ОДГОВОРИ НА ПРАШАЊА

Користење способност од други субјекти

1
Дали економскиот оператор во постапката за јавна набавка, заради исполнување на условите во делот на техничката или професионалната способност, може да ја користи способноста на физички лица?

Економски оператор согласно со член 2 став 1 точка 6 од законот, е секое физичко или правно лице или група такви лица, вклучувајќи ги и сите привремени здружувања, кои на пазарот или во постапките за јавни набавки нудат стоки, услуги или работи. Од изнесеното произлегува дека и физичко лице може да се јави како субјект чија способност економскиот оператор може да ја користи заради исполнување на условите за квалитативен избор во делот на техничката или професионалната способност. При тоа, договорниот орган и за физичкото лице чија способност ја користи економскиот оператор проверува дали ги исполнува потребните услови за квалитативен избор и дали постојат причини за негово исклучување.

Сепак, во предвид треба да се има дека во овој случај се мисли на физички лица кои согласно позитивните законски прописи претставуваат самостојни вршители на дејности (занаетчии, индивидуални земјоделци, трговци-поединци) што поседуваат права и обврски, а својството на правен (деловен) субјект им е признаено врз основа на постојните законски прописи.

Напомена: Наведениов одговор не се однесува на физичко лице - фриленсер којшто самостојно работи определена работа, не добива редовна плата, туку се плаќа според сработеното по претходен договор, односно којшто работи самостојно и е платен за извршената задача.

2
Во случај кога физичко лице се јавува како субјект чија способност економскиот оператор користи, којa од причините за исклучување утврдени во членот 88 ги проверува договорниот орган?

Кога во постапката за јавна набавка се користи способноста на физичко лице кои согласно позитивните законски прописи претставува самостоен вршител на дејности (занаетчија, индивидуален земјоделец, трговец-поединец) што поседува права и обврски, а својството на правен (деловен) субјект му е признаено врз основа на постојните законски прописи, договорниот орган ги проверува оние причини за негово исклучување од постапката, за кои истото може да достави докази. 

Од друга страна, согласно со член 95 став (8) под  в) од Законот за јавните набавки, во постапките за јавни набавки, техничката и професионалната способност на економскиот оператор може меѓу другото да се докаже и: со опис на техничкиот персонал и техничките органи кои ќе учествуваат во извршувањето на јавната набавка, особено на оние кои се одговорни за контролата на квалитетот, а во случај на јавна набавка на работи, оние што ќе бидат вклучени во изведување на работите, без оглед на тоа дали се вработени во економскиот оператор или не.

Со овој доказ економскиот оператор ја докажува достапноста на техничкиот персонал кои ќе учествуваат во извршувањето на предметната набавка, особено оној/ие кои се одговорни за контролата на квалитетот, без оглед на тоа дали истите се вработени кај него или не. Овој доказ е во форма на изјава која ја дава самиот економски оператор. Доколку, техничкиот персонал и техничките органи не му припаѓа на економскиот оператор, во прилог на документацијата треба да се достави и доказ за нивната достапност (договор за ангажман, деловно-техничка соработка, изјава од лицата кои ќе бидат ангажирани и сл.).

Оттука, доколку економскиот оператор со ангажираното физичко лица (кое самостојно работи определена работа и е платен за извршената задача) има склучено договор за ангажман или деловно – техничка од кој јасно произлегува дека истото ќе ги извршува работите за цело времетраење на договорот, тогаш истото има третман на ресурс на економскиот оператор, односно не претставува субјект чија способност ја користи економскиот оператор.Оттука, за вака ангажираното физичко лице, договорниот орган не проверува дали ги исполнува потребните услови за квалитативен избор и дали постојат причини за негово исклучување од постапката.

Напомена: Во овој случај економскиот оператор ангажира физичко лице - фриленсер којшто самостојно работи определена работа, не добива редовна плата, туку се плаќа според сработеното по претходен договор, односно којшто работи самостојно и е платен за извршената задача и истиот има третман на ресурс на економскиот оператор т.е. понудувачот.

3
Што се смета за валиден доказ со кој субјектот на економскиот оператор му ги стави на располагање соодветните ресурси?

Договорниот орган е тој кој во тендерската документација треба да ги наведе сите неопходни информации за конкретниот предмет на набавка со цел економските оператори да може квалитетно и навремено да ја изготват и поднесат својата понуда, односно да го дефинира документот кој ќе го смета за валиден (договор за деловно-техничка соработка, изјава заверена на надлежен орган и сл).

4
Кога во постапката за јавна набавка, економскиот оператор заради исполнување на условите за квалитативен избор користи способноста на други субјекти, за субјектот чија способност се користи што проверува договорниот орган?

Договорниот орган во постапката за јавна набавка треба да провери дали субјектот чија способност ја користи економскиот оператор ги исполнува потребните услови за квалитативен избор и дали постојат причини за негово исклучување од постапката. При тоа, договорниот орган во конкретната постапка ја проверува исполнетоста на условите за кавлитативен избор во делот на способноста која е релевантна, односно која економскиот оператор ќе ја користи од него.

5
Дали во постапката за јавна набавка, заради исполнување на условите во делот на способноста за вршење на професионална дејност – поседување на лиценци или дозволи за вршење на предметот на набавка, економскиот оператор може да користи способноста на други субјекти?

Економскиот оператор во постапката за јавна набавка, заради исполнување на условите за квалитативен избор во делот на економската и финансиската состојба и техничката или професионалната способност може да користи способноста на други субјекти.

Законот не предвидува можност заради исполнување на условите за квалитативен избор во делот на способност за вршење професионална дејност, економскиот оператор во постапката за јавна набавка да користи способноста на други субјекти.

6
Дали економски оператор во постапката за јавна набавка може да ја користи способноста на друг субјект во врска со образовните и стручните квалификации или релевантно стручно искуство?

Економски оператор согласно со член 96 став 2 од законот, во постапката за јавна набавка може да ја користи способноста на друг субјект за докажување на исполнетоста на условите за квалитативен избор во врска со образовните и стручните квалификации или релевантно стручно искуство само доколку другиот субјект ќе ги изведува работите или ќе ги обезбедува услугите за кои се бара таквата способност.

7
Дали економскиот оператор во постапката за јавна набавка може да користи референтна листа од друг субјект?

Економскиот оператор согласно член 96 став 2 од законот, може во постапката за јавна набавка да ја користи способноста на друг субјект за докажување на исполнетоста на условите за квалитативен избор во врска со релевантно стручно искуство само доколку другиот субјект ќе ги изведува работите или ќе ги обезбедува услугите за кои се бара таквата способност. Од изнесеново произлегува дека и за релевантното стручно искуство (референтна листа) економскиот оператор може да ја  користи способноста на други субјекти, но само доколку другиот субјект ги изведува работите или ги обезбедува услугите.

8
Дали економскиот оператор во постапката за јавна набавка може да користи способноста на други субјекти во однос на билансот на состојба и билансот на успех?

 

Согласно со член 96 ставот 5 од законот, кога економскиот оператор користи способност од друг субјект во однос на условите што се однесуваат на економската и финансиската состојба, договорниот орган може да побара економскиот оператор и субјектот кој дава поддршка да преземат солидарна одговорност за извршување на договорот. Од изнесеново произлегува дека економскиот оператор може да ја  користи способноста на други субјекти во однос на условите што се однесуваат на економската и финансиската состојба. Од друга страна, договорниот орган во ваков случај може (но немора) да побара економскиот оператор и субјектот кој дава поддршка да преземат солидарна одговорност за извршување на договорот.

Не најдовте соодветен одговор?
Може да поставите прашање во врска со Законот за јавните набавки на нашата контакт форма