде разумен, односно доволен да овозможи обезбедување на бараните документи за утврдување способност.

Што доколку економскиот оператор чија понуда е оценета за најповолна, ги достави документите за утврдување способност по рокот кој го определила комисијата?

Со законот не е определен минимален временски рок во кој кај поедноставена отворена постапка економскиот оператор чија понуда е оценета за најповолна треба да ги достави документите за утврдување способност. Комисијата при определување на овој рок треба да води сметка истиот да биде разумен, односно доволен да овозможи обезбедување на бараните документи за утврдување способност.

Дали договорниот орган наместо набавка од мала вредност (или поедноставена отворена постапка) може да спроведе поедноставена отворена постапка (или отворена постапка)?

Набавката од мала вредност и поедноставената отворена постапка се дизајнирани за набавки чија вредност е под вредносните прагови определени со Директивите (и кои изнесуваат 135.000 евра за стоки и услуги, 5.225.000 евра за работи и 750.000 евра за посебните услуги). Според, искуството на Европската комисија (како и искуството на земјите-членки, а и нашето), набавките под вредносните прагови опфаќаат најголем дел од набавките доделени од страна на договорните органи и затоа се од голема важност како кај земји-членки така и кај нас. Овие набавки претставуваат значителни расходи за договорните органи, како и големи деловни можности за економските оператори, особено за малите и средни претпријатија (МСП).  Набавките под вредносните прагови не се опфатени со процедуралните барања од Директивите, и најголемиот дел од овие набавки од страна на договорните органи се доделени со примена на национални правила, политики и постапки. Сепак, и за овие набавки треба да се применат основните начела на јавните набавки (особено осние кои директно произлегуваат од Договорот за формирање на Европската унија и основните стандарди дефинирани од Судот на правдата на Европската унија). Тоа значи дека за набавките под вредносните прагови, постапките за јавни набавки треба:

  • Да бидат ефикасни и ефективни, а правилата и временските рокови кои ќе се применат и документи кои што ќе се бараат од економските оператори да ги одразуваат потребите и исходите на одредена набавка.
  • Да бидат сразмерни и да се избегнува непотребна бирократија со цел да се избегне наметнување прекумерно сложени или несразмерни бирократски и административни оптоварувања или трошоци за договорниот орган или за економскиот оператор во однос на големината, вредноста и сложеноста на набавката.
  • Да обезбедат соодветна конкуренција, бидејќи отворената и фер конкуренција би требало да помогне во привлекувањето поширок спектар на потенцијални понудувачи, вклучително и МСП и нови компании за кои набавките со помала вредност може да бидат особено привлечни.
  • Да бидат транспарентни, затоа што транспарентноста на процесот придонесува за отворена и фер конкуренција, а, исто така, помага за заштита од корупција и фаворизирање.
  • Да обезбедуваат најефикасно користење на јавните пари преку обезбедување на оптимална распределба на ресурсите за постигнување на планираните исходи.

Вообичаена практика во земјите – членки е да се прави разлика меѓу набавките над вредносните прагови и набавките под вредносните прагови и со нив да се постапува различно од аспект на правилата и постапките што се користат. Најголемиот дел од земјите-членки, набавките под вредносните прагови ги уредуваат со закон или пропис и наложуваат набавките под вредносните прагови да се заснова на отворени, правични и конкурентни постапки. Сепак, набавките под вредносните прагови генерално подлежат на примена на различни процедурални барања и рокови, со цел истите да одговараат на проценетата вредност на набавката согласно начелото на пропорционалност.

Оттука, иако законот не забранува во случај на потреба од спроведување на набавка од мала вредност да се спроведе поедноставена отворена постапка (или во случај на потреба од спроведување на поедноставената отворена постапка да се спроведе отворена постапка), треба да се има предвид дека истата е креирана за од една страна да биде транспарентна и да обезбеди соодветна отворената и фер конкуренција, а од друга страна да привлече и поттикне поширок спектар на потенцијални понудувачи, а особено мали и средни претпријатија и нови компании за кои набавките со помала вредност се особено привлечни.

Kај поедноставена отворена постапка, ако понудувачот покрај изјава за способност достави и неколку од бараните документ, дали во тој случај изјавата не се зема во предвид (се врши евалуација на документацијата), односно дали документацијата има предност над изјавата за способност?

Кај поедноставена отворена постапка, економските оператори согласно со член 49 став 3 од законот, може да бираат дали во прилог на понудата ќе достават изјава за докажување на способноста или документи за утврдување способност. Доколку изјавата за докажување на способност е валидна понудата на тој економски оператор може да се евалуира. Тоа значи дека, доставените документи за утврдување на бараната способност немаат предност над изјава за докажување на способноста.

Дали договорниот орган е должен да спроведе електронска аукција на која ќе добие нови цени коригирани надолу?

Не, договорниот орган согласно со член 59 став 1 од законот, може  (но не мора) да користи електронска аукција на која ќе добие нови цени коригирани надолу, односно нови вредности за одредени елементи од понудите, при што аукцијата се структурира како повторувачки електронски процес, кој следи по целосна првична евалуација на понудите и овозможува рангирање на понудите со методите за автоматска евалуација.

Кога може да се користи електронска аукција?

Електронска аукција согласно со член 59 став 2 од законот, може да се користи само ако техничките спецификации се прецизно дефинирани кај отворена постапка, ограничена постапка, конкурентна постапка со преговарање, постапка со преговарање со објавување оглас, набавка од мала вредност со објавување оглас и поедноставена отворена постапка, како и при повторно прибирање понуди кај рамковна спогодба со повеќе економски оператори и кај динамичниот систем за набавки.

Кога не може да се користи Електронска аукција?

Согласно со член 59 став 3 од законот, електронска аукција не се користи кај јавните набавки на одредени услуги или работи чиј предмет се интелектуални услуги кои не може да се рангираат со методите за автоматска евалуација.

Доколку по првичната евалуација во постапката за јавна набавка остане само една прифатлива понуда, дали договорниот орган треба да спроведе конечна цена?

Не. договорниот орган нема таква можност. Имено, согласно со член 59 став 16, доколку по првичната евалуација во постапката за јавна набавка остане само една прифатлива понуда, електронската аукција нема да се спроведе.

Во случај на групна набавка дали сите договорни органи треба да ја имаат истата потреба од набавка?

Групна набавка согласно со член 62 став 1 од законот, се врши координирано преку еден договорен орган во име на група договорни органи, по претходно склучен договор за извршување групна набавка. Оваа одредба овозможува одреден степен на централизирање на набавките на начин што договорните органи сами се групираат и сами одлучуваат кој од нив ќе ја спроведе постапката во нивно име. При тоа, не е неопходно оној што ќе ја спроведува групната набавка да има потреба од тој предмет на набавка, што воведува одредена флексибилност во групирањето на договорните органи. Предноста на овој пристап е можноста од групирање на повеќе договорни органи од кои можеби некои немаат доволно искуство или знаење за јавните набавки и го овластуваат најискусниот член на групата да ја спроведе набавката, иако можеби тој договорен орган нема потреба од истата. При тоа, без оглед на тоа дали ќе се реализира групна набавка и кој ќе ја реализира истата, секој договорен орган треба во својот план за јавни набавки да ги искаже потребите од конкретната набавка во својот дел.

При спроведување на групна набавка, во годишниот план за јавни набавки која проценета вредност се внесува (на вкупната набавка или на делот кој е наменет само за сопствени потреби на договорниот орган?

При планирање на групна набавка, согласно со член 5 од Правилникот за формата, содржината како и начинот на изготвување на годишниот план за јавни набавки („Службен весник на РМ“ бр.64/19), во годишниот план за јавни набавки се внесува проценетата вредност само на сопствената набавка.

Кое лице кај договорниот орган го носи годишниот план за јавни набавки, одлуката за јавна набавка, како и одлуката за избор на најповолна понуда и/или поништување на постапката?

Во член 9 став 1 од законот, се наведени договорните органи кои имаат обврска при набавка на стоки услуги и работи над определен вредносен праг да ги применат одредбите од Законот за јавните набавки.

Поради широкиот опсег и разноликоста на договорните органи, законот не пропишува кое лице кај договорниот орган има надлежност да ги донесе годишниот план за јавни набавки, одлуката за јавна набавка, како и одлуките за избор и/или поништување на постапката. Но со оглед на тоа што преку овие документи се врши распределба, резервирање и користење на финансиските средства на договорниот орган за определена намена (набавка на стока, услуга или работа), вообичаено е тоа да бидат раководните органи (без оглед дали се инокосни или колективни), кои имаат надлежност да располагаат со средствата на договорниот орган. Имајќи го предвид наведеното, договорниот орган согласно со важечките законски прописи кои ја регулираат областа во која делува и согласно со своите акти за внатрешна организација, определува кој раководен орган треба да ги донесе овие документи.

Од аспект на Законот за јавните набавки, согласно член 2 став 1 точка 37, под „Одговорно лице кај договорниот орган“ се смета функционер кој раководи со државен орган, градоначалник на единицата на локалната самоуправа или директор на правно лице.

Дали Годишниот план за јавни набавки може во текот на годината да се измени и дополни?

Со оглед дека јавните набавки имаат за цел купување или стекнување стоки, услуги или работи кои се неопходни за навремено извршување на надлежностите на договорните органи, истите согласно со член 75 став 1 од законот, врз основа на планираните извори за финансирање, донесуваат план за своите вкупни потреби за набавки во тековната година по видови стоки, услуги и работи според ЗПЈН, со кој го определува предметот на набавка, очекуваниот почеток на постапката, проценетата вредност на договорот и видот на постапката за јавна набавка.

Согласно со став 4 од членот 75 од законот, по потреба договорниот орган во текот на годината може да го измени и/или дополни планот согласно со планираните или обезбедените средства за јавни набавки, а измените ги објавува на ЕСЈН.

Наведенава одредба му овозможува на договорниот орган по потреба во текот на годината да го измени и/или дополни планот согласно со планираните или обезбедените средства за јавни набавки.

Дали постапките кои се повторуваат поради поништување на делови од претходната постапка за јавна набавка треба да се внесат во планот за јавни набавки?

Согласно со член 6 став 3 од Правилникот за формата, содржината како и начинот на изготвување на годишниот план за јавни набавк („Службен весник на РМ“ бр.64/19), постапките кои се повторуваат поради поништување на делови во претходна постапка не треба да се внесуваат во годишниот план за јавни набавки.

Дали при промена на проценетата вредност, како и при промена на видот на постапката за јавна набавка и при промена на очекуваниот почеток на постапката, треба да се измени планот за јавни набавки?

Содржината на годишниот план за јавни набавки согласно со член 6 став 1 од Правилникот за формата, содржината како и начинот на изготвување на годишниот план за јавни набавк („Службен весник на РМ“ бр.64/19), не треба да се менува при промена на проценетата вредност, при промена на видот на планираната постапка за јавна набавка или при промена на очекуваниот почеток на постапката.

Дали постапките со преговарање без објавување на оглас треба да се внесуваат во Годишниот план за јавни набавки?

Постапките со преговарање без објавување на оглас кои се спроведуваат врз основа на член 55 став 1 точка а) и точка г), како и став 3 точки б), г) и д) од Законот за јавните набавки, согласно со член 6 став 2 од Правилникот за формата, содржината како и начинот на изготвување на годишниот план за јавни набавк („Службен весник на РМ“ бр.64/19), не треба да се внесуваат во годишниот план за јавни набавки.

Дали во годишниот план за јавни набавки за тековната година, се внесуваат и договорите кои ќе се реализираат во повеќе од една година?

Да, согласно со член 4  од Правилникот за формата, содржината како и начинот на изготвување на годишниот план за јавни набавк („Службен весник на РМ“ бр.64/19), во годишниот план за јавни набавки се внесуваат и договорите кои ќе се реализираат повеќе од една година, и тоа во годишниот план за јавни набавки за годината кога е планирано да се спроведе постапката за јавна набавка.

При спроведување на групна набавка, во годишниот план за јавни набавки која проценета вредност се внесува (на вкупната набавка или на делот кој е наменет само за сопствени потреби на договорниот орган?

При планирање на групна набавка, согласно со член 5 од Правилникот за формата, содржината како и начинот на изготвување на годишниот план за јавни набавки („Службен весник на РМ“ бр.64/19), во годишниот план за јавни набавки се внесува проценетата вредност само на сопствената набавка.

Дали набавките кои се со проценета вредност која е помала од вредносните прагови наведени во член 40 од законот, треба да бидат предвидени со Годишниот план за јавни набавки?

Со член 40 од законот, утврдени се вредносните прагови на набавките (на стоки, услуги, работи и посебни услуги) и конкурсите за избор на идејно решение, за кои договорните органи од класичниот јавен сектор и секторските дејности, треба да ги применат одредбите од Законот за јавните набавки.

За јавните набавки и конкурси за избор на идејно решение со проценета вредност под пропишаните вредносни прагови, не се применуваат одредбите од законот, и истите договорниот орган не ги внесува во Годишниот план за јавни набавки.

Сепак, препорачливо е договорниот орган со интерна процедура да ја утврди реализацијата на истите (кој ќе треба да ја реализира конкретната потреба) и нивната евиденција. Донесувањето на интерна процедура и уредувањето на набавките под наведениве вредносни прагови е значајно од аспект на одредбата од член 40 став 5 од законот, според која набавките со вредност под вредносните прагови, договорниот орган ги внесува во квартална евиденција која е јавно достапна на ЕСЈН.

Дали претходната проверка на пазарот е задолжителна?

Претходна проверка на пазарот согласно со член 76 од законот, не е задолжителна. Имено, договорниот орган може (не мора) по донесување на одлуката за јавна набавка, а пред објавување на огласот за јавна набавка, да спроведе технички дијалог со економските оператори.

Доколку, одлучи да спроведе технички дијалог тендерската документација што планира да ја користи во постапката, ја прави достапна на јавноста преку ЕСЈН со цел да овозможи секој заинтересиран економски оператор да даде свои предлози и коментари на истата.

Предлозите и коментарите, економските оператори ги даваат со користење електронски средства или на заеднички состанок организира од страна на договорниот орган во однапред утврдено време и датум. По разгледување на добиените предлози и коментари, доколку истите се прифатливи, договорниот орган ги имплементира во тендерската документација.

Имајќи предвид дека при планирањето и подготовката на јавните набавки потребно е да се имаат предвид пазарните услови, иако претходната проверка на пазарот не е задолжителна, договорниот орган може, во согласност со своите потреби и проценки, да ја спроведе со цел унапредување на квалитетот на тендерската документација за конкретната јавна набавка.

Што претставува техничкиот дијалог?

Техничкиот дијалог претставува процес на проверка на пазарот и консултации на договорниот орган со деловната заедница. Оваа консултација се однесува на тендерската документација, техничката спецификација и сите друди услови од истата, а е во функција на обезбедување на отворената и фер конкуренција и недискриминација на економските оператори и избор на понуда која ќе значи најдобра вредност за парите. Оваа проверка на пазарот се спроведува пред објавување на огласот.

Кога, кој и како се спроведува техничкиот дијалог?

Техничкиот дијалог се спроведува од страна на комисиите за јавни набавки, пред објавување на огласот за јавна набавка.

Тендерската документација  што договорниот орган планира да ја користи се објавува на ЕСЈН. Договорниот орган треба да им овозможи на сите заинтересирани економски оператор да дадат свои предлози и коментари. Предлозите и коментарите се даваат со користење електронски средства или на заеднички состанок кој ќе биде организиран од страна на договорниот орган во однапред утврдено време и датум. По истекот на рокот за давање на предлози и коментари, комисијата ги разгледува истите и ако се прифатливи соодветно ги имплементира во тендерската документација.

Комисијата за јавна набавка од спроведениот технички дијалог, составува записник кој задолжително содржи краток опис на предлозите и коментарите, како и образложение за неприфаќање на оние предлози и коментари кои не се имплементирани во тендерската документација. Договорниот орган преку ЕСЈН го доставува записникот од спроведениот технички дијалог до сите економски оператори кои дале предлози и коментари на објавената тендерска документација во рок од три дена од завршување на дијалогот.

Дали може да се спроведе технички дијалог за набавки на стоки и услуги со проценета вредност под 130.000 евра?

За разлика од претходното законско решение, согласно кое техничкиот дијалог се водеше само при набавката на стоки и услуги со вредност над 130.000 евра, новото законско решение, односно член 76 став 1 од законот, предвидува можност (не обврска) договорниот орган по донесувањето на одлуката за јавна набавка, а пред објавување на огласот, да спроведе технички дијалог со економските оператори. Од изнесеното произлегува дека, договорниот орган има можност (не обврска)  доколку смета дека е неопходно, да спроведе технички дијалог и за набавки на стоки и услуги со проценета вредност под 130.000 евра.

Дали може да се спроведе технички дијалог за набавки на работи?

Да, согласно со член 76 став 1 од законот, договорниот орган има можност (не обврска) по донесувањето на одлуката за јавна набавка, а пред објавување на огласот, да спроведе технички дијалог со економските оператори. Тоа значи дека, договорниот орган доколку смета дека е неопходно, може да спроведе технички дијалог и за набавки на работи.

Дали договорниот орган смее да прави измена и дополнување на Планот за јавни набавки за време на распишани избори?

Спроведувањето на постапките за јавни набавки во периодот по распишување на избори не е регулирано со Законот за јавните набавки. Имено, во овој период договорните органи треба да ги почитуваат одредбите од Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите, а особено член 8-а од Изборниот законик и член 34 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите, според кои, од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборниот процес, не може да се започне со изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година.

Кое лице кај договорниот орган ја носи одлуката за јавна набавка, избор на најповолна понуда и/или поништување на постапката?

Во член 9 став 1 од законот, се наведени договорните органи кои имаат обврска при набавка на стоки услуги и работи над определен вредносен праг да ги применат одредбите од Законот за јавните набавки.

Поради широкиот опсег и разноликоста на договорните органи, законот не пропишува кое лице кај договорниот орган има надлежност да ја донесе одлуката за јавна набавка, како и одлуките за избор и/или поништување на постапката. Но со оглед на тоа што со овие документи се врши распределба, резервирање и користење на финансиските средства на договорниот орган за определена намена (набавка на стока, услуга или работа), вообичаено е тоа да бидат раководните органи (без оглед дали се инокосни или колективни), кои имаат надлежност да располагаат со средствата на договорниот орган. Имајќи го предвид наведеното, договорниот орган согласно со важечките законски прописи кои ја регулираат областа во која делува и согласно со своите акти за внатрешна организација, определува кој раководен орган треба да ги донесе овие документи.

Од аспект на Законот за јавните набавки, согласно член 2 став 1 точка 37, под „Одговорно лице кај договорниот орган“ се смета функционер кој раководи со државен орган, градоначалник на единицата на локалната самоуправа или директор на правно лице.

Дали договорниот орган може да ја измени одлуката и да дообезбеди средства потребни за реализација на договорот?

Да, договорниот орган може да ја измени одлуката и да дообезбеди средства потребни за реализација на договорот, доколку во текот на постапката за јавна набавка, најповолната понуда е со цена повисока од износот на средства утврден во одлуката за јавна набавка, под услов врз основа на спроведена анализа да утврди дека истото е економски поисплатливо од повторување на постапката и понудената цена да не го надминува вредносниот праг пропишан за видот на постапката.

Одлуката за јавна набавка договорниот орган може да ја измени под услови утврдени во член 77 став 5 од законот. За каква анализа станува збор и што треба да биде економски поисплатливо од повторување на постапката?

Наведенава одредба му дава можност на договорниот орган да дообезбеди средства само под услов претходно да утврди дека дообезбедувањето е економски поисплатливо од повторување на постапката и понудената цена да не го надминува вредносниот праг пропишан за видот на постапката која ја спроведува. Доколку тоа не е случај ќе треба да се пристапи кон поништување на постапката согласно со член 114 став 1 алинеја 4 од законот.

Треба да се има предвид дека во конкретниов случај, станува збор за анализа која се однесува на утврдување на пазарна цена на предметот на набавка. Со цел да се направи оваа анализа предвид треба да се има дефиницијата од член 2 став 1 точка 34 од законот, според која „пазарна цена“ е цената на релевантниот пазар земајќи ги предвид предметот на набавка, развиеноста на пазарот, условите од тендерската документација како што се начинот на плаќање, рокот на испорака, количините, гарантниот рок, средствата за обезбедување и слично.

Преку оваа анализа освен што ќе се утврдува пазарната цена на предметот на набавка и тенденциите дали цената за конкретниот предмет е склона кон зголемување или намалувања, истата треба да доведе до заклучок дали повторувањето на постапката ќе значи и дополнително административно оптоварување и зголемување на трошоците за договорниот орган. Воедно, треба да се има предвид и дали станува збор за производ чија цена се определува на Берза.

Кога предметот на набавка е оформен во повеќе посебни делови, дали во одлуката за јавна набавка за секој поединечен дел се утврдува износот на потребните средства?

Со одлуката за јавна набавка согласно со член 77 став 2 од законот, се утврдува предметот на набавката, износот и изворот на средствата потребни за реализација на договорот, начинот и постапката за јавна набавка и се назначува составот на комисијата, како и ангажирање надворешни стручни лица, доколку е потребно. При тоа, наведенава одредба не го обврзува договорниот орган во случај кога предметот на набавка го оформува во повеќе посебни делови за секој дел поединечно да го утврди и износот на средства потребни за реализација на истиот.

Во принцип договорниот орган може како добра пракса во одлуката за јавна набавка за секој дел поединечно да го утврди и износот на средства потребни за реализација на истиот. Но, наведената поделба е пожелно да се утврди единствено доколку договорниот орган е сигурен дека нема да се надмине вредноста на поединечните делови, бидејќи постои ризик деловите да бидат оценети како несоодветни.

Може да се случи договорниот орган во одлуката да ги распределил вредностите за секој дел одделно, но ниту една од добените најповолни понуди да не соодветствува на извршената распределба на поединечната вредност на лотовите, иако збирот на овие понуди не го надминува износот на средства потребни за реализација на договорот.

Сепак, поради погрешна распределба на вредностите на деловите од предметната набавка нема услови добиените најповолни понуди договорниот орган да ги третира како неприфатливи, бидејќи ова би било неекономично и спротивно со еден од основните принципите во член 3 од законот, економично и ефикасно искористување на средствата во постапките за јавни набавки како за договорниот орган така и за економските оператори Оттука, во овој случај треба  да се изврши корекција на одлуката, односно истата да се измени и дополни кај наведениот износ на поединечните делови соодветно на вредноста на најповолните понуди и да се достави предлог за избор на најповолни понуди до одговорното лице.

Ако договорниот орган не го оформил предметот на набавка во повеќе делови во отворената или ограничената постапка, во одлуката за јавна набавка ги образложува причините за тоа. Дали вакво образложение треба да содржи и одлуката за набавка од мала вредност и поедноставена отворена постапка?

Со членот 77 од законот, се пропишува обврска за потребата од јавна набавка договорниот орган да донесе одлука за јавна набавка, како и елементите кои истата треба да ги содржи.

При тоа, согласно со ставот 4 од горенаведениот член, во одлуката за јавна набавка меѓуостанатото се наведуваат и причините за неделивост на предметот на набавка.

Од друга страна со членот 78 од законот, се уредува оформување на јавната набавка во делови.

При тоа, согласно со став 1 од член 78, договорниот орган може да го оформи предметот на набавка во повеќе посебни делови, врз основа на објективни критериуми според вид, својства, намена, место или време на извршување, при што го утврдува предметот и големината на поединечните делови, земајќи ја предвид можноста за пристап на малите и средни претпријатија во постапката за јавна набавка. Ако договорниот орган не го оформил предметот на набавка во повеќе делови во отворената или ограничената постапка, согласно со ставот 2 од член 78 во одлуката за јавна набавка ги образложува причините за тоа.

Следствено на изнесеново, при спроведување на отворена или ограничена постапка, а имајќи ја предвид втората реченица од горенаведениот став произлегува дека договорниот орган користејќи објективни критериуми треба да го оформи предметот на набавка во повеќе посебни делови, ако тоа не го направи (бидејќи објективно е невозможно) ги образложува причините за истото.

Од друга страна, при спроведување на друг вид на постапка (што произлегува од првата реченица) договорниот орган „…може да го оформи предметот на набавка во повеќе посебни делови, врз основа на објективни критериуми…“, но не е обврзан на тоа. Оттука, сметаме дека нема пречка и при кореистењето на набавка од мала вредност или поедноставена отворена постапка, договорниот орган да го оформи предметот на набавка во повеќе посебни делови, доколку истото е објективно можно. Од друга страна, со ставот 4 од членот 77 кој ја уредува одлуката за јавна набавка и нејзините елемети се вели дека „…се наведуваат…. причините за неделивост на предметот на набавка“, без притоа да се потенцира видот на постапката која е предвидено да се спроведе. Од наведеново произлегува дека, ако при спроведување на набавка од мала вредност или поедноставена отворена постапка, договорниот орган предметот на набавка не може да го оформи во делови тогаш дава образложение во одлуката.

Кога по донесување на одлука за избор на најповолна понуда, избраниот понудувач се откаже од склучување на договорот за јавна набавка, дали се прави нов извештај од спроведена постапка, или само се носи нова одлука во која се дава образложение и предлог за издавање на негативната референца?

Ако избраниот понудувач се откаже од склучување на договорот, согласно со член 112 став 5 од законот, договорниот орган може да склучи договор со следниот рангиран понудувач, ако цената не е повисока од 5% во однос на првично избраната понуда.

Така, ако понудувачот не го потпише договорот за јавна набавка согласно со условите од тендерската документација и доставената понуда, договорниот орган ќе го примени член 101 став 4 и 6 од законот, односно објавува негативна референца во ЕСЈН.

Согласно ставот 11 од овој член, за објавување негативна референца, договорниот орган одлучува со одлуката за избор или за поништување на постапката, а економскиот оператор има право на жалба во жалбена постапка согласно со овој закон.

Тоа значи дека во овој случај, не се изготвува нов Извештај од спроведена постапка, туку се носи нова одлука за избор или поништување на постапката во која се дава соодветно образложение за издадената негативна референца.

Кога избраниот понудувач ќе се откаже од склучување на договор за јавна набавка, на кој начин новата одлука треба да се прикачи на ЕСЈН и како да се испрати до учесниците во предметната постапка?

Договорниот орган преку Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) има можност да донесе нова одлука за постапката по што истата задолжително ја испраќа до сите економски оператори кои имаат поднесено понуда во постапката согласно член 113 ставови 1 и 3 од законот.

Со тоа  се овозможува економските оператори согласно член 143 став 1 точка 4 од Законот да го остварат правото на жалба до Државната комисија за жалби во врска со донесената одлука.

Модулот за промена на одлука се наоѓа во менито на корисничкиот профил на одговорното лице (линк Донеси одлука/ Промена на одлука за избор/поништување).

Дали за времетраење на изборен процес, договорниот орган може да ја измени одлуката за јавна набавка и да ги дообезбеди потребните средства?

Спроведувањето на постапките за јавни набавки во текот на изборен процес не е регулирано со Законот за јавните набавки. Во овој период договорните органи треба да ги почитуваат забраните и ограничувањата кои произлегуваат од Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Сепак, одвивањето на изборниот процес несмее да го попречува нормалното функционирање на договорните органи. Имено, договорниот орган може да пристапи кон дообезбедување на средства доколку се исполнети условите предвидени во членот 77 став 5 од законот, односно под услов врз основа на спроведена анализа да утврди дека истото е економски поисплатливо од повторување на постапката и понудената цена да не го надминува вредносниот праг пропишан за видот на постапката согласно со овој закон.

Дали за времетраење на прогласена вонредна состојба, договорниот орган може да ја измени одлуката за јавна набавка и да ги дообезбеди потребните средства?

Воведената вонредна состојба не го спречува нормалното функционирање на договорните органи, туку и овозможува на Владата да носи Уредби со законска сила. Тоа значи дека, ако Владата за времетраењето на вонредната состојба не донесе Уредба со која суспендира одредени одредби од законот (како на пример, одредбата за измена и дополна на годишниот план за јавни набавки или можноста од дообезбедување на средства), договорниот орган може да пристапи кон дообезбедување на средства доколку се исполнети условите предвидени во членот 77 став 5 од законот, односно под услов врз основа на спроведена анализа да утврди дека истото е економски поисплатливо од повторување на постапката и понудената цена да не го надминува вредносниот праг пропишан за видот на постапката согласно со овој закон.

Дали вработен со средна стручна спрема може да биде лице за јавни набавки?

Договорниот орган определува лице или организациски облик во чии рамки ќе се вршат работи од областа на јавните набавки. Лицето за јавни набавки согласно со член 80 став 2 од законот, е лице кое има стекнато најмалку 180 кредити според ЕКТС, односно завршен VI/1 степен на образование и кое има соодветна потврда за положен испит за лице за јавни набавки.

Од изнесеново произлегува дека, договорниот орган треба да определи лице или организациски облик во чии рамки ќе се вршат работи од областа на јавните, и при тоа, условите кое лицето за јавни набавки треба да ги исполни се однесуваат на образованието кое го стекнало (најмалку 180 кредити според ЕКТС, односно завршен VI/1 степен на образование) како и поседување на соодветна потврда за положен испит за лице за јавни набавки.

Лицето со средна стручна спрема би можело да извршува само помошни работи поврзани со јавните набавки, но истото, неможе да биде лице за јавни набавки и да ги извршува работите од член 80 став 2 и 3 од законот.

Дали лицето/ата за јавни набавки треба да бидат вработени кај договорниот орган?

Со членот 80 од законот, со кој се уредуваат условите кои едно лице треба да ги исполни за да биде лице за јавни набавки, како и работите кои треба да ги извршува, не е експлицитно  наведено дека лицето/ лицата треба да бидат вработени кај договорниот орган. Сепак,  истото се подразбира, а на ова упатуваат и одредбите кои се однесуваат на општите мерки за спречување на корупцијата утврдени со членовите од 33, 34, 35 и 36 од законот.

Дали лицето/ата за јавни набавки ја пополнува евиденцијата на набавките под вредносните прагови?

Договорниот орган определува лице или организациски облик во чии рамки ќе се вршат работи од областа на јавните набавки. При тоа, лицето/лицата од организацискиот облик меѓудругото ги ажурира податоците кои согласно со овој закон се доставуваат во ЕСЈН. Имено, лицето за јави набавки ги ажурира податоците за набавките на кои се применуваат одредбите од законот, и се доставуваат во ЕСЈН.

Од друга страна, набавките со вредност под вредносните прагови кои се вршат согласно со член 40 став 1 од законот, договорниот орган ги внесува во квартална евиденција која е јавно достапна на ЕСЈН.

Од изнесеново произлегува дека, договорниот орган и за набавките под вредносните прагови (на кои не се применуваат одредбите од законот), има обврска истите да ги внесе во квартална евиденција која е јавно достапна на ЕСЈН. Истовремено, договорниот орган треба да води сметка овие набавки во тековната година да не го надминат прагот од 12.000 / 24.000 евра во денарска противвредност.

Во однос на прашањето кој организациски облик кај договорниот орган ја пополнува оваа евиденција, сметаме дека тоа треба да биде организацискиот облик кој води сметка  во тековната година да не се надмине прагот од 12.000 / 24.000 евра во денарска противвредност.

Напоменуваме дека за овие набавки пожелно е договорниот орган да донесе интерна процедура во која јасно ќе утврди како истите ќе се спроведуваат, до кого ќе се поднесува барањето за наведените набавки, кој ќе ги одобрува, кој ќе ја води евиденцијата и сл.

Дали лице за јавни набавки од одреден договорен орган може да учествува како член во Комисија за јавна набавка или надворешно лице кај друг договорен орган?

Во случај кога се спроведува групна набавка согласно со член 62 став 1 од законот, лицето за јавни набавки (од договорниот орган кој учествува во групната набавка) може да учествува во комисијата за јавна набавка која ја формирал другиот договорен орган и која (согласно со договорот за извршување на групна набавка) има обврска да ја спроведе постапката.

Лицето за јавни набавки од одреден договорен орган може да учествува во работата на комисијата за јавна набавка (на друг договорен орган) како надворешно стручно лице. Но, треба да се има предвид дека надворешните стручни лица не се членови на комисијата за јавна набавка, туку и помагаат на комисијата при евалуацијата на понудите и немаат право да одлучуваат.

Дали во комисијата која ја спроведува  постапката задолжително како член учествува и лицето за јавни набавки?

Лицето за јавни набавки меѓу останатите работи кои ги врши, согласно со член 80 став 3 алинеја 7 од законот, задолжително учествува како член во комисијата кај постапките за доделување договор за јавна набавка со проценета вредност над 130.000 евра за стоки и услуги и над 5.000.000 евра за работи.

Дали е дозволено како надворешно стручно лице да се ангажира лице кое поседува потврда за положен испит за јавни набавки, кое е вработено во друг договорен орган?

Лицето за јавни набавки вработено кај друг договорен орган може да учествува во работата на комисијата за јавна набавка (кај друг договорен орган) како надворешно стручно лице. Но, треба да се има предвид дека надворешните стручни лица не се членови на комисијата за јавна набавка, туку и помагаат на комисијата при евалуацијата на понудите и немаат право да одлучуваат.

Дали лицето за јавни набавки треба да ја изготви техничката спецификација, како и условите за квалитативен избор во однос на економска и финансиска состојба и техничка и професионална способност?

Лицето/лицата за јавни набавки согласно со член 80 став 3 од законот, ги вршат следниве работи: учествува во подготовката на планот за јавни набавки, ја изготвува одлуката за јавна набавка, врши набавки од мала вредност, учествува во изработката на тендерската документација, го објавува огласот за јавна набавка, ја советува комисијата при спроведување на постапката за доделување договор за јавна набавка, учествува како член во комисијата кај постапките за доделување договор за јавна набавка со проценета вредност над 130.000 евра во денарска противвредност за стоки и услуги и над 5.000.000 евра за работи, ги подготвува потребните акти врз основа на извештајот од спроведена постапка, ги ажурира податоците кои согласно со овој закон се доставуваат во ЕСЈН, објавува негативна референца во ЕСЈН, дава насоки и упатства на договорниот орган во врска со постапување во жалбената постапка во соработка со комисијата, се грижи за досиејата од спроведени постапки согласно со прописите за канцелариско и архивско работење и врши други работи поврзани со претходно наведените.

Од наведенава одредба јасно произлегува кои работи поврзани со јавните набавки самостојно ги извршува лицето/лицата за јавни набавки, а во кои лицето/лицата за јавни набавки учествува заедно со лицата од организацискиот облик кој ја утврдил и искажал потребата од конкретната јавна набавка и на чие барање истата е внесена во Годишниот план за јавни набавки.

Секој договорен орган ја утврдува својата организациона поставеност (организациони единици, сектори, дирекции, одделенија) која треба да му овозможи успешно реализирање на неговите законски надлежности. Наведеново, укажува на потребата токму тие организациони единици (баратели на конкретни јавни набавки) кои имаат стручност, искуство, знаење и вештини за работите од нивен делокруг, да ја подготват тендерската документација, односно да предложат предметот на набавка да се оформи во делови или не, да ги дефинираат техничките спецификации на предметот на набавка, да предложат критериуми врз основа на кои ќе се утврдува способноста на економските оператори,  критериуми врз основа на кои ќе се избере најповолната понуда, како и сите барања и услови кои се значајни за конкретната јавна набавка. При тоа, лицето/лицата за јавни набавки треба да учествуваат во овој процес со упатства и насоки кои се во функција на спроведување на постапката за јавна набавка во согласност со основните принципи на законот, кои овозможуваат постапката да биде транспарентна, недискриминирачка и која ќе овожможи рационално користење на јавните средства.

Ако во текот на важноста на договорот се јави потреба од негова измена, кој организациски облик ќе треба да ја реализира измената (организацискиот облик кој ја изјавил потребата од набавк и е задолжен за следење на неговата реализација или организацискиот облик за јавни набавки)?

Лицето за јавни набавки меѓу останатите работи кои ги врши, согласно со член 80 став 3 алинеја 13 од законот, врши и други работи согласно со овој закон.

Иако, реализацијата на договорите за јавна набавка по правило треба да ја следи организацискиот облик кој ја изјавил потребата од конкретната набавка (бидејќи тој ја поседуваат потребната стручност), во случај кога има потреба од измени на договорот за јавна набавка во текот на неговата важност, нема пречка лицето/лицата од организацискиот облик во чии рамки се вршат работи од областа на јавните набавки, да дава насоки и упатства со цел правилно спроведување и почитување на одредбите од член 119 од Законот за јавните набавки.

Кои се обврските на лицето за јавни набавки, комисијата и одговорното лице?

Лицето за јавни набавки согласно со член 80 став 3 од законот, учествува во подготовката на планот за јавни набавки, ја изготвува одлуката за јавна набавка, врши набавки од мала вредност, учествува во изработката на тендерската документација, го објавува огласот за јавна набавка, ја советува комисијата при спроведување на постапката за доделување договор за јавна набавка, учествува како член во комисијата кај постапките за доделување договор за јавна набавка со проценета вредност над 130.000 евра во денарска противвредност за стоки и услуги и над 5.000.000 евра во денарска противвредност за работи, ги подготвува потребните акти врз основа на извештајот од спроведена постапка, ги ажурира податоците кои согласно со овој закон се доставуваат во ЕСЈН, објавува негативна референца во ЕСЈН, дава насоки и упатства на договорниот орган во врска со постапување во жалбената постапка во соработка со комисијата, се грижи за досиејата од спроведени постапки согласно со прописите за канцелариско и архивско работење и врши други работи согласно со овој закон.

Наведенава одредба јасно укажува кои работи поврзани со јавните набавки лицето самостојно ги извршува, а во кои истото учествува заедно со лицата од организацискиот облик кој ја искажал потребата од конкретната набавка, како и комисијата.

Од друга страна, со член 79 став 2 од законот, се пропишуваат работите кои комисијата во зависност од постапката за јавна набавка, ги врши и тоа: учествува во изработката на тендерската документација, спроведува технички дијалог со економските оператори, одговара на прашања и барања за појаснување на тендерската документација, ги отвора понудите или пријавите за учество, ја утврдува способноста на економските оператори, утврдува избрани кандидати, ги проверува техничките понуди поднесени од понудувачите во врска со условите и барањата од техничките спецификации или од описната документација, ги проверува финансиските понуди поднесени од понудувачите во врска со цената и соодветните финансиски и други услови утврдени во тендерската документација, утврдува неприфатливи понуди, како и причините заради кои тие понуди се сметаат за неприфатливи, утврдува прифатливи понуди и/или соодветни понуди, предлага најповолна понуда или поништување на постапката, подготвува извештај за спроведената постапка, ги известува учесниците во постапката за исходот од соодветната постапка, учествува во изготвувањето одговор по жалба и други работи согласно со овој закон.

Така, од наведенава одредба јасно може да се утврди кои работи комисијата самостојно ги извршува, а во кои учествува заедно со лицето за јавни набавки, како и организацискиот облик кој ја искажал потребата од конкретната набавка.

Додека, одговорно лице на договорниот орган ја носи одлука за јавна набавка, одлука за избор или поништување а во одредени случаи и годишниот план.

Дали лице вработено во одделение за финансиски прашања, смее да биде член во комисија за јавна набавка?

Одговорното лице со одлуката за јавна набавка меѓу другото, ги назначува претседателот и членовите на комисијата за јавна набавка, нивниот број и нивните заменици. Законот експлицитно не определува кои лица можат (не можат) да бидат членови на комисијата за јавни набавки (во смисла на нивна стручна спрема, работно место на кое се наоѓаат, работно искуство и сл.). Единствен услов кој го поставува законот, во однос на составот на комисијата за јавна набавка, е во случаите кога се доделува договор за јавна набавка со проценета вредност над 130.000 евра во денарска противвредност за стоки и услуги и над 5.000.000 евра во денарска противвредност за работи, задолжително да членува лице кое има потврда за положен испит за лице за јавни набавки. Така, законот не пропишува дали лицето кое кај договорниот орган е распоредено на работно место сметководител, односно во организациониот облик во кој се вршат работи од областа на финансиските прашања, смее да биде член на комисијата за јавни набавки. Доколку, вакво ограничување постои во друг материјален закон, во тој случај договорниот орган треба да ги почитува и одредбите на тој закон.

Дали лица кои не се во редовен работен однос можат да бидат членови на комисијата за јавна набавка?

Со членот 79 од законот, се пропишуваат работите кои комисијата во зависност од видот на постапката ги врши, се задолжуваат членовите на истата да постапуваат согласно со Кодексот на однесување при спроведување на јавните набавки, а бројот на членови мора да е непарен.

Имајќи предвид дека законот не воспоставува дргуи услови како на пример формата на работниот однос кои членовите на комисијата треба да го засноваат со договорниот орган, во предвид треба да се имаат и материјалните прописи со кои се регулира работниот однос и правата и обврските кои произлегуваат од него, како и материјалните прописи врз основа на кои се ангажирани тие лица.

Дали само лицата од организацискиот облик за јавни набавки треба да бидат членови на комисијата?

Лицето од организацискиот облик за јавни набавки согласно со член 80 став 3 алинеја 7 од законот задолжително учествува како член во комисијата кај постапките за јавна набавка со проценета вредност над 130.000 евра во денарска противвредност за стоки и услуги и над 5.000.000 евра за работи.

Од друга страна, секој договорен орган ја утврдува својата организациона поставеност (т.е. организациони единици дирекции, сектори, одделенија) која треба да му овозможи успешно реализирање на неговите законски надлежности. Ова укажува на потребата токму тие организациски единици (кои имаат стручност, искуство, знаење и вештини за работите од нивен делокруг), и кои ја искажале потребата од конкретната јавна набавка да учествуваат и како членови во комисијата со оглед дека при евалуација на техничките понуди од особено значење е поседувањето на стручно знаење за предметот на набавка.

Дали лицата од организацискиот облик за јавни набавки треба да бидат членови на комисијата која е задолжена да ја спроведе набавката со вредност под 130.000 евра за стоки и услуги, и под 5.000.000 евра за работи?

Лицето/лицата за јавни набавки (кога проценетата вредност на набавката е под 130.000 евра во денарска противвредност за стоки и услуги и под 5.000.000 евра во денарска противвредност за работи) нема законска обврска да членува во комисијата за јавна набавка, туку ја советува комисијата при спроведување на постапката со упатства и насоки кои се во функција на спроведување на постапката за јавна набавка во согласност со основните принципи на законот, кои овозможуваат постапката да биде транспарентна, недискриминирачка и која ќе овожможи рационално користење на јавните средства.

Сепак, договорниот орган со одлуката за јавна набавка го назначува составот на комисијата и може и за набавката со вредност под 130.000 евра за стоки и услуги, и под 5.000.000 евра за работи, да назначи да членуваат и лица од организацискиот облик за јавни набавки.

Како да постапи економскиот оператор доколку тендерската документација содржи нејаснотии или контрадикторни барања?

Со оглед дека тендерската документација има клучна улога во постапката за јавна набавка, таа треба да ги содржи сите неопходни информации и мора да се изготви на јасен, недвосмислен, целосен и неутрален начин кој ќе обезбеди споредливост на понудите.

Во случај истата да не е изготвена на горенаведениот начин, укажуваме на член 81 став 4 од законот, согласно кој договорниот орган е должен да одговори на сите прашања или барања за појаснување или измени кои економските оператори можат да ги постават во врска со тендерската документација.

Сепак, со цел да се добијат соодветни одговори прашањата или барањата за појаснување или измени на тендерската документација, економските оператори треба да ги постават најмалку осум дена пред крајниот рок за поднесување понуди или пријави за учество кај отворената или ограничената постапка, односно шест дена кај поедноставената отворена постапка и четири дена кај набавката од мала вредност со објавување оглас.

Дали договорниот орган може да ја измени тендерската документација?

Договорниот орган согласно со член 81 став 5 од законот, може по свое наоѓање или врз основа на поднесените прашања или барања од економските оператори, да ја измени или дополни тендерската документација.

Сепак, измените или дополнувањата на тендерската документација договорниот орган може да ги направи не подоцна од шест дена од крајниот рок за поднесување на понудите или пријавите за учество кај отворената или ограничената постапка, односно четири дена кај поедноставената отворена постапка и два дена кај набавката од мала вредност со објавување оглас.

На кој начин економските оператори се известуваат за извршените измени или дополнувања на тендерската документација?

Измените и дополнувањата на тендерската документација, согласно со член 81 став 6 од законот, договорниот орган без надоместок и во најкус можен рок ги прави достапни на ист начин како што ја направил достапна тендерската документација.

Што треба да содржи тендерската документација?

Содржината на тендерската документација, зависи од видот на постапката, која договорниот орган ја спроведува и во основа особено содржи:

  • општи информации во врска со договорниот орган,
  • упатства во врска со законските рокови и неопходните услови за учество,
  • минималните критериуми за утврдување способност и документација што треба да ја поднесат понудувачите или кандидатите за да го докажат исполнувањето на критериумите за утврдување способност,
  • технички спецификации или во случај на примена на конкурентен дијалог, постапки со преговарање и партнерство за иновации, описна документација,
  • упатства во врска со изработка и поднесување на техничката и финансиската понуда,
  • детална и целосна информација во врска со критериумите за избор на најповолна понуда,
  • упатства во врска со правната заштита во постапка за јавна набавка и
  • информации во врска со задолжителните одредби од договорот за јавна набавка.

Со техничките спецификации што се се дефинира?

Со техничките спецификации согласно со член 82 став 4 од законот, се дефинираат потребните карактеристики на стоките, услугите или работите. Овие карактеристики може да се однесуваат и на одреден процес или метод на производство или обезбедување на бараните стоки, услуги или работи, или на одреден процес од друга фаза во нивниот животен век, дури и доколку таквите фактори не се составен дел од нивната материјална содржина, под услов карактеристиките да се поврзани со предметот на набавка како и да бидат сразмерни со вредноста и целите на набавката.

При дефинирање на техничките спецификации на што треба да внимава договорниот орган?

Техничките спецификации мора да им обезбедат на сите економски оператори еднаков пристап до постапката за јавна набавка и не смеат неоправдано да ја попречуваат пазарната конкуренција во јавните набавки.

Согласно со член 82 став 8 од законот, договорниот орган не смее да дефинира технички спецификации кои упатуваат на конкретно производство, изведба, определен процес или трговски марки, патенти, видови или специфично потекло на стоки со цел фаворизирање или елиминирање определени економски оператори или определени стоки.

Во случај кога не е можно да се даде доволно прецизен опис на предметот на договорот за сите заинтересирани страни, дали договорниот орган може да ги дефинира техничките спецификации со упатување на конкретно производство, изведба, определен процес или трговски марки и сл?

Ваквото упатување е дозволено само во исклучителен случај кога со примена на одредбите од  член 82 од законот, не е можно да се даде доволно прецизен опис на предметот на договорот за сите заинтересирани страни и задолжително треба да е придружено со зборовите „или еквивалентно“.

Дали како доказ за исполнување на барањата од техничката спецификација може да се бараат мостри?

Со техничките спецификации согласно со член 82 став 4 од законот, се дефинираат потребните карактеристики на стоките, услугите или работите и истите може да се однесуваат и на одреден процес или метод на производство или обезбедување на бараните стоки, услуги или работи, или на одреден процес од друга фаза во нивниот животен век, дури и доколку таквите фактори не се составен дел од нивната материјална содржина, под услов карактеристиките да се поврзани со предметот на набавка како и да бидат сразмерни со вредноста и целите на набавката.

Согласно со ставот 11 од горенаведениот член, понудувачот во својата понуда мора со сите соодветни средства, вклучувајќи ги и оние од членот 84 од овој закон, да докаже дека стоките, услугите или работите што се во согласност со стандардот ги исполнуваат условите за извршување или функционални карактеристики одредени од страна на договорниот орган.

Ова значи дека при евалуација на техничката понуда треба да се прифатат сите соодветни докази преку кои комисијата може да утврди дека понудените стоки, услуги или работи се во согласност со дефинираните технички спецификации.

Од друга страна, при утврдување на способноста на економските оператори, договорниот орган утврдува дали постојат причини за исклучување од постапката и дали се исполнети условите за квалитативен избор утврдени во членовите 89, 90, 91 и 92 од овој закон.

Еден од условите за квалитативен избор на економските оператори може да биде и техничката или професионалната способност. Доколку, договорниот орган го користи овој услов треба да утврди минимални услови кои економските оператори треба да ги исполната за да се увери дека ги имаат потребните човечки и технички ресурси за квалитетно извршување на договорот.

Доказите со кои во постапките за јавни набавки, се докажува техничката и професионалната способност на економскиот оператор се пропишани со член 95 став 8 од законот. Така, согласно со член 95 став 8 под ј) во постапката, техничката и професионалната способност на економскиот оператор во однос на стоките што треба да се набават, може да се докаже со:

  • мостри, опис и/или фотографии на производи кои се предмет на испорака, а чија веродостојност економскиот оператор е должен да ја потврди доколку тоа го побара договорниот орган и
  • сертификати и извештаи издадени од надлежни тела за контрола за квалитет со признаена компетентност, а кои ја тестираат погодноста на производите што јасно била утврдена со упатувањата кон спецификациите и стандардите.

Од наведеново произлегува дека во случај на набавка на стоки, заради исполнување на условите за квалитативен избор во делот на техничката или професионалната способност на економските оператори, договорниот орган како доказ може да бара мостри, опис и/или фотографии на производи, како и/или сертификати и извештаи издадени од надлежни тела за контрола за квалитет со признаена компетентност. Со помош на овие докази ќе се утврди дека економскиот оператор ја има потребната техничка и професионална способност да ја произведе стоката која се бара, односно ќе се утврди процесот или метод на кој се произведува стоката која се набавува.

Оттука, во зависност од предметот на набавка (негова специфичност, комплексност и сл.) треба да одлучите дали при утврдување на условите за квалитативен избор на економските оператори, ќе ја утврдувате и техничката или професионалната способност, и дали и кои докази ќе ги барате за докажување на истата. Од друга страна, комисијата во фазата на евалуација треба да ги прифати сите соодветни докази преку кои ќе утврди дека понудените стоки, услуги или работи се во согласност со дефинираните технички спецификации.

При утврдување на способноста на економските оператори, договорниот орган кои услови ги утврдува?

Согласно со член 87 од законот, при утврдување на способноста на економските оператори, договорниот орган утврдува:

  • дали постојат причини за исклучување од постапката,
  • дали се исполнети условите за квалитативен избор утврдени во членовите 89, 90, 91 и 92 од овој закон и
  • дали се исполнети стандардите за системи за квалитет и стандардите за управување со животната средина утврдени во членовите 93 и 94 од овој закон.

Како услови за квалитативен избор на економскиот оператор договорниот орган што може да користи?

Способноста на економските оператори согласно со член 89 став 1 од законот, договорниот орган може да ја утврди преку следниве услови за квалитативен избор:

а) способност за вршење професионална дејност;

б) економска и финансиска состојба и

в) техничка и професионална способност.

Кои од условите за квалитативен избор договорниот орган задолжително ги утврдува, а кои може (но не мора) да ги утврди?

Договорниот орган согласно со член 89 став 4 од законот, задолжително ја утврдува способноста за вршење професионална дејност, а може да ги утврди економската и финансиската состојба и техничката и професионалната способност.

Дали доказот со кој економскиот оператор ја докажува способноста за вршење професионална дејност, не смее да биде постар од шест месеци од крајниот рок за поднесување понуди или пријави за учество?

Не. Оваа обврска согласно со член 95 став 6 од законот, се однесува само на документите со кои се докажува дека не постојат причини за исклучување не економскиот оператор од постапката и истите не смее да бидат постари од шест месеци од крајниот рок за поднесување понуди или пријави за учество.

Во случај кога договорниот орган ќе одлучи да ги утврди економската и финансиската состојба и техничката и професионалната способност, како треба да постапи?

Договорниот орган во огласот за јавна набавка, во поканата за потврдување интерес или во периодичното индикативно известување во случаите кога се користи како замена за оглас, ги наведува условите потребни за учество, кои се изразуваат како минимални параметри, вклучувајќи ги и релевантните докази.

Сепак,треба да има предвид дека во постапката за јавна набавка ги вклучува само оние услови што се неопходни за да се увери дека економскиот оператор е способен да го изврши договорот, при што сите услови мора да се директно поврзани и сразмерни со предметот на јавната набавка, неговата сложеност и вредност, односно на делот од предметот на набавка кај деливите набавки.

Дали договорниот орган како доказ за исполнетоста на поставениот услов за техничка и професионална способност може да бара листа на завршени договори во последните 5 години со исполнување на одредени ставки (асфалтирање, тампонирање…) во која треба да се наведе и вредноста (не помала од одреден износ), а проценетата вредност на набавката не е објавена?

Во постапките за јавни набавки, техничката и професионалната способност на економскиот оператор согласно со член 95 став 8 под б) од законот, може да се докаже со листа на работи извршени во последните пет години, со приложување потврда за задоволителна изведба на најважните работи. Со цел да се обезбеди соодветно ниво на конкуренција, договорниот орган може, доколку e тоа неопходно, да ги земе предвид доказите за изведени работи пред повеќе од пет години, што го наведува во тендерската документација.

Договорниот орган согласно со член 89 став 3 од законот, во постапката за јавна набавка ги вклучува само оние услови што се неопходни за да се увери дека економскиот оператор е способен да го изврши договорот, при што сите услови мора да се директно поврзани и сразмерни со предметот на јавната набавка, неговата сложеност и вредност, односно на делот од предметот на набавка кај деливите набавки.

Кога договорниот орган ќе постапи спротивно на одредбите на законот, економски оператор кој има правен интерес за добивање на договорот за јавна набавка или рамковната спогодба и кој претрпел или би можел да претрпи штета од евентуално прекршување на одредбите од овој закон, може да бара правна заштита против одлуките, дејствијата и пропуштањата за преземање дејствија од страна на договорниот орган во постапката за јавна набавка.

При спроведување на постапка за јавна набавка на опрема (со значиетелн износ која ретко се продава на домашниот пазар) дали како услов за квалитативен избор може да се бара економскиот оператор (производителот доколку економскиот оператор се разликува од производителот), да има продадено одреден број на парчиња од опремата (како минимум), што ја нуди во последни 3 години? Дали би можел овој услов да се постави без при тоа да се смета дека се користи способност од друг субјект, во смисла на член 95 од ЗЈН?

Во постапка за јавна набавка договорниот орган како услови за квалитативен избор на економските оператори може да ги користи само условите утврдени во член 89 став 1 од законот, односно:

  • способност за вршење професионална дејност;
  • економска и финансиска состојба и
  • техничка и професионална способност.

Согласно со ставот 3 од горенаведениот член, договорниот орган, во постапката за јавна набавка ги вклучува само оние услови што се неопходни за да се увери дека економскиот оператор е способен да го изврши договорот, при што сите услови мора да се директно поврзани и сразмерни со предметот на јавната набавка, неговата сложеност и вредност, односно на делот од предметот на набавка кај деливите набавки.

Од податоците изнесени во прашањето произлегува дека преку условот што е поставен треба да се утврди способноста на понудувачот (или на производителот, доколку понудувачот се јавува во својство на трговец). Сепак, треба да се има предвид дека доколку производителот не поднесе понуда, истиот би требало да има својство на субјект чија способност економскиот оператор ја користи. Од аспект на законот, економскиот оператор во постапката за јавна набавка може да ја користи способноста на друг субјект за докажување на исполнетоста на условите за квалитативен избор во врска со релевантно стручно искуство само доколку другиот субјект ќе ги изведува работите или ќе ги обезбедува услугите за кои се бара таквата способност. Од изнесеново произлегува дека при набавка на стоки, економскиот оператор не би можел да користи способноста на друг субјект во однос на релевантно стручно искуство.

Од друга страна, а имајќи предвид дека описот на предметот на набавка содржи технички спецификации со кои меѓуостанатото се дефинира нивото на квалитет, би можелa да се разгледа можноста во делот на техничката спецификација на предметот на набавка, a во функција на потврдување на квалитетот да се постави услов согласно кои економските оператори (за опремата која ја нудат) да достават доказ за нејзина продаваност.

Сепак, договорниот орган треба да има предвид дека при спроведувањето на јавните набавки е должен да ги почитува начелата на слободно движење на стоките, слобода за основање, слобода за обезбедување услуги, како и начелата на економичност, ефикасност, конкуренција помеѓу економските оператори, транспарентност, еднаков третман на економските оператори и сразмерност.

Во постапката за јавна набавка учествува и група на економски оператори, а дел од групата се и странски економски оператори. Со оглед дека се бара важечка лиценца за изведба на работи и овластувања за техничкиот кадар, дали може да се прифатат важечките лиценци и овластувања издадени од земјата во која странските економски оператори се регистрирани?

Согласно со член 90 став 2 од законот, при утврдување на способноста за вршење професионална дејност на економските оператори договорниот орган бара и доказ издаден од надлежен орган за исполнување на посебните услови за вршење на дејноста пропишани согласно со закон кои се однесуваат на предметот на јавна набавка. Постојат одредени дејности за кои е потребно поседување посебна лиценца, дозвола или сертификат за да може да се врши таа дејност. Овие посебни лиценци, дозволи или сертификати што се предвидени со материјалните прописи треба да се имаат предвид и се применливи во јавните набавки. Како такви, договорниот орган треба да бара од економскиот оператор да достави доказ дека поседува соодветна лиценца, дозвола или сертификат за вршење на овие дејности, ако тоа се бара со материјалните прописи. Општата бизнис клаузула кај ваквите дејности не е доволна за да се докаже способноста за вршење на професионална дејност.

Во однос на важењето на бараните лиценци и овластувања, предвид треба да се имаат и материјалните прописи со кои се уредува предметот на набавка, со цел да се утврди дали лиценците и овластувањата издадени од надлежни органи каде странските економски оператори се регистрирани, според принципот за заемно признавање, може да се прифатат како еквивалентни на бараните.

Во постапка во која се бара економските оператори да имаат одредена економска и финансиска способност за извршување на договорот, и каде услов за учество е економските оператори да имаат одреден минимален годишен приход во последните три години, дали економски оператор кој е новоформиран треба да биде отфрлен од постапката?

Договорниот орган согласно со член 95 став 7 точка г) од законот, како доказ за економската и финансиската состојба на економските оператори може да побара, и извод од целокупниот приход на претпријатието (податок од билансот на успех издаден од надлежен орган, односно ревидиран биланс на успех) и, онаму каде што се бара, изјава за приходот во областа која се покрива со договорот за јавна набавка, и тоа најмногу за последните три финансиски години за кои се расположливи ваквите информации во зависност од датумот на кој претпријатието е основано или започнало со работа и во зависност од достапноста на таквите информации.

Од изнесеново произлегува дека, новоснован економскиот оператор бараниот услов за квалитативен избор во делот на економската и финансиската состојба, треба да го има исполнето во периодот во кој ја врши дејноста.

Дали економскиот оператор во постапката за јавна набавка, заради исполнување на условите во делот на техничката или професионалната способност, може да ја користи способноста на физички лица?

Економски оператор согласно со член 2 став 1 точка 6 од законот, е секое физичко или правно лице или група такви лица, вклучувајќи ги и сите привремени здружувања, кои на пазарот или во постапките за јавни набавки нудат стоки, услуги или работи. Од изнесеното произлегува дека и физичко лице може да се јави како субјект чија способност економскиот оператор може да ја користи заради исполнување на условите за квалитативен избор во делот на техничката или професионалната способност. При тоа, договорниот орган и за физичкото лице чија способност ја користи економскиот оператор проверува дали ги исполнува потребните услови за квалитативен избор и дали постојат причини за негово исклучување.

Во случај кога физичко лице се јавува како субјект чија способност економскиот оператор користи, којa од причините за исклучување утврдени во членот 88 ги проверува договорниот орган?

Договорниот орган ги проверува оние причини за негово исклучување од постапката, за кои физичкото лице може да достави докази  (на пр, изјава дека во последните пет години не му е изречена правосилна судска пресуда за сторено кривично дело кое ги има елементите на кривичните дела определени во член 88 став 1, потврда дека не му е изречена споредна казна забрана за учество во постапки за јавен повик …., потврда дека не му е изречена споредна казна привремена или трајна забрана за вршење на одделна дејност, потврда дека не му е изречена прекршочна санкција забрана за вршење професија, дејност или должност, односно привремена забрана за вршење одделна дејност, како и потврда за платени даноци – ддв доколку е ддв обврзник или персонален данок). Што значи дека физичкото лице не може да достави само потврда дека не е во постапка на стечај или во постапка на ликвидација.

Физичките лица подолунаведените документи треба да ги обезбедат од надлежен суд според местото на раѓање, и тоа:

  • потврда дека не му е изречена споредна казна забрана за учество во постапки за јавен повик, доделување на договори за јавна набавка и договори за јавно-приватно партнерство;
  • потврда дека не му е изречена споредна казна привремена забрана за вршење на одделна дејност или единствен документ за докажување на способноста и
  • потврда дека не му е изречена споредна казна трајна забрана за вршење на одделна дејност или единствен документ за докажување на способноста.

Имено, казнена евиденција согласно член 106 став 1 од Кривичниот законик, ја води првостепениот суд надлежен според местото на раѓање на осудениот. Согласно со ставот 4 од член 106 од КЗ, податоци од казнената евиденција можат на образложено барање да им се дадат и на државни органи, правни или физички лица ако уште траат определени правни последици од осудата или казни што се состојат во забрани или ако за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон.

Што се смета за валиден доказ со кој субјектот на економскиот оператор му ги стави на располагање соодветните ресурси?

Договорниот орган е тој кој во тендерската документација треба да ги наведе сите неопходни информации за конкретниот предмет на набавка со цел економските оператори да може квалитетно и навремено да ја изготват и поднесат својата понуда, односно да го дефинира документот кој ќе го смета за валиден (договор за деловно-техничка соработка, изјава заверена на надлежен орган и сл).

Кога во постапката за јавна набавка, економскиот оператор заради исполнување на условите за квалитативен избор користи способноста на други субјекти, за субјектот чија способност се користи што проверува договорниот орган?

Договорниот орган во постапката за јавна набавка треба да провери дали субјектот чија способност ја користи економскиот оператор ги исполнува потребните услови за квалитативен избор и дали постојат причини за негово исклучување од постапката. При тоа, договорниот орган во конкретната постапка ја проверува исполнетоста на условите за кавлитативен избор во делот на способноста која е релевантна, односно која економскиот оператор ќе ја користи од него.

Дали во постапката за јавна набавка, заради исполнување на условите во делот на способноста за вршење на професионална дејност – поседување на лиценци или дозволи за вршење на предметот на набавка, економскиот оператор може да користи способноста на други субјекти?

Економскиот оператор во постапката за јавна набавка, заради исполнување на условите за квалитативен избор во делот на економската и финансиската состојба и техничката или професионалната способност може да користи способноста на други субјекти.

Законот не предвидува можност заради исполнување на условите за квалитативен избор во делот на способност за вршење професионална дејност, економскиот оператор во постапката за јавна набавка да користи способноста на други субјекти.

Дали економски оператор во постапката за јавна набавка може да ја користи способноста на друг субјект во врска со образовните и стручните квалификации или релевантно стручно искуство?

Економски оператор согласно со член 96 став 2 од законот, во постапката за јавна набавка може да ја користи способноста на друг субјект за докажување на исполнетоста на условите за квалитативен избор во врска со образовните и стручните квалификации или релевантно стручно искуство само доколку другиот субјект ќе ги изведува работите или ќе ги обезбедува услугите за кои се бара таквата способност. Наведеново барање упатува на тоа дека во конкретниов случај субјектот чија способност се користи треба да биде подизведувач.

Дали економскиот оператор во постапката за јавна набавка може да користи референтна листа од друг субјект?

Економскиот оператор согласно член 96 став 2 од законот, може во постапката за јавна набавка да ја користи способноста на друг субјект за докажување на исполнетоста на условите за квалитативен избор во врска со релевантно стручно искуство само доколку другиот субјект ќе ги изведува работите или ќе ги обезбедува услугите за кои се бара таквата способност. Од изнесеново произлегува дека и за релевантното стручно искуство (референтна листа) економскиот оператор може да ја  користи способноста на други субјекти, но само доколку другиот субјект ги изведува работите или ги обезбедува услугите.

Дали економскиот оператор во постапката за јавна набавка може да користи способноста на други субјекти во однос на билансот на состојба и билансот на успех?

Согласно со член 96 ставот 5 од законот, кога економскиот оператор користи способност од друг субјект во однос на условите што се однесуваат на економската и финансиската состојба, договорниот орган може да побара економскиот оператор и субјектот кој дава поддршка да преземат солидарна одговорност за извршување на договорот. Од изнесеново произлегува дека економскиот оператор може да ја  користи способноста на други субјекти во однос на условите што се однесуваат на економската и финансиската состојба. Од друга страна, договорниот орган во ваков случај може (но немора) да побара економскиот оператор и субјектот кој дава поддршка да преземат солидарна одговорност за извршување на договорот.

При набавка на моторни бензини и дизел горива, како и електрична енергија, дали задолжително се применува член 99 став 4 од законот, односно дали  за избор на најповолна понуда може да се користи само  цената?

Постапките за јавни набавки се спроведуваат согласно Законот за јавните набавки, важечките подзаконски акти, како и материјалните прописи кои го уредуваат предметот на набавка.

Согласно член 99 став 4 од законот, доколку цената на одредена стока или надоместокот за одредена услуга е пропишан со закон или друг пропис, договорниот орган нема да ја користи цената како критериум за избор на најповолна понуда во постапката за јавна набавка. При тоа се мисли на цена која со закон или друг пропис е пропишана како фиксна (не на максимална или минимална) и која економскиот оператор следејќи ги пазарните услови нема можност да ја намалува.

Според член 149 од Законот за енергетика, во согласност со прописот од членот 28 став 3 од овој закон, Регулаторната комисија за енергетика донесува одлука за највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати и горива за транспорт.

Имајќи го предвид горенаведеното, во постапка за јавна набавка на нафтени деривати и горива,  може да се користи цената како критериум за избор на најповолна понуда, од причина што согласно материјалните прописи кои ја регулираат оваа област, Регулаторната комисија за енергетика не ја пропишува цената, во смисла на член 99 став 4 од Законот за јавни набавки, туку донесува одлука за највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати и горива за транспорт, поради што постои можност за намалување на истите. Исто така не е регулирана ниту цената на електричната енергија (освен за домаќинставата).

Кога критериум за избор на најповолна понуда е најдобриот однос помеѓу цената и квалитетот, ако за елементот квалитет економскиот оператор добие 0 (нула) бодови, дали неговата понудата треба да се отфрли како неприфатлива?

Договорниот орган го доделува договорот за јавна набавка врз основа на економски најповолната понуда. Согласно со член 99 став 2 од законот, економски најповолната понуда може да се утврди и како најдобар однос помеѓу цената и квалитетот што се оценува врз основа на критериуми, вклучувајќи квалитативни, еколошки и социјални аспекти поврзани со предметот на набавка.

Кога договорниот орган одлучил да го оценува квалитетот, тоа значи дека заради специфичност на предметот на набавка, квалитетот на истата е особено важен, поради што е неопходно истиот да се обезбеди преку дополнително поставени барања кои се бодуваат (а не само преку дефинирањето на техничката спецификација на предметот на набавка). Од друга страна, економски најповолната понуда се утврдува како најдобар однос помеѓу цената и квалитетот кога не е можно прецизно да се утврди квалитетот како минимални услови од техничките спецификации. Оттука, ако бројот на освоени бодови за критериумот квалитет е 0 (нула), таквата понуда се смета за неприфатлива од причина што истата не соодветствува на барањата за квалитет дефинирани со техничката спецификација.

Воедно, во рамки на критериумот „квалитет“ кај некој од подкритериумите може да се добијат 0 (нула) бодови, но не и за целиот критериум. Имено, кога економски најповолната понуда се утврдува како најдобар однос помеѓу цената и квалитетот, договорниот орган ги наведува подкритериумите на критериумот „квалитет“, кои мора да бидат објективни, адекватни за идентификација на економската предност и што е можно померливи. Оттука, договорниот орган треба внимателно да ги определи подкритериумите на критериумот „квалитет“ и истите да ги квантифицира, односно да им даде адекватен број на бодови.

Дали во тендерската документација можеме да наведеме дека од носителот на набавката ќе бараме гаранција за обезбедување во гарантниот период?

Договорниот орган согласно со член 104 став 1 од законот, со тендерската документација може да утврди и други видови гаранции согласно со посебен закон и во зависност од природата на предметот на набавка за аспекти од договорот кои не се опфатени со гаранција на понудата, гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот и гаранција за авансно плаќање.

Согласно со ставот 2 од горенаведениот член, во случај кога договорниот орган бара друг вид гаранции, во тендерската документација го предвидува видот и условите на гаранцијата.

Наведеново значи дека, би можело да се предвиди гаранција за обезбедување во гарантниот период, а во тендерската документација треба јасно да се предвидат условите за истата.

Дали во сите постапки за јавни набавки како гаранција на понудата може да се бара банкарска гаранција?

Не, договорниот орган не може да бара банкарска гаранција како гаранција на понудата кај набавка од мала вредност и поедноставена отворена постапка. Кај овие постапки договорниот орган може да бара изјава за сериозност на понудата.

Банкарската гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот, носителот на набавката кога ја доставува, пред или по потпишување на договорот?

Договорните страни согласно со член 116 став 1 од законот, го склучуваат договорот за јавна набавка или рамковната спогодба во писмена форма во рамки на рокот на важност на најповолната понуда, но не подоцна од 30 дена од денот на конечноста на одлуката за избор.

Одлуката за избор станува конечна по завршување на постапката за јавна набавка и истекот на рокот на мирување, во кој не е поднесена жалба. Доколку е поднесена жалба, по донесување на одлуката на Државната комисија за жалби со која жалбата се одбива како неоснована.

Од изнесеното произлегува дека, банкарската гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот треба да се достави по конечноста на одлуката за избор, а пред потпишување на договорот во рок кој го определува договорниот орган.

Доколку, согласно политиките банката не издава банкарски гаранции пред потпишување на договорот истиот може да се потпише, а при тоа да се предвиди одредба согласно која договорот ќе стапи на сила по депонирање на банкарската гаранција.

Кога договорот за јавна набавка се смета за целосно реализиран од аспект на член 102 став 6 од законот, во кој на носителот на набавката треба да му се врати банкарската гаранција?

Гаранцијата за квалитетно и навремено извршување на договорот согласно со член 102 став 6 од законот, му се враќа на носителот на набавката во рок од 14 дена од денот на целосното реализирање на договорот за јавна набавка.

Реализацијата на договорот зависи од предметот на набавка (стоки, услуги или работи). Оттука, во предвид треба да се имаат материјалните прописи како и добрата пракса. На пример, ако станува збор за изведување на работи, договорот се смета за целосно реализиран по извршениот технички прием на работите (предмет на набавка) и извршеното примопредавање. Ако станува збор за договор за јавна набавка на стоки или услуги, банкарската гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот ќе се врати по испорака на стоките или извршувањето на услугите со што се смета дека договорот за јавна набавка се реализирал.

Дали економски оператор коj има негативна референца има право на учество во постапки за доделување на договори за јавни набавки?

Договорниот орган согласно со член 88 став 3 од законот, го исклучува економскиот оператор од постапката за јавна набавка доколку до крајниот рок за поднесување на понудите или пријавите за учество е на листата на издадени негативни референци.

При тоа, економскиот оператор кој има една или повеќе негативни референци, неможе да учествува во постапката за јавна набавка ниту како подизведувач, ниту како субјект чија способност може да се користи (заради исполнување на условите за квалитативен избор во делот на економската и финансиската состојба и техничката или професионалната способност), ниту како член на група на понудувачи.

Кој дава предлог за активирање на банкарската гаранција / изјавата за сериозност?

Доколку економскиот оператор ја повлече својата понуда пред истекот на периодот на нејзината важност или не ја прифати исправката на аритметичките грешки, предлогот за активирање на банкарска гаранција/изјавата за сериозност го дава комисијата за јавна набавка, во извештајот од спроведената постапка. Во останатите случаи односно доколку избраниот понудувач не го потпише договорот за јавна набавка согласно со условите од тендерската документација и доставената понуда или не ја обезбеди гаранцијата за квалитетно и навремено извршување на договорот, предлогот за активирање на банкарска гаранција/изјавата за сериозност го поднесува лицето/организациониот облик за јавни набавки.

Што претставува изјавата за сериозност на понудата?

Изјавата за сериозност на понудата претставува инструмент на заштита на договорните органи од несериозни понудувачи и истата е алтернатива на гаранцијата на понуда. Воведувањето на изјавата за сериозност на понудата резултира со погодности за двете страни. Така, договорниот орган е заштитен од несериозни економски оператори, а економскиот оператор не се изложува на непотребни дополнителни трошоци за вадење на банкарски гаранции.

Во случај на активирање на банкарската гаранција на понудата/изјавата за сериозност, каква обврската има договорниот орган?

Кога, договорниот орган ја активира банкарската гаранција на понудата или изјавата за сериозност, мора да издаде негативна референца. Негативната референца се објавува на ЕСЈН и истата е јавна, така што и другите договорни органи при евалуација на понудите ќе можат да проверат дали некој економски оператор ќе треба да го исклучат од постапката поради постоење на причини за исклучување. Имено, договорниот орган има обврска да издаде негативна референца  на секој економски оператор доколку во текот на постапката се исполни некој од условите предвидени во член 101 став 6 од законот. Издавањето на негативна референца резултира со исклучување на предметниот понудувач од сите идни постапки за јавни набавки во период од шест месеци од денот на објавувањето на референцата. При секоја наредна негативна референца периодот на исклучување се зголемува за дополнителни три месеци, не повеќе од една година.

Дали договорниот орган е должен да ја наплати банкарската гаранција на понудата, односно да ја активира изјавата за сериозност на понудата?

Да, договорниот орган задолжително ја наплаќа банкарската гаранција на понудата/ја активира изјавата за сериозност на понудата ако понудувачот: 

  • ја повлече својата понуда пред истекот на периодот на нејзината важност,
  • не ја прифати исправката на аритметичките грешки од страна на комисијата,
  • не го потпише договорот за јавна набавка согласно со условите од тендерската документација и доставената понуда или
  • не ја обезбеди гаранцијата за квалитетно и навремено извршување на договорот, ако договорниот орган ја предвидел во тендерската документација.

Во време на поднесување на понудата за економскиот оператор на ЕСЈН немаше објавена негативна референца. Но, во текот на евалуацијата на понудите за истиот беше објавена негативна референца на ЕСЈН, дали да се исклучи од постапката?

Договорниот орган согласно со член 88 став 3 од законот, го исклучува економскиот оператор од постапката за јавна набавка доколку до крајниот рок за поднесување на понудите или пријавите за учество е на листата на издадени негативни референци. Што значи дека во наведениов случај не постои законски основ за негово исклучување од постапката.

Дали може да се склучи договор за јавна набавка со избраниот понудувач бидејќи рокот (од 30 дена од денот на конечноста на одлуката за избор) во кој истиот треба да се склучи истекува набргу, а понудувачот бара банкарската гаранција за квалитетно и навремено извршување да ја достави во рок од 7 (седум) дена по склучувањето на договорот?

Договорните страни согласно член 116 став (1) од законот, го склучуваат договорот за јавна набавка или рамковната спогодба во писмена форма во рамки на рокот на важност на најповолната понуда, но не подоцна од 30 дена од денот на конечноста на одлуката за избор.

Од изнесеното произлегува дека, банкарската гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот треба да се достави по конечноста на одлуката за избор, а пред потпишување на договорот во рок кој го определува договорниот орган.

Доколку, согласно политиките банката не издава банкарски гаранции пред потпишување на договорот или истата неможе да се обезбеди пред потпишување на договорот од одредени објективни околности (кои не можат да му се стават на товар на понудувачот) истиот може да се потпише, а при тоа да се предвиди одредба според која договорот ќе стапи на сила по депонирање на банкарската гаранција.

Сепак, предвид треба да се има и член 101 став (6) алинеја 4 од законот, согласно кој договорниот орган ја наплаќа банкарската гаранција на понудата/ја активира изјавата за сериозност ако понудувачот не ја обезбеди гаранцијата за квалитетно и навремено извршување на договорот.

Тоа би значело дека, во случај понудувачот да не ја достави банкарската гаранција во бараниот рок од 7 (седум) дена по склучувањето на договорот, договорот не би стапил на сила, а договорниот орган ќе го примени член 101 став (6) алинеја 4 од Законот.

Дали понудувачот може да ја искаже цената на понудата во валута различна од денари?

Понудувачот согласно со член 105 став 4 и 7 од законот, ја доставува понудата со цена во која се засметани сите трошоци и попусти на вкупната цена на понудата, без ДДВ кој се искажува посебно, во денари или во валута како што е утврдено во тендерската документација.

Понудувачот може да ја искаже цената на понудата во валута различна од денарот, но само доколку договорниот орган тоа го дозволи, односно доколку во тендерската документација ја утврди валутата или валутите во кои може да се изрази цената на понудата, како и валутата што ќе се користи за евалуација на понудите. Курсната листа што ќе се користи е онаа на Народната банка на Република Македонија, а курсевите за размена се оние што важеле 14 дена пред крајниот рок за поднесување на понудите.

Како се изразува цената на понудата?

Цената на понудата согласно со член 105 став 6 од законот, се изразува за вкупниот предмет на набавка и во неа се засметани сите трошоци и попусти на вкупната цена на понудата, без ДДВ кој се искажува посебно, во денари (или во валута) како што е утврдено во тендерската документација.

Доколку предметот на набавка е поделен во делови, цената на понудата се изразува посебно за оној дел за кој се поднесува понудата согласно со тендерската документација.

Дали понудувачот може да ја измени, замени или да ја повлече својата понуда?

Да, понудувачот може да ја измени, замени или да ја повлече својата понуда, но тоа треба да го стори пред истекот на крајниот рок за поднесување на понудите.

Доколку, својата понуда ја повлече по отварањето на понудите ризикува договорниот орган во ЕСЈН да му објави негативна референца врз основа на член 101 став 6 алинеја 1 од законот.

Дали договорниот орган може да побара од понудувачите продолжување на периодот на важност на понудите?

Да, во исклучителни случаи кои не настанале по негова вина (елементарни непогоди, епидемии и сл), договорниот орган може да побара од понудувачите продолжување на периодот на важност на понудите.

Договорот за поднесување групна понуда кои податоци треба да ги содржи?

Договорот за поднесување групна понуда е договор со кој членовите во групата економски оператори меѓусебно и кон договорниот орган се обврзуваат за извршување на договорот за јавна набавка, и истиот треба да ги содржи следниве податоци:

  • членот на групата што ќе биде носител на групата, односно што ќе ја поднесе понудата и ќе ја застапува групата пред договорниот орган,
  • членот на групата кој во име на групата економски оператори ќе го потпише договорот за јавна набавка,
  • членот на групата што ќе ја издаде фактурата и сметка на која ќе се вршат плаќањата,
  • краток опис на обврските на секој од членовите на групата економски оператори за извршување на договорот

Секако, договорот за поднесување групна понуда може да содржи и други податоци кои договорниот орган ќе ги (смета за битни) и ќе ги утврди во тендерската документација.

Дали член во групата економски оператори може да се повлече од групата пред склучување на договорот за јавна набавка?

Член во групата економски оператори согласно со член 106 став 7 од законот, не може да се повлече од групата економски оператори до склучување на договорот за јавна набавка доколку:

  • е носител на групата економски оператори,
  • групата економски оператори не може да го докаже исполнувањето на критериумите за утврдување способност што се барале во постапката без тој член или
  • останатите членови од групата солидарно не ги преземаат обврските на членот од групата кој сака да се повлече од групата економски оператори.

Повлекувањето на член од групата економски оператори спротивно на погоренаведеното се смета за повлекување на групната понуда.

Дали при поднесување на понуда од група на понудувачи, сите членови на групата треба да се регистрирани на ЕСЈН?

Секој член на група кој сака да учествува на јавни набавки треба да биде регистриран на ЕСЈН во согласност со член 4 од Правилникот за начинот на користење на ЕСЈН (Сл.весник на РСМ бр. 64/2019). Оттаму, доколку понудувачот настапува во група, сите членови на групата треба задолжително да бидат регистрирани на Електронскиот систем за јавни набавки, и тоа во моментот на поднесување на понудата. При поднесувањето на понудата на ЕСЈН, носителот на групата означува дека истата е групна понуда и од системот ги одбира сите членови. Оваа функционалност на ЕСЈН е воведена со цел поголема транспарентност, олеснување, подобрување и следливост на поднесените понуди, а со цел членовите на групата да бидат автоматски прикажани и при отворањето на понудите, и за истите системот автоматски да изврши проверка дали се на листата на негативни референци. Со воведување на оваа техничка можност на ЕСЈН се обезбедуваат и подетални статистички податоци за учествата на понудувачите на постапките за јавни набавки.

Дали периодот на важноста на понудата се смета од денот на отварање на понудите или од денот на донесување на одлуката за избор на најповолна понуда.

Периодот на важност на понуда го утврдува договорниот орган во тендерската документација, а истиот се смета од денот кој е определен како краен рок за поднесување на понуди, на начин утврден во член 65 од законот. Овој период треба да е доволен договорниот орган да ги преземе сите дејствија за избор на најповолна понуда и склучување на договор за јавна набавка.

Во случај на групна понуда дали условите (и доказите) дека не постојат причини за исклучување од постапката и дека се исполнети условите за квалитативен избор треба да ги исполнуваат (и поседуваат) сите членови на групата економски оператори поединечно?

Во постапките за јавни набавки согласно со член 106 став 2 од законот, може да учествуваат и групи економски оператори, вклучувајќи ги и привремените здружувања, согласно со прописите за заштита на конкуренцијата.

Составен дел на групна понуда согласно со член 106 став 5 од законот, е договор за поднесување групна понуда со кој членовите во групата економски оператори меѓусебно и кон договорниот орган се обврзуваат за извршување на договорот за јавна набавка, а кој особено ги содржи следниве податоци: членот на групата што ќе биде носител на групата, односно што ќе ја поднесе понудата и ќе ја застапува групата пред договорниот орган, членот на групата кој во име на групата економски оператори ќе го потпише договорот за јавна набавка, членот на групата што ќе ја издаде фактурата и сметка на која ќе се вршат плаќањата, краток опис на обврските на секој од членовите на групата економски оператори за извршување на договорот  и други податоци кои договорниот орган ќе ги утврди во тендерската документација.

Во случај на група економски оператори, договорниот орган проверува за секој член од групата дали постојат причини за негово исклучување од постапката, а воедно сите членови од групата треба да ја докажат способноста за вршење професионална дејност (да достават ДРД образец).

При утврдување на способноста за вршење професионална дејност на економските оператори согласно со член 90 став 2 од законот, договорниот орган бара и доказ издаден од надлежен орган за исполнување на посебните услови за вршење на дејноста пропишани согласно со закон кои се однесуваат на предметот на јавна набавка. Тоа значи дека, во случај на потреба од поседување на посебни лиценци, членот од групата економски оператори кој ќе ги дава услугите, односно ќе ги врши работите треба да ја поседува бараната лиценца, дозвола или овластување, како договорниот орган би ја оценил понудата за прифатлива. Ова треба да биде јасно видливо од договорот за поднесување групна понуда, кој се доставува заедно со понудата. Во случај, кога од одредбите на договорот не е јасно видливо кој од групата ќе ги пружа услугите, односно ќе ги изведува работите за кои е потребна бараната лиценца, или кога поради природата на предметот на набавка не е можно да се оддели реализацијата на договорот помеѓу учесниците во групата на понудувачи, сите економски оператори од групата треба да ги поседуваат бараните лиценци.

Во постапката за јавна набавка, заради исполнување на условите за квалитативен избор во делот на економската и финансиската состојба и техничката или професионалната способност, групата економски оператори може да ја користи способноста на членовите во групата на начин утврден во ставовите 1, 2,  3, 4 и 5 од член 96. Тоа значи дека, во случај на група економски оператори сите членови заедно (не поединечно) треба да ги исполнат минималните барани  услови со кои ќе се потврди дека економските оператори ги имаат потребните економско-финансиски и техничко-професионални капацитети.

Во однос на исполнување на условите за квалитативен избор во делот на техничката или професионалната способност во врска со образовните и стручните квалификации или релевантно стручно искуство, истите треба да ги исполнува оној член од групата кој ќе ги изведува работите или ќе ги обезбедува услугите за кои се бара таквата способност. Ова треба да биде јасно видливо од договорот за поднесување групна понуда.

Во соодветни случаи каде што природата на предметот на набавка го оправдува користењето на стандардите за системи за квалитет и/или стандардите за управување со животната средина, договорниот орган може да бара од економските оператори да се придржуваат кон тие стандарди. Со нив се потврдува дека понудувачот се придржува на определени стандарди за системи на квалитет, односно за управување со животната средина за целокупниот производствен или деловен процес. Во случај на група економски оператори сите членови на групата поединечно треба да докажат дека производствениот или деловниот процес им е контролиран, односно дека при одвивањето на истиот се придржуваат до конкретните барани сертификати. Тоа значи дека сите економски оператори од групата треба да ги поседуваат бараните стандарди за системи за квалитет, односно за управување со животната средина.

Во случај на група економски оператори (каде еден член е странско правно лице), дали странското правно лице може да ја достави гаранцијата за квалитетно и навремено извршување на договорот и истата да биде издадена од банка во неговата матичната земја?

Учеството на групи економски оператори во постапките за јавни набавки е уредено со членот 106 од законот. Наведениов член, а и законот не содржи забрана според која членот на групата – странското правно лице не би можело да ја достави гаранцијата за квалитетно и навремено извршување на договорот издадена од банка во неговата матичната земја.

Со банкарската гаранција банката се обврзува спрема примачот на гаранцијата – договорниот орган дека во носителот на набавката да не му ја исполни обврската во рокот на стасаноста, ќе му ја намири обврската ако бидат исполнети условите наведени во гаранцијата. Гаранцијата мора да биде издадена во писмена форма. Она што е особено важно е банкарската гаранција да содржи клаузула “без приговор”, на “прв повик” или зборови што имаат исто значење.

Сепак, во однос на наведеново прашање предвид треба да се имаат и одредбите од законот што ги уредува облигационите односи.

Дали членот на групата што ќе ја издаде банкарската гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот, треба да ја издаде и фактурата кон договорниот орган?

Учеството на групи економски оператори во постапките за јавни набавки е уредено со членот 106 од законот. Наведениов член, а и законот не содржи обврска според која членот на групата што ќе ја издаде банкарската гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот, треба да ја издаде и фактурата кон договорниот орган.

Имено, составен дел на групна понуда согласно со член 106 став 5 од законот, е договор за поднесување групна понуда со кој членовите во групата економски оператори меѓусебно и кон договорниот орган се обврзуваат за извршување на договорот за јавна набавка. При тоа, договорот треба да ги содржи следниве податоци:

  • членот на групата што ќе биде носител на групата, односно што ќе ја поднесе понудата и ќе ја застапува групата пред договорниот орган,
  • членот на групата кој во име на групата економски оператори ќе го потпише договорот за јавна набавка,
  • членот на групата што ќе ја издаде фактурата и сметка на која ќе се вршат плаќањата,
  • краток опис на обврските на секој од членовите на групата економски оператори за извршување на договорот и
  • други податоци кои договорниот орган ќе ги утврди во тендерската документација.

Треба да се има предвид дека овие податоци се законскиот минимум кој треба да биде содржан во договорот за групна понуда. Воедно, алинејата 5 од став 5 на член 106, дава можност од страна на договорниот орган да бидат побарани и други елемент.

Оттука, треба внимателно да се прочитаат сите барања и услови поставени во тендерската документација, а доколку постојат одредени дилеми да се постапи согласно со член 81 став 4 од законот, односно да се постави прашање или барање за појаснување или измени на тендерската документација, при тоа внимавајќи истите да бидат поднесени најмалку осум дена пред крајниот рок за поднесување понуди или пријави за учество, односно шест дена кај поедноставената отворена постапка и четири дена кај набавката од мала вредност со објавување оглас.

Дали членот на групата што ќе ја издаде фактурата треба да биде регистриран во некоја правна форма и да поседува жиро сметка во Македонија?

Договорниот орган нема да бара од групата економски оператори да има соодветна правна форма како услов за поднесување групна понуда или групна пријава за учество. Но, договорниот орган, по извршениот избор на најповолна понуда, од групата економски оператори согласно со член 106 став 9 од законот, може да побара, тие да се здружат во соодветна правна форма заради извршување на договорот.

Во однос на поседувањето на жиро сметка (од страна на странско правно лице член во групата) во предвид ќе треба да се земат и прописите со кои се уредува платниот промет во нашата држава.

Дали постои ограничувања во однос на тоа кој може да биде носител на група, ако се зема предвид докажувањето на финансиската и техничка и професионална способност?

Во постапките за јавни набавки согласно со член 106 став 2 од законот, може да учествуваат и групи економски оператори, вклучувајќи ги и привремените здружувања, согласно со прописите за заштита на конкуренцијата.

Составен дел на групна понуда е договор за поднесување групна понуда со кој членовите во групата економски оператори меѓусебно и кон договорниот орган се обврзуваат за извршување на договорот за јавна набавка. Еден од законски пропишаните податоци кој овој договор треба да го содржи е и податокот за членот на групата што ќе биде носител на групата, односно што ќе ја поднесе понудата и ќе ја застапува групата пред договорниот орган.

Законот не содржи ограничување во однос на тоа кој член на групата треба да биде носител на групата. Согласно со член 104 став 3 и 4, договорниот орган е обврзан во тендерската документација да појасни како групите економски оператори ќе ги исполнат условите за утврдување на економската и финансиската состојба или техничката и професионалната способност, доколку е тоа сразмерно и оправдано од објективни причини. Додека, условите за извршување на договорот за јавна набавка, кои мора да ги исполнуваат групите економски оператори, а кои се различни од оние што важат за поединечните учесници во постапката за јавна набавка, мора да бидат сразмерни и оправдани од објективни причини.

Воедно, предвид треба да се има и член 96 став 6 од законот, согласно кој групата економски оператори може да ја користи способноста на членовите во групата или на други субјекти на начин утврден во ставовите (1), (2), (3), (4) и (5) на овој член.

Дали еден ист економски оператор кој во постапката за јавна набавка не поднел самостојна понуда, ниту е член во групна понуда, може во повеќе делови (кога предметот на набавка е оформен во делови) да учествува како субјект чија способност ја користат економските оператори?

Кандидатот, односно понудувачот, во рамките на иста постапка за јавна набавка согласно со член 107 став 1 од законот, може да учествува само во една пријава за учество, односно понуда. Сите пријави за учество, односно понуди согласно со ставот 2 од наведениот член ќе бидат отфрлени ако кандидатот, односно понудувачот:

  • учествува во повеќе од една самостојна и/или како член во групна пријава за учество, односно понуда или
  • учествува како подизведувач во друга самостојна и/или како член во групна пријава за учество, односно понуда.

Тоа значи дека, економскиот оператор кој не се јавува како понудувач, може да се јави во улога на поддршка на повеќе понудувачи за различни лотови во истата постапка. Имено, тој економски оператор не се јавува директно како учесник во постапката за јавна набавка (понудувач), туку како поддршка на други економски оператори.

Дали при евалуацијата на понудите комисијата може да побара понудувачите да ги појаснат или дополнат документите за утврдување на способноста?

Да, при проверка на комплетноста и валидноста на документацијата за утврдување на способноста на понудувачот и при евалуација на понудата согласно со член 109 став 2 од законот, комисијата може да побара понудувачите да ги појаснат или дополнат документите, доколку не станува збор за значителни отстапувања од бараната документација.

Сепак, комисијата треба да внимава со користење на бараните појаснувања или дополнувања, да не создава предност во корист на одреден економски оператор.

Дали при евалуацијата на понудите комисијата може да побара понудувачите да ги појаснат техничките и/или финансиските понуди?

Комисијата и при евалуација на техничката и финансиската понудата согласно со член 109 став 2 од законот, може да побара понудувачите да ги појаснат истите.

Сепак, комисијата освен појаснување на техничката и финансиската понудата, не смее да дозвол никакви промени во финансиската и техничката понуда, освен исправката на аритметички грешки.

Дали при евалуацијата на понудите комисијата може од понудувачот дополнително да ја побара изјавата за сериозност?

Договорниот орган согласно со член 101 став 1 од законот, бара гаранција на понудата во вид на банкарска гаранција или изјава за сериозност на понудата и тоа го наведува во огласот и во тендерската документација. Согласно со ставот 5 од горенаведениот член, гаранцијата на понудата се доставува заедно со понудата и не може дополнително да се достави по истекот на рокот за поднесување на понудите.

Од изнесеното произлегува дека изјавата за сериозност се дава како гаранција на понудата и истата се доставува заедно со понудата и не може дополнително во фазата на евалуација да се бара да се достави.

Дали при евалуацијата на понудите комисијата може од понудувачот дополнително да побара да ги достави мострите (кој го барал во тендерската документација) и со кои докажува дека ги исполнува барањата од техничка документација?

Доколку барањето на мостри е во функција на утврдување на карактеристиките на предметот на набавка и истите се барани во рамки на техничките спецификации, комисијата  во фазата на евалуација на понудите истите не би можела да ги бара од причина што ставот 4 од член 109 од законот, и забранува да бара или дозволува промени во техничката понуда.

  1. Дали при евалуацијата на понудите комисијата може од понудувачот дополнително да побара да го достави моделот на договор?

При проверка на комплетноста и валидноста на документацијата за утврдување на способноста на понудувачот и при евалуација на понудата согласно со член 109 став 2 од законот, комисијата може да побара понудувачите да ги појаснат или дополнат документите, доколку не станува збор за значителни отстапувања од бараната документација. Комисијата не смее да создава предност во корист на одреден економски оператор со користење на бараните појаснувања или дополнувања.

Имајќи предвид дека во горенаведената одредба се вели „дополнат документите“ (не документите за утврдување способност како што беше во стариот закон) во текот на евалуацијата комисијата може да побара доставување на моделот на договор.

Комисијата при евалуација може да побара понудувачите да ги појаснат или дополнат документите, доколку не станува збор за значителни отстапувања од бараната документација. Што се подразбира под значително отстапување?

При проверка на комплетноста и валидноста на документацијата за утврдување на способноста на понудувачот и при евалуација на понудата согласно со член 109 став 2 од законот, комисијата може да побара понудувачите да ги појаснат или дополнат документите, доколку не станува збор за значителни отстапувања од бараната документација. Комисијата не смее да создава предност во корист на одреден економски оператор со користење на бараните појаснувања или дополнувања.

Од изнесеното произлегува дека комисијата може да побара дополнување на документацијата доколку не станува збор за значителни отстапувања како на пр. недоставување на изјава за сериозност или договор за групна понуда во случај кога станува збор за група на понудувачи.

При евалуација на понудите дали комисијата треба да ги прифати документите за утврдување способност кои понудувачот дополнително ги доставил и се со датум по јавното отворање?

Не, во отворената постапка дополнително доставените документи мора да се со рок пред јавното отворање на понудите.

Во поедноставена отворена постапка како ќе постапи комисијата доколку понудувач чија понуда е предложена за најповолна, не ги достави потребните документи во определениот рок?

Со законот не е определен минимален временски рок во кој понудувачот чија понуда е оценета за најповолна треба да ги достави документите за утврдување способност.

Тоа значи дека комисијата има слобода да го определи временски рок за доставување на документите за утврдување способност водејќи сметка истиот да биде разумен и примерен, односно доволен да овозможи обезбедување на потребните документи за утврдување способност.

Доколку понудувачот чија понуда била оценета за најповолна не ги достави бараните документи договорниот орган ќе смета дека понудувачит согласно со член 101 став 6 алинеја 1 од законот  ја повлекол својата понуда пред истекот на периодот на нејзината важност, и согласно со 7 од наведениот член, ќе ја активира изјавата за сериозност и  во ЕСЈН ќе објави негативна референца.

Дали во поедноставена отворена постапка комисијата може да ги прифати документите за утврдување на способност кои се издадени и по крајниот рок за поднесување на понудите?

Да, согласно со член 49 став 5 од законот, комисијата ги прифаќа документите за утврдување на способност кои се издадени и по крајниот рок за поднесување на понудите.

Дали се прифатливи документи за докажување на способноста на економските оператори издадени од надлежни органи на странска држава. Документите соодветствуваат на документите кои се издаваат во нашата држава, со тоа што некои од бараните документи се споени во еден документ?

Согласно член 95 став 5 од законот, ако земјата во која е регистриран економскиот оператор не ги издава документите од ставот 4 на овој член, или ако тие не ги опфаќаат сите случаи од членот 88 на овој закон, договорниот орган прифаќа изјава што економскиот оператор ја заверува кај надлежен орган. Тоа значи дека, ако доставените документи соодветствуваат на документите кои се издаваат во нашата држава (некои од бараните документи се споени во еден документ), истите треба да се прифатат како валидни.

Доколку во постапката документите од понудата се потпишани од лице што е овластено од одговорното лице на економскиот оператор, а при тоа во првичната понуда доставена преку ЕСЈН нема приложено овластување (полномошно) од овластениот потписник (управителот) на правното лице како составен дел на понудата, дали истото дополнително може да се бара?

Документите кои се составен дел на понуда (финансиска и техничка понуда, изјави) ги потпишува со дигитален сертификат лицето кое е овластен потписник на правното лице, односно управителот или лице ополномоштено од него. Според член 109 став 2 од законот, при проверката на комплетноста и валидноста на документацијата за утврдување на способноста на понудувачот и при евалуација на понудата, комисијата може да побара понудувачите да ги појаснат или дополнат документите, доколку не станува збор за значителни отстапувања од бараната документација. Имајќи предвид дека целта на постапката за јавна набавка е врз основа на што е можно поголем број на конкурентни понуди да се избере најповолната, односно онаа која ќе значи најголем квалитет за парите, а со оглед на тоа што документацијата е доставена и потпишана со дигитален сертификат, доколку не постои друга причина за отфрлање, комисијата може дополнително да побара да се достави овластување за лицето кое дигитално ги потпишало документите, и истото да се земе во предвид при евалуацијата на понудата само доколку е валидно и со важност во моментот на потпишување и поднесување на понудата, имајќи во предвид дека лицето кое ја потпишува понудата требало да биде овластено пред да ја потпише истата.

Дали понудата од економски оператор кој учествува во електронска постапка како правно лице, може да биде потпишана со дигитален сертификат на физичко лице?

Согласно Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис „Сертификат е потврда во електронски облик со кој се потврдува врската меѓу податоците за проверка на електронски потпис со одредено лице, носителот на сертификатот и идентитетот на тоа лице“. Со видовите сертификати кои се издаваат од страна на овластените издавачи на серификати во РМ- КИБС и Телеком се прави дистинкција помеѓу физички лица (за приватна употреба) и правни лица (професионална употреба). Преку серификат за физичко лице не може да се утврди правното лице кое стои зад понудата. Поради тоа, во постапките за доделување на договори за јавни набавки, исклучиво се користат сертфикати за професионална употреба, затоа што само преку нив се потврдува врската помеѓу носителот на сертификатот и правното лице – понудувачот. Комуникацијата во постапките за јавни набавки се одвива помеѓу економскиот оператор (како правно лице) и договорниот орган, освен во случај кога економски оператор или понудувач е самото физичко лице.

Како да се постапи во случај кога се добиени две прифатливи понуди, а вредноста на една понудата е за повеќе од 50% пониска од просечната цена на прифатливите понуди и е за повеќе од 20% пониска од следната рангирана понуда?

Договорниот орган согласно со член 110 став 1 од законот, бара од економскиот оператор, во примерен рок не пократок од пет дена, да ја објасни цената или трошокот наведен во понудата, доколку смета дека понудата содржи невообичаено ниска цена во однос на стоките, услугите или работите што се предмет на набавка или доколку постои сомнеж дека договорот ќе биде извршен. Договорниот орган, во секој случај бара објаснување на цената доколку вредноста на понудата е за повеќе од 50 % пониска од просечната цена на прифатливите понуди и е за повеќе од 20 % пониска од следната рангирана понуда, во случај да има добиено најмалку три прифатливи понуди.

Од наведенава одредба произлегува дека договорниот орган може да побара од економскиот оператор, да ја објасни цената или трошокот наведен во понудата, доколку смета дека понудата содржи невообичаено ниска цена или доколку постои сомнеж дека договорот ќе биде извршен. Втората реченица од одредбата воведува обврска за договорниот орган задолжително да побара објаснување на цената во случај кога има добиено најмалку три понуди, а една од нив е за повеќе од 50 % пониска од просечната цена на прифатливите понуди и е за повеќе од 20 % пониска од следната рангирана понуда.

Во конкретниот случај (независно од фактот што се добиени само две понуди) доколку сметате дека понудата содржи невообичаено ниска цена во однос на предметот на набавка или кај вас постои сомнеж дека договорот ќе биде навремено и кавлитетно извршен за дадената цена, нема пречка да постапите според наведенава одредба (првата реченица од член 110 став 1) и да побарате објаснување за дадената цена.

Кога по спроведена е-аукција, цената на некоја понуда е намалена за повеќе од 50% и се чини како невообичаено ниска цена, како да се постапи?

Доколку постои сомнеж  (независно во која фаза постапката се наоѓате пред или по е-аукција) дека понудата цена е невообичаено ниска во однос на предметот на набавка или постои сомнеж дека договорот ќе биде навремено и кавлитетно извршен за дадената цена, нема пречка договорниот орган да постапи согласно со член 110 од законот, и да побара објаснување за дадената цена.

Во кој момент од постапката треба да побараме објаснување за невообичаено ниска цена, односно дали објаснување треба да се побара пред да се закаже е-аукцијата или по завршувањето на е-аукцијата?

Доколку сметате (независно во која фаза од постапката се наоѓате пред или по е-аукција) дека понудата цена е невообичаено ниска во однос на предметот на набавка или кај вас постои сомнеж дека договорот ќе биде навремено и кавлитетно извршен за дадената цена, нема пречка да постапите според наведенава одредба и да побарате објаснување за дадената цена.

Дали двата услови од член 110 став 1 од законот, треба да се исполнат за да се постави прашање за невообичаено ниска цена?

Договорниот орган може да побара од економскиот оператор, да ја објасни цената или трошокот наведен во понудата, доколку смета дека понудата содржи невообичаено ниска цена или доколку постои сомнеж дека договорот ќе биде извршен. Втората реченица од наведенава одредба воведува обврска за договорниот орган задолжително да побара објаснување на цената во случај кога има добиено најмалку три понуди, а една од нив е за повеќе од 50 % пониска од просечната цена на прифатливите понуди и е за повеќе од 20 % пониска од следната рангирана понуда. Условот од втората реченица е кумулативен што значи треба да се добиени најмалку три понуди а едната од нив мора да е за повеќе од 50 % пониска од просечната цена на прифатливите понуди и е за повеќе од 20 % пониска од следната рангирана понуда. Сепак во конкретниов случај нема пречка доколку сметате  дека понудата цена е невообичаено ниска во однос на предметот на набавка или кај вас постои сомнеж дека договорот ќе биде навремено и кавлитетно извршен за дадената цена, да постапите според наведенава одредба (првата реченица од член 110 став 1) и да побарате објаснување за дадената цена.

Истовремено, напоменуваме дека во однос на правилото наведено во втората реченица од горенаведениот член, во случај кога е предвидено спроведување на е-аукција како начин на доделување на договорот за јавна набавка, договорниот орган би требало да го примени по спроведената е-аукција.

Кои докази да се бараат и достават заради оправдување на невообичаено ниската цена?

Договорниот орган може да побара од економскиот оператор, да ја објасни цената или трошокот наведен во понудата, доколку смета дека понудата содржи невообичаено ниска цена или доколку постои сомнеж дека договорот ќе биде извршен. Втората реченица од наведенава одредба воведува обврска за договорниот орган задолжително да побара објаснување на цената во случај кога има добиено најмалку три понуди, а една од нив е за повеќе од 50 % пониска од просечната цена на прифатливите понуди и е за повеќе од 20 % пониска од следната рангирана понуда.

Од друга страна, согласно со ставот 2 од горенаведениот член, објаснувањето на цената треба да се однесува на:

  • економичност на производствениот процес, на обезбедувањето услуги или на начинот на градење,
  • избраните технички решенија или кои било други особено поволни услови кои понудувачот ги има на располагање за обезбедување на стоките или услугите или за изведувањето на работите,
  • оригиналноста на стоките, услугите или работите понудени од страна на понудувачот,
  • исполнувањето на обврските од членот 3 став (2) од овој закон,
  • исполнувањето на условите во поглед на подизведувачите и
  • можноста понудувачот да користи државна помош.

Од изнесеното произлегува дека, објаснувањето за дадената цена треба да е засновано на параметрите на кои е изразена како што е економичност на производствениот процес, оригиналноста на стоките, избраните технички решенија и сл.

При евалуација на понудата утврдено е дека за една ставка понудувачот нема дадено единечна цена. Но, во вкупната цена (кога ќе се соберат сите ставки) постои разлика што упатува дека во вкупната цена е засметана и ставката која не содржи единечна цена. Дали во овој случај станува збор за аритметичка грешка?

Понудувачот согласно со член 105 став 1 од законот, ја изготвува понудата во согласност со тендерската документација.

Од друга страна согласно со член 109 став 4 од законот, при евалуација на понудата никакви промени во финансиската и техничката понуда, освен исправката на аритметички грешки, не смеат да се бараат, нудат или да се дозволат од страна на комисијата.

Начинот на исправка на аритметичка грешка е утврден со Правилник за начинот на исправка на аритметичка грешка во фазата на евалуација на понудите.

Имајќи предвид дека евалуацијата на понудите ја спроведува комисијата, истата треба да утврди дали во конкретниот случај може да се применат пропишаните начини за корекција на аритметичките грешки. Доколку тоа не е возможно во тој случај, не станува збор за корекција на аритметичка грешка.

Дали договорниот орган може да ја спроведе постапката во тековната година, а да го реализира договорот во наредната година?

Планирањето на јавните набавки, е уредено со член 75 од законот, согласно кој договорниот орган носи план за своите вкупни потреби за набавки во тековната година, каде што го определува и очекуваниот почеток на постапката, проценетата вредност на договорот и видот на постапката. Годишниот план за јавни набавки ги содржи вкупните потреби за набавки во тековната година по видови на стоки, услуги и работи според ЗПЈН, очекуваниот почеток на постапката, проценетата вредност на договорот или рамковната спогодба и видот на постапката за доделување на  договорот или рамковнатаспогодба.

Во годишниот план за јавни набавки согласно со член 4 од Правилникот за формата, содржината како и начинот на изготвување на годишниот план за јавни набавк („Службен весник на РМ“ бр.64/19), се внесуваат и договорите кои ќе се реализираат повеќе од една година, и тоа во годишниот план за јавни набавки за годината кога е планирано да се спроведе постапката за јавна набавка.

Од изнесеново произлегува дека договорниот орган има обврска во планот за јавни набавки да ги предвиди сите постапки кои планира да ги започне во тековната година, независно дали нивната реализација ќе отпочне во тековната или во наредната година. При тоа, финансиските обврски кои произлегуваат од договорите, а кои ќе доспеат наредната година, ќе треба да бидат предвиди во буџетот, финансискиот или инвестициониот план во годината во која истите ќе треба да се исплатат. Оттука и обврската на договорниот орган во одлуката за јавна набавка да го наведе износот и изворот на средствата потребни за реализација на договорот. Добрата пракса налага вкупниот иснос на средствата потребни за реализација на договорот да се подели по годините во кои ќе се извршува договорот.

Ако дојде до раскинување на договорот заради негово ненавремено или неквалитетно извршување, како ќе постапи договорниот орган?

Ако дојде до раскинување на договорот за јавна набавка заради негово ненавремено или неквалитетно извршување, согласно со член 112 став 5 од законот, договорниот орган може да склучи договор со следниот рангиран понудувач, ако цената не е повисока од 5% во однос на првично избраната понуда.

Доколку, понудата на следниот рангиран понудувач е повисока од 5% од првично избраната понуда оваа можност не би можела да се искористи.

Исто така, доколку во постапката за јавна набавка нема следно рангиран понудувач, односно понудувачот со кој бил слкучен договорот бил единствен кој доставил понуда, во тој случај ќе треба да се спроведе нова постапка за јавна набавка.

Доколку периодот на важност на понудата на следниот рангиран понудувач е истечен (што веројатно е случај), договорниот орган ќе треба на писмено да обезбеди потврда од понудувачот дека останува на условите и цените дадени во понудата.

Како да постапи договорниот орган во случај кога договорот е финансиски исцрпен, а не е истечен временскиот рок на кој е склучен?

Склучениот договор за јавна набавка има важност до целосното реализирање на договорот (временско, вредносно или количинско). Според тоа, договорот за јавна набавка, се смета за исцрпен во моментот кога ќе биде целосно временски, вредносно или количински реализиран. Оттука, по реализирање на договорот (па само и финансиски или количински или временски), договорниот орган за задоволување на потребата од предметната набавка е потребно да спроведе нова постапка за јавна набавка. Се разбира истата претходно треба да биде планирана со годишниот план за набавки за тековната година.

Дали во текот на реализација на договорот ако носителот на набавката открие слабости во техничката документација (која била дел од тендерската документација), може да побара истите да се исправат?

Договорот за јавна набавка согласно со член 116 став 2 од законот, се склучува согласно со условите утврдени во тендерската документација и понудата. Истовремено, договорните страни согласно со член 117 став 1 од законот, го извршуваат договорот за јавна набавка согласно со условите утврдени во тендерската документација и избраната најповолна понуда.

Имајќи го предвид изнесеното, во фазата на реализација на договорот не е дозволено менување на условите, односно во конкретниов случај договорните страни се обврзани договорот да го реализираат во согласност со условите утврдени во тендерската документација и избраната најповолна понуда.

Дали носителот на набавката може еднострано да го раскине договор и кој би биле последиците?

На одговорноста на договорните страни за исполнување на договорните обврски, согласно со член 117 став 3 од законот, покрај одредбите од овој закон, соодветно се применуваат одредбите од законот што ги уредува облигационите односи и материјалните прописи со кои се уредува предметот на набавка.

Во однос на раскинување на договорот предвид треба да се имаат и одредбите од законот што ги уредува облигационите односи, односно во кои случаи може да дојде до еднострано раскинување на договорот и дали во тие случаи другата договорна страна ќе може да бара надомест на штета.

Доколку договорниот орган еднострано го раскине договорот за јавна набавка заради ненавремено и неквалитетно извршување на договорот, кои би биле последиците по носителот на набавката?

Со Законот за јавните набавки не е предвидена можност договорниот орган да издаде негативна референца во случај кога договорот за јавна набавка се раскинува и се активира банкарската гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот.

Спроведена е постапка во која предметот на набавка е поделен на делови и склучен е договор со еден економски оператор за двата дела. Средствата за едниот дел од договорот се целосно исцрпени, а за другиот дел сеуште има расположливи средства. Дали може да се спроведе нова постапка за јавна набавка само за делот од договорот за кој се исцрпени финансиските средства?

Склучениот договор за јавна набавка има важност до целосното реализирање на договорот (временско, вредносно или количинско). Според тоа, договорот за јавна набавка, се смета за исцрпен во моментот кога ќе биде целосно временски, вредносно или количински реализиран.

Треба да се има предвид дека кога предметот на набавка е поделен на делови, договорниот орган има можност да склучи посебен договор за секој дел од предметната набавка, и во таков случај доколку дојде до исцрпување на некој од склучените договори, договорниот орган може да пристапи кон подготовка на нова постапка за јавна набавка за делот/договорот кој што е целосно реализиран, во согласност со член 75 од законот за јавни набавки.

Доколку, договорниот орган со еден економски оператор склучил еден договор за јавна набавка за повеќе делови, тогаш треба да се имаат предвид одредбите од самиот договор за јавна набавка, имајќи предвид дека согласно член 117 став (1) и (3) од Законот за јавни набавки, договорните страни го извршуваат договорот за јавна набавка или рамковната спогодба согласно со условите утврдени во тендерската документација и избраната најповолна понуда, а на одговорноста на договорните страни за исполнување на договорните обврски, покрај одредбите од овој закон, соодветно се применуваат одредбите од законот што ги уредува облигационите односи и материјалните прописи со кои се уредува предметот на набавка.

Во овој случај, договорниот орган би можел да пристапи кон подготовка на нова постапка за јавна набавка за делот кој што е целосно реализиран, доколку одредбите од договор за јавна набавка склучен со економскиот оператор (еден договор за јавна набавка за повеќе делови), не го спречува во тоа.

Дали странско правно лице може да се јави како подизведувач во постапката за јавна набавка?

Економски оператор согласно со член 2 став 1 точка 6 од законот, е секое физичко или правно лице или група такви лица, вклучувајќи ги и сите привремени здружувања, кои на пазарот или во постапките за јавни набавки нудат стоки, услуги или работи. Од изнесеново произлегува дека и странско правно лице може да се јави како подизведувач во постапката за јавна набавка.

Ако како подизведувач се јавува странско правно лице кое е од држава во која не се издаваат некои од документите со кои се докажува дека не постојат причини за исклучување од постапката, кои документи треба да се поднесат?

Ако земјата во која е регистриран економскиот оператор не ги издава документите со кои економскиот оператор докажува дека не постојат причини за негово исклучување од постапката или ако тие не ги опфаќаат сите случаи од членот 88 на овој закон, договорниот орган прифаќа изјава што економскиот оператор ја заверува кај надлежен орган.

Дали понудувачот може целиот договор за јавна набавка да го даде на изведување на подизведувач?

Законот за јавните набавки не содржи одредба која содржи ваква експлицита забрана за давање на целиот договор на подизведувач/чи. Но може да се каже дека оваа забрана се подразбира од начинот на кој е нормирана одредбата од член 118 став 2 алинеја 1 од законот, согласно која понудувачот ги наведува „делот“ од договорот кој планира да го даде на подизведување.

Доколку понудувачот користи подизведувач при извршување на договорот за јавна набавка, што треба да наведе во понудата?

Понудувачот во понудата: ги наведува сите подизведувачи, како и секој дел од договорот за кој има намера да го додели на подизведувачи; доставува контакт податоци за законските застапници на предложените подизведувачи; доставува документација за утврдување способност на предложените подизведувачи и доставува барање од подизведувачот за директно плаќање, доколку подизведувачот го бара тоа.

Дали договорниот орган и за подизведувачот проверува дали постојат причини за исклучување од постапката, и дали се исполнети условите за квалитативен избор?

Договорниот орган и за подизведувачот проверува дали постојат причини за исклучување од постапката, и дали се исполнети бараните услови за квалитативен избор. Треба да се има предвид дека во однос на условите за квалитативен избор договорниот орган треба да провери дали предложениот подизведувач ги исполнува релевантните критериуми за  утврдување на способноста, односно оние услови што се неопходни за да се изврши делот од договорот кој економскиот оператор го дал на подизведувачот.

Кај поедноставена отворена постапка ако економскиот оператор дел од договорот дава на извршување на подизведувач, дали изјавата за способност треба да биде дадена од економскиот оператор или од подизведувачот?

При спроведување на поедноставена отворена постапка, согласно со член 49 став 3 од законот, економскиот оператор има слобода да бира дали ќе достави изјава за докажување на способноста или потребните документи за утврдување на бараната способност. Произлегува дека во оваа постапка, економскиот оператор во понудата ќе ги наведе подизведувачите и деловите кои има намера да ги отстапи, а во однос на потребните документи за докажување на способноста може да достави изјава за докажување на способноста дадена од страна на подизведувачот или потребните документи за утврдување на бараната способност доколку подизведувачот ги има на располагање.

Дали треба да се измени одлуката за јавна набавка со цел да се зголеми вредноста на набавката за 20%, во случај кога се исполнети условите од член 119 за измена на договорот за јавна набавка во текот на неговата важност?

Постапката за јавна набавка согласно со член 128 став 1 од законот, завршува на денот на конечноста на одлуката за избор или за поништување на постапката.

Од наведеното произлегува, дека по завршување не постапката одлуката за јавна набавка не може да се менува во фазата на реализација на договорот.

Договорниот орган согласно со член 117 став 2 од законот, е должен да врши контрола дали извршувањето на договорот за јавна набавка е во согласност со условите од договорот.

Следствено на изнесеново, а имајќи ја предвид одредбата од член 117 став 2 од законот, одговорното лице на договорниот орган е должно да определи лице или организациониот облик кој ќе биде задолжен за следење на реализацијата на предметниот договор.

Во случај кога, договорот за јавна набавка треба да се измени во текот на неговата важност, лицето или организациониот облик (задолжен за следење на реализацијата на договорот) треба до организацискиот облик за јавни набавки и огранизацискиот облик за финансиско работење, да достави барање со пропратна документација (во која е дадено детално образложение за потребата) од измена на договорот и потребните средства кои треба да се обезбедат, со цел да се утврди дали се исполнети условите од член 119 од законот и дали може да се обезбедат потребните средства. Доколку се исполнети условите се пристапува кон склучување на Анекс врз основа на кој ќе може да се вршат плаќања.

Напоменуваме, по завршување не постапката за јавна набавка одлуката за јавна набавка не може да се менува.

При реализација на договорот, носителот на набавката наместо понудениот модел (кој што повеќе не се произведува и за што поседува потврда од производителот), за иста цена нуди модел кој што е со исти технички карактеристики а со подобри перформанси, дали е ова прифатливо за договорниот орган?

Договорот за јавна набавка согласно со член 119 став 1 точка 3 и 5 од законот, може да се измени без спроведување нова постапка за јавна набавка во случај доколку промената е потребна поради околности кои договорниот орган не можел да ги предвиди и суштински не се менува природата на договорот за јавна набавка, или доколку промената, без оглед на нејзината вредност, не е од суштинско значење.

За да се утврди дали измената е од суштинско значење предвид треба да се има ставот 4 од горенаведениот член.

Доколку по извршената проценка (анализа на образложението како и потврдата од производителот дека повеќе не го произведува предметот на набавка) се утврди дека измената не е од суштинско значење, односно поради неа договорот значително не се разликува од првично доделениот договор, може да се пристапи кон негова измена.

Дали при реализација на договор за јавна набавка на работи и при појава на вишоци треба да се примени член 119 од законот?

Согласно со член 117 став 3 од Законот за јавните набавки, на одговорноста на договорните страни за исполнување на договорните обврски, покрај одредбите од овој закон, соодветно се применуваат одредбите од законот што ги уредува облигационите односи и материјалните прописи со кои се уредува предметот на набавка.

Оттука, начинот на постапување во случај на вишоци и кусоци треба да биде уреден со договорот во согласност со професоналните практики во градежништвото, материјалните прописи во градежништвото и материјалните прописи со кои се уредуваат облигационите односи. Согласно со професоналните практики, вишоците и кусоците (меѓусебно се пребиваат) и се внесуваат во градежната книга која ја води изведувачот на работите, а се потврдува од страна на надзорниот инжињер.

Дополнителните и непредвидените работи треба да се регулираат согласно со одредбите кои се однесуваат на измени на договорот за јавна набавка во текот на неговата важност (член 119), водејќи сметка вкупната вредност на измените на договорот за јавна набавка да не надмине 20 % од вредноста на првичниот договор. При тоа во овој процент од 20 % кој не треба да ја надмине вредноста на првичниот договор, освен дополнителните и непредвидените работи се засметуваат и  преостанатите непребиени вишоци.

Во случај на измена на договорот за време на неговата важност согласно со член 119 од законот, како да се утврдат цените на непредвидените и/или дополнителните позиции?

Начинот на утврдување на цените на непредвидените и/или дополнителните позиции, не е пропишан со Законот за јавните набавки. Што значи дека во конкретниов случај би требало да се примени добрата пракса и професоналните практики кои постојат во областа на градежништвото. Така, при утврдување на „цените на непредвидените и/или дополнителните позиции“, пред да се побара цена за позициите кои дополнително треба да се реализираат од носителот на набавката, би можело да се направи истражување на пазарот со цел утврдување на пазарните цени. При истражувањето на пазарот договорниот орган би можел да го вклучи и надзорниот орган како и проектантот.

Кои услуги се сметаат за посебни услуги?

Видовите на посебни услуги согласно со член 121 став 5 од законот ги определува министерот за финансии со Правилник за посебните видови на услуги кои се предмет на договорите за јавни набавки („Службен весник на РМ“ бр. 64/2019). Истиот можете да го најдете на веб страницата на Бирото за јавни набавки – https://www.bjn.gov.mk/wp-content/uploads/2019/05/Pravilnik-za-vidovite-na-posebni-uslugi.pdf.

Од друга страна, согласно со член 2 став 1 точка 35 од законот, „Заеднички поимник за јавни набавки CPV (во натамошниот текст: ЗПЈН)“ е единствен класификациски систем на номенклатури на стоки, услуги и работи што се применува во постапките за јавни набавки и кој обезбедува еднообразност со останатите постојни номенклатури за стоки, услуги и работи.

Имајќи ја предвид одредбата од член 32 став 1 од законот, согласно која во постапките за јавни набавки се користи номенклатурата од ЗПЈН, за да може со сигурност да сe утврди кои услуги се сметаат за посебни треба да се консултираат горенаведените акти.

Доколку проценетата вредност на посебната услуга изнесува 10.000 евра во денарска противвредност, дали треба да се применат одредбите од Законот за јавните набавки?

Да, одредбите од законот се применуваат на постапките за јавни набавки чија проценета вредност без данокот на додадена вредност кај договорните органи од класичниот јавен сектор  е еднаква или поголема од: 10.000 евра во денарска противвредност за посебни услуги.

Доколку, проценетата вредноста на посебната услуга изнесува 9.990 евра во денарска противвредност, договорниот орган нема обврска да ги примени одредбите од законот.

Сепак предвид треба да се има и ставот 6 од член 40, согласно кој вкупната вредност на набавките под вредносните прагови не смее да надмине 12.000 евра во денарска противвредност без вклучен ДДВ во тековната година.

Наведеното значи дека набавките за кои во текот на годината договорниот орган не спровел постапка за јавна набавка, на годишно ниво не смее да го надминат прагот од 12.000 евра во денарска противвредност кај договорни органи од класичниот сектор. Во прагот од 12.000 евра влегуваат и посебните услуги.

Кои критериуми за избор на најповолна понуда е препорачливо да се користат при доделување на договор за јавна набавка на систематски преглед за вработени, со оглед на тоа што цената на услугите е регулирана со Уредбата за видот, начинот, обемот и ценовникот на здравствените прегледи на вработените?

Согласно член 99 став (1) од законот за јавни набавки, договорниот орган го доделува договорот за јавна набавка врз основа на економски најповолната понуда. Економски најповолната понуда, се утврдува врз основа на:

  • цената; или
  • трошоците со користење на пристапот на исплатливост, како што се трошоците во животниот век; или
  • како најдобар однос помеѓу цената и квалитетот.

Согласно член 99 став (4) од законот, доколку цената на одредена стока или надоместокот за одредена услуга е пропишан со закон или друг пропис, договорниот орган нема да ја користи цената како критериум за избор на најповолна понуда во постапката за јавна набавка.

Имајќи го предвид наведеното, кога предмет на набавка се услуги чија цена е пропишана со закон или друг пропис, договорниот орган најповолната понуда треба да ја избере и договорот треба да го додели врз основа на економски најповолната понуда утврдена како најдобар однос помеѓу цената и квалитетот. Во конкретниов случај квалитетот може да вклучува, односно да се состои од квалификации и искуство на персоналот кој ќе ја извршува услугата, доколку квалитетот на ангажираниот персонал може значително да влијае на извршувањето на договорот.

Како се спроведува набавка на посебни – образовни услуги?

Набавката на посебни услуги (во кои влегуваат и образовните услуги), договорниот орган ја врши во согласност со Глава V од законот, поконкретно членовите 121 и 122.

Кога проценета вредност на посебните услуги е над вредностите од членот 40 став 1 под а) алинеја 3 и под б) алинеја 3 (10.000/20.000) од законот, договорниот орган за набавка на истите согласно со член 122 став 1 од законот објавува оглас за јавна набавка. По исклучок, договорниот орган набавката може да ја реализира и со постапката со преговарање без објавување оглас, доколку се исполнети условите за користење на истата.

Кога проценетата вредност на посебните услуги е под вредностите од членот 40 став 1 под а) алинеја 3 и под б) алинеја 3 од законот, договорниот орган набавката на образовните услуги може да ја изврши без примена на одредбите од законот, или да го примени членот 121 став 3, односно да прибере понуди запазувајќи ги начелата на јавните набавки, конкретно конкуренција помеѓу економските оператори, транспарентност, еднаков третман на економските оператори и др. начелата на јавните набавки утврдени со законот.

Дали набавката на посебни услуги треба да биде планирана во Годишниот план за јавни набавки, доколку истата се врши согласно со Глава V од законот?

Доколку набавката на посебни услуги се реализира со примена на Глава V од законот, истата треба да биде планирана во Годишниот план за јавни набавки, а во колоната „Вид на постапка“, треба да наведете „член 121 став 3 или 122“.

Доколку набавката на посебни услуги е спроведена со примена на Глава V од законот, и е склучен договор, дали треба да се објави известување за склучен договор или истиот се внесува во кварталната евиденција?

Доколку набавката на посебни услуги се реализира со примена на Глава V од законот, по спроведување на постапката за исходот од истата договорниот орган согласно со член 122 став 2 од законот, треба да објави поедноставено известување за склучен договор.

Доколку, набавката е спроведена согласно со член 40 став 1 под а) алинеја 3 или под б) алинеја 3  од законот, договорниот орган согласно со член 40 став 5 од законот, е должен истата да ја внесе во квартална евиденција која е јавно достапна на ЕСЈН.

Дали вредносниот праг од 10.000/20.000 евра во денарска противвредност, се однесува на месечно или годишно ниво?

Во однос на висината на вредносните прагови наведени во член 40 став 1 точките а) и б) од законот, треба да се има предвид дека истите не се однесуваат на месечно ниво туку на предмет на набавка. На пример, за набавка на здравствени услуги во март сте исплатиле изност од 2.000 евра, во јули сте набавиле услуги за правно советување во износ од 4.000 евра, тоа значи дека до крајот на годината за посебни услуги на пр. образовни може да потрошите уште 3.990 евра во денарска против вредност.

Сепак, треба да имате предвид дека овие 9.990 евра ќе бидат минусирани од вредносниот праг определен во ставот  6 на член 40, согласно кој  договорните органи од класичниот јавен сектор, во текот на годината можат да набават стоки, услуги, работи и посебни услуги без примена на одредбите од законот во вредност која не смее да надмине 12.000 евра во денарска противвредност во тековната година.

Предвид треба да се имаат и ставовите 2 и 3 од од член 40, согласно кои договорниот орган не смее да користи методи за пресметување на проценетата вредност на договорите за добивање пониска вредност од реалната вредност на набавката, со цел да се избегне одредена постапка, како и дека не смее да врши делење на набавките на повеќе посебни набавки со пониска вредност со цел да се избегне примената на овој закон.

Во случај кога конкурсот за избор на идејно решение се организира како дел од постапка за јавна набавка на услуги, дали проценетата вредност се објавува како вредност на договорот за јавна набавка на услуги, вклучувајќи ги сите потенцијални награди или исплати на учесниците или како вкупен износ на наградите и исплатите?

Со Законот за јавните набавки кој е во примена од 1 април 2019 године, не е предвидена обврска за договорниот орган во огласот задолжително да ја објави проценетата вредност на набавката.

Оттука, ако конкурсот за избор на идејно решение се планира да се организира како дел од постапка за јавна набавка на услуги, може да се објави само вредноста на наградите кои договорниот орган планира да ги додели, а не и проценетата вредност за набавката на услуги за изработка на проектно – техничка документација.

Кога конкурсот за избор на идејно решение се организира како дел од постапка за јавна набавка на услуги, колку изнесува временскиот рок (три, шест, девет месеци) од изборот на идејното решение врз основа на кое треба да се спроведе постапка за јавна набавка на услуги за изработка на проектно-техничка документација?

Договорниот орган согласно член 75 став 1 од законот, врз основа на планираните извори за финансирање, донесува план за своите вкупни потреби за набавки во тековната година по видови стоки, услуги и работи според ЗПЈН, со кој го определува предметот на набавка, очекуваниот почеток на постапката, проценетата вредност на договорот и видот на постапката за јавна набавка.

Од друга страна, постапките со преговарање без објавување на оглас кои се спроведуваат врз основа на член 55 став 1 точка а) и точка г), како и став 3 точки б), г) и д) согласно со член 6 став 2 од од Правилникот за формата, содржината како и начинот на изготвување на годишниот план за јавни набавки („Службен весник на РМ“ бр.64/19), не треба да се внесуваат во годишниот план за јавни набавки.

Од изнесеново произлегува дека постапката со преговарање без објавување на оглас која се спроведува согласно член 55 став 4 точка б), треба да биде внесена во годишниот план за јавни набавки. Тоа значи дека, ако договорниот орган наведенава постапка ја внел во годишниот план за јавни набавки во тековната година, ќе треба да ја спроведе и постапката во тековната година.

Кога конкурсот за избор на идејно решение се организира како дел од постапка за јавна набавка на услуги, а договорниот орган предвидел дека ќе додели една награда, со кого преговара само со првонаградениот?

Постапката со преговарање без објавување на оглас врз основа на член 55 став 4 точка б) од законот, договорниот орган може да ја користи кога предметниот договор следува по спроведување конкурс за избор на идејно решение и се доделува на најдобро рангираниот учесник или на еден од најдобро рангираните учесници. Ако договорот се доделува на еден од најдобро рангираните учесници, договорниот орган ги поканува сите нив да учествуваат во преговорите.

Од изнесеново произлегува дека, договорниот орган во конкурсната документација утврдува дали договорот ќе се додели на најдобро рангираниот учесник (првонаградениот) или на еден од најдобро рангираните учесници, што значи дека договорниот орган треба да преговара со сите наградени учесници, а ќе го избере оној учесник кој е најповолен според критериумот за доделување на договорот.

Бројот на избрани учесници на конкурсот за избор на идејно решение мора да биде доволен за да се обезбеди вистинска конкуренција (член 126 став 4 од законот). Дали оваа одредба го обврзува договорниот орган да предвиди доделување на прва, втора и трета награда (или две први, две втори и две трети награди)?

Бројот на избрани учесници на конкурсот за избор на идејно решение според членот 126 став 4 од законот, мора да биде доволен за да се обезбеди вистинска конкуренција. Иако бројот на избрани учесници не е конкретно дефиниран со законот, договорниот орган тешко ќе може да докаже дека е обезбедена вистинска конкуренција ако има само еден избран учесник на конкурсот. Така што, сметаме дека треба да се предвиди прва, втора и трета награда.

Дали физичко лице (како носител на некоја од предвидените награди) може да учествува во постапката со преговарање имајќи предвид дека ќе треба да ја достави бараната документација за утврдување способност?

Економски оператор согласно со член 2 став 1 точка 6 од законот, е секое физичко или правно лице или група такви лица, вклучувајќи ги и сите привремени здружувања, кои на пазарот или во постапките за јавни набавки нудат стоки, услуги или работи.

Од изнесеново произлегува дека, како во постапката за јавна набавка, така и на конкурсот за избор на идејно решение може да учествуваат и физички лица.

Од друга страна, согласно со член 55 став 11, договорниот орган нема обврска да ја утврдува способноста на економските оператори во постапката со преговарање без објавување оглас. Сепак, треба да се има предвид дека во постапката па и конкурсот за избор на идејно решение, соодветно се применуваат и материјалните прописи со кои се уредува предметот на набавка.

Оттука, при дефинирање на условите за утврдување на способноста на учесниците на конкурсот, договорниот орган освен одредбите од Законот за јавните набавки предвид треба да ги има и правилата кои произлегуваат од материјалните прописи со кои се уредува предметот на набавка.

Колку изнесува минималниот временски рок во кој учесници во конкурсот за избор на идејно решение треба да ги достават своите планови или проекти?

Со Законот за јавните набавки не е определен минималниот временски рок во кој учесници во конкурсот за избор на идејно решение треба да ги доставатсвоите планови или проекти.

Оттука, при спроведување на конкурс за избор на идејно решение, договорниот орган има слобода да го определи временски рок за доставување на плановите или проекти при тоа водејќи сметка истиот да биде разумен и недискриминаторски, односно доволен да овозможи сите заинтересирани учесници да изготват квалитетен план или проект.

Дали постои можност за вложување жалби во случаите на доделување поединечен договор врз основа на рамковна спогодба?

Да, рокот за жалба е три дена од денот на приемот на одлуката за избор, во однос на постапката за доделување на поединечниот договор врз основа на рамковна спогодба, со повеќе економски оператори.

При поднесување на жалба по однос на несоодветно дефинирање на техничката спецификација, колкав е износот за уплата за надоместок за водење на жалбена постапка?

Во случај на непостоење понуда, согласно со член 165 став 2 од законот, висината на надоместокот за водење на постапката се пресметува врз основа на проценетата вредност на договорот за јавна набавка, при што Државната комисија го известува подносителот на жалбата за висината на надоместокот и рокот во кој треба да достави доказ за негова уплата.

Кои се обврските на договорниот орган во случај по завршување на постапката односно по донесена одлука за избор на најповолна понуда и испратени известувања до учесниците во постапката, некој од нив да поднесе жалба?

Постапувањето на договорниот орган во врска со поднесената жалба е уредено со член 152 од законот. Имено, по доставувањето на жалбата договорниот орган е должен веднаш, а најдоцна во рок од пет дена од денот на прием на жалбата, да ги направи достапни за Државната комисија преку ЕСЈН:

  • жалбата со сите прилози, податоци и доказ за датумот на приемот,
  • одговорот на жалбата со образложение на фактите и правните наводи, како и жалбените барања, хронологијата на постапката за доделување договор за јавна набавка, со наводи за битните елементи на постапката за јавна набавка (проценета вредност, податоци за огласот, постапката на отворање на понудите, евалуација на понудите, одлука за избор и друго),
  • понудите на понудувачите, а најмалку на подносителот на жалбата, избраниот и оние способни понудувачи кои имале можност да бидат избрани и
  • други докази за постоењето претпоставени околности за донесување законити одлуки, дејствија или пропуштања за преземање дејствија во постапката за доделување договор за јавна набавка.

Истовремено, договорниот орган треба да има предвид дека по поднесување на жалбата согласно со член 115 од законот не смее да го потпише договорот за јавна набавка и да пристапи кон негово извршување до конечноста на одлуката за избор на најповолна понуда, односно до донесување на одлуката од страна на Државната комисија за жалби.

Од кога почнува да тече рокот за изјавување на жалба определен во членот 143?

Согласно член 65 став 1, денот во кој настапил одреден настан или е преземено одредено дејствие не се засметува при пресметување на роковите, туку почетокот на рокот се засметува од првиот следен работен ден. Во продолжение, согласно став 2 на истиот член, државните празници, саботите и неделите не влијаат врз почетокот и текот на роковите, освен во случаите кога роковите се изразени во работни денови.

Имајќи предвид дека роковите за жалба утврдени со Законот за јавните набавки не се изразени во работни денови, согласно ставот 2 на горенаведениот член, рокот за жалба ќе се смета од следниот ден откако е преземено соодветното дејствие.

Дали треба да се почитува рокот на мирување кај постапка со преговарање без објавување на оглас?

Согласно член 115 од законот, договорниот орган не смее да го потпише договорот за јавна набавка и да пристапи кон негово извршување до конечноста на одлуката за избор на најповолна понуда, освен:

  • во случаите на постапка со преговарање без објавување оглас,
  • во случај кога во постапката учествувал само еден понудувач чија понуда е избрана за најповолна или
  • во случај на поединечни договори за јавни набавки врз основа на рамковна спогодба, динамичен систем за набавки или квалификациски систем.

Имајќи го предвид горенаведеното, во случаите на постапка со преговарање без објавување оглас, договорниот орган нема обврска да чека да помине периодот на мирување. Напоменуваме дека оваа одредба не го исклучува правото да се покрене жалба.

Кои документи во постапката за јавна набавка договорниот орган треба да ги потпише со дигитален сертификат (квалификуван сертификат за електронски потпис)?

Во постапките кои се спроведуваат со користење на електронски средства, односно ЕСЈН, се употребува квалификуван сертификат за електронски потпис согласно прописите за електронски потпис.

Договорниот орган во постапки задолжително треба да го користи дигиталниот сертификат (кој претставува електронска алатка што го заменува своерачниот потпис) за потпишување на следниве документи: Одлука за јавна набавка, Записник од јавно отворање, Извештај од спроведена постапка, Одлука за избор на најповолна понуда/поништување на постапката, како и сите други документи што самиот ги составува. Во зависност од видот на документот, истиот го потпишува одговорното лице или комисијата за јавна набавка.

Кои лица кај договорниот орган треба да поседуваат дигитален сертификат?

Кај договорниот орган покрај одговорното лице дигитален сертификат потребно е да поседува и најмалку претседателот на комисијата или неговиот заменик. Воедно, треба да се има предвид дека дигиталниот сертификат треба да биде личен (на име на потписникот) и да му е издаден на договорниот орган.

Кои документи во постапката за јавна набавка економскиот оператор треба да ги потпише со дигитален сертификат?

Со квалификуван сертификат за електронски потпис се потпишуваат документите што самиот економски оператор ги составува. Останатите документи кои се бараат во постапката, а кои се издадени од надлежни органи се приложуваат во оригинална електронска форма или во скенирана форма доколку се издадени во хартија.

Кој треба да биде носител на дигиталниот сертификат со кој се потпишуваат понудите?

Носител на дигиталниот сертификат со кој се потпишуваат документите што се составен дел на понудата (техничка и финансиска понуда и изјави) задолжително треба да биде овластениот потписник на правното лице (економскиот оператор) или лице овластено од него. Дигиталниот сертификат треба да му биде издаден на правното лице (економскиот оператор кој поднесува понуда) од регистриран издавач на дигитални сертификати.

Доколку документите се потпишани од лице што е овластено од одговорното лице на економскиот оператор, потребно е да се приложи овластување (полномошно) од овластениот потписник (управителот) на правното лице како составен дел на понудата. Полномошното ќе се смета за валидно ако е приложено во електронска форма, потпишано со дигитален сертификат на управителот или во скенирана форма со печат и своерачен потпис на управителот.

На кого треба да гласи дигиталниот сертификат со кој се потпишуваат понудите?

Дигиталниот сертификат задолжително треба да биде квалификуван дигитален сертификат издаден од регистриран издавач на сертификати за професионална употреба, односно да биде личен (на име на потписникот) и да му е издаден на правното лице (економскиот оператор) подносител на понудата. Доколку како понудувач се јавува физичко лице, само во тој случај понудата може да биде потпишана со дигитален сертификат за физичко лице. Внимавајте!!! Преостанатите видови на дигитални сертификати: за физичко лице, за работа со е-банкарство не се прифатливи при спроведување и учество во постапки кои се спроведуваат по електронски пат.

Дали треба да се провери валидност на Дигиталниот сертификат?

Електронски поднесената понуда има валидност и доказна сила еднаква на понуда која е доставена во хартиена форма кога е потпишана со користење на квалификуван дигитален сертификат издаден од регистриран издавач на сертификати. Прифатливи сертификати се сите оние кои ги задоволуваат стандардите за квалификуван дигитален сертификат согласно со Директивите на ЕУ. Регистрирани издавачи во Македонија за дигитални сертификати се Македонски Телеком АД Скопје и КИБС АД Скопје. Доколку сертификатот е издаден од странски издавач, потребно е издавачот да биде авторизиран (регистриран) во земјата на потекло како официјален издавач на дигитални сертификати. Комисијата за јавни набавки го задржува правото да бара дополнителни докази за валидноста на сертификатот и кредибилитетот на издавачот. Сите понуди кои се потпишани со сертификат кој не е во согласност со изнесеното (невалиден), ќе се сметаат за неприфатливи. Притоа, дигиталниот сертификат треба да биде со важност најмалку до моментот на јавното отворање односно крајниот рок за поднесување на понудите, при што датумот на аплицирање на дигиталниот сертификат се смета за валиден датум на потпишување на документот.

Дали понудата од економски оператор кој учествува во електронска постапка како правно лице, може да биде потпишана со дигитален сертификат на физичко лице?

Согласно Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис „Сертификат е потврда во електронски облик со кој се потврдува врската меѓу податоците за проверка на електронски потпис со одредено лице, носителот на сертификатот и идентитетот на тоа лице“. Со видовите сертификати кои се издаваат од страна на овластените издавачи на серификати во РМ- КИБС и Телеком се прави дистинкција помеѓу физички лица (за приватна употреба) и правни лица (професионална употреба). Преку серификат за физичко лице не може да се утврди правното лице кое стои зад понудата. Поради тоа, во постапките за доделување на договори за јавни набавки, исклучиво се користат сертфикати за професионална употреба, затоа што само преку нив се потврдува врската помеѓу носителот на сертификатот и правното лице – понудувачот. Комуникацијата во постапките за јавни набавки се одвива помеѓу економскиот оператор (како правно лице) и договорниот орган, освен во случај кога економски оператор или понудувач е самото физичко лице.

Кои документи се потпишуваат со дигитален сертификат во случај на групна понуда?

Во случај на групна понуда, носителот на групата задолжително ги потпишува со дигитален сертификат: понудата, потребните изјави и целокупната документација која самиот ја изготвува и потпишува. Доколку членовите на групата не поседуваат дигитален сертификат, потребните изјави и документацијата која тие ја изготвуваат и потпишуваат може да биде своерачно потпишана и доставена во скенирана електронска форма.

Доколку во постапката документите од понудата се потпишани од лице што е овластено од одговорното лице на економскиот оператор, а при тоа во првичната понуда доставена преку ЕСЈН нема приложено овластување (полномошно) од овластениот потписник (управителот) на правното лице како составен дел на понудата, дали истото дополнително може да се бара?

Документите кои се составен дел на понуда (финансиска и техничка понуда, изјави) ги потпишува со дигитален сертификат лицето кое е овластен потписник на правното лице, односно управителот или лице ополномоштено од него. Според член 109 став 2 од законот, при проверката на комплетноста и валидноста на документацијата за утврдување на способноста на понудувачот и при евалуација на понудата, комисијата може да побара понудувачите да ги појаснат или дополнат документите, доколку не станува збор за значителни отстапувања од бараната документација. Имајќи предвид дека целта на постапката за јавна набавка е врз основа на што е можно поголем број на конкурентни понуди да се избере најповолната, односно онаа која ќе значи најголем квалитет за парите, а со оглед на тоа што документацијата е доставена и потпишана со дигитален сертификат, доколку не постои друга причина за отфрлање, комисијата може дополнително да побара да се достави овластување за лицето кое дигитално ги потпишало документите, и истото да се земе во предвид при евалуацијата на понудата само доколку е валидно и со важност во моментот на потпишување и поднесување на понудата, имајќи во предвид дека лицето кое ја потпишува понудата требало да биде овластено пред да ја потпише истата.