Јавен повик за учество на едукацијата за јавни набавки

 

Почитувани,

Едукацијата за јавни набавки има за цел стекнување со знаења, вештини и компетенции, како и стручно усовршување на теоретските и практични знаења, вештини и компетенции во областа на јавните набавки заради транспарентно, стручно, економично, ефикасно и ефективно спроведување на постапките за јавни набавки на сите нивоа. Бирото за јавни набавки е надлежно за планирање, организирање и спроведување на едукацијата за јавни набавки, како и за подготовка и спроведување на писмениот испит и издавање на потврди за положен испит за лице за јавни набавки.

Оттука, со цел остварување на целите на едукацијата, ги покануваме сите заинтересирани лица, да се пријават за учество на предвидените обуки според наставна програма за обука на лица за јавни набавки и според наставната програма за продолжување на важноста на потврдата за лице за јавни набавки кои се спроведуваат согласно Програмата за едукација за јавни набавки.

Заинтересираните лица за учество на обука треба да се регистрираат со пополнување на веб формулар електронски на веб-страницата на Бирото, во делот Едукација – Регистрација на систем за едукација.

Пријавувањето за учество на обука на веќе регистрираните лица, обучувачи и комисии се врши во делот Едукација – Најава на систем за едукација.

Заинтересираните лица, треба да имаат предвид дека ќе можат да се пријават само за оние термини кои во моментот се отворени за пријавување.

За да може да се реализира секоја поединечна обука, бројот на учесници не може да биде поголем од 22, ниту помал од 12. Пријавувањето за учество на обуката во избраниот термин се врши се додека не се пополни бројот на слободни места по што автоматски тој термин не е повеќе слободен за пријавување.

Лицата кои сакаат да посетуваат обука во термин кој е пополнет, се пријавуваат на  листа на чекање преку Електронскиот систем за едукација. Овие лица се вклучуваат во избраниот термин, доколку некој од веќе пријавените учесници се откаже.

За посета на соодветната наставна програма, учесниците плаќаат надоместок за учество на обуката, а со истиот надоместок се покриваат и трошоците за материјалите на обуката и писмените испити. При тоа:

  • за наставната програма за обука на лицата за јавни набавки, учесниците плаќаат надомест во износ од 8.051 денари без вклучен данок на додадена вредност.
  • за наставната програма за обука на лица за јавни набавки за продолжување на важноста на потврдата за лице за јавни набавки, учесниците плаќаат надомест во износ од 1.695 денари без вклучен данок на додадена вредност.

По завршување на обуката лицето кое било присутно на најмалку 80% од пропишаното времетраење на обуката а воедно го има платено надоместокот за посета на соодветната наставна програма, има право да полага писмен испит. Надоместокот треба да се подмири најдоцна 15 (седум) работни дена по завршување на едукацијата, а согласно Тарифник за висината на надоместоците за едукација за јавни набавки („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.64/19“).

Со почит,

Биро за јавни набавки