ОДГОВОРИ НА ПРАШАЊА

Електронски систем за ајвни набавки

1
Имаме ревизија на постапките за јавни набавки, но ревизорот преку својот профил не може да ги преземе документите во .zip формат. Како да постапиме?
За да биде овозможено преземањето на документите во .zip фајл, потребно е да се изгенерира парцијална листа, а за постапките за кои е пополнето известување за реализиран договор потребно е да се изгенерира финална листа.
2
Дали понудата може да биде потпишана со сертификат на овластената сметководствена компанија која ни помага?

Дигиталниот потпис со кој се потпишуваат документите што се составен дел на понудата (техничка и финансиска понуда и изјави) треба да му биде издаден на економскиот оператор кој поднесува понуда од регистриран издавач на дигитални сертификати. Во постапките за доделување на договори за јавни набавки, исклучиво се користат сертфикати за професионална употреба, затоа што само преку нив се потврдува врската помеѓу носителот на сертификатот и понудувачот.Имено, потписот што се вади е квалификуван електронски потпис за овластено физичко лице на правното лице наменет за професионални цели, што подразбира дека при авторизацијата се потврдува идентитетот на управителот на правното лице на кое гласи потписот, а во случајот доколку правното лице е друг Економски оператор, не може да се автентифицира потписот, па оттаму понудата потпишана со таков потпис не може да се смета за валидно потпишана.

3
Како да одлучам дали за еден оглас да предвидам електронска аукција?

Според препораките на Бирото за јавни набавки, користењето на електронска аукција треба да се ограничи. Праксата покажува дека понудувачите често прават попрецизни пресметки на цената во своите понуди кога нема можност за корекција по јавното отворање. Ова укажува дека е-аукцијата може да не доведе до постигнување на најдобрата вредност за јавните средства. Затоа, при одлучувањето дали да се предвиди е-аукција, договорните органи треба да ги земат предвид овие слабости, без разлика дали критериумот за избор е најниска цена или најдобар однос помеѓу цената и квалитетот.

4
По грешка на ЕСЈН го раскинавме целиот договор, а имавме потрошено дел од средствата. Дали може да ми го појасните процесот на раскинување?

Потребно е да се изврши исправка на објавено Известување за склучен договор. По кликнување на копчето „Раскинување на склучен договор“, се појавува формата „Исправка на известување за склучен договор при раскинување на договорот”. Ако постоечкиот договор е раскинат и не се потрошени средства за реализација на истиот, во оваа форма не се вршат никакви измени, односно само се кликнува на копчето „Објави”, по што на листата на објавени Известувања за склучен договор, се појавува првично пополнетото известување со статус – Раскинат. Доколку е потрошен определен износ на средства, во полето „Вредност на склучен договор со вклучен ДДВ” се внесува вредноста на договорот која е реализирана. Потоа се кликнува на копчето „Објави”.

5
Дали во Известувањето за склучен договор е задолжително прикачувањето и на поединечните цени?

Да, при пополнувањето на Известувањето за склучен договор задолжително се прикачува скенирана копија од договорот за јавна набавка заедно со листата на цени и условите под кои истиот е склучен. Дополнително, доколку во Договорот се содржани лични податоци, истите е потребно да се затемнат/покријат/анонимизираат.

6
Блокирани сме на системот за необјавен реализиран Договор, иако истиот не е влезен во сила, односно е со одложено започнување.

При пополнување на известување за склучен договор се внесува времетраењето на договорот, од каде податокот се употребува во понатамошните системски пресметки. Доколку имате договор со одложена примена, внесете САМО во полињата Времетраење на договор: „се планира да започне/се планира да заврши“.

7
Објавив Известување за Измена на договорот, но не можам да пополнам реализација бидејќи системот ми ја прикажува само вредноста на измената.

Ве молиме при пополнување на обрасците придржувајте се до инструкциите опишани во Прирачниците за користење на ЕСЈН. Во конкретниот случај, при пополнување на Известувањето за измени на договорот, во полето за вредност се внесува ВКУПНАТА, односно изменетата вредност, која понатаму ќе биде системски превземена и во Известувањето за реализиран договор.

8
Поништивме дел од постапка за јавна набавка. За да спроведеме нова постапка за конкретниот дел, дали е потребно да внесуваме нова позиција во планот на ЕСЈН?

Постапките кои се повторуваат поради поништување на делови или цела постапка за јавна набавка не треба да се внесуваат во годишниот план за јавни набавки. ЕСЈН овозможува да се објави оглас за јавна набавка доколку е објавено известување за поништување за соодветната постапка или дел/делови од постапката.

9
Во институцијата имаме два дигитални потписи и тоа за претседателот на комисијата и за одговорното лице. Дали е тоа доволно за потпишување на сите документи во постапките?

Во постапките кои се спроведуваат со користење на електронски средства, преку ЕСЈН, се употребува квалификуван сертификат за електронски потпис, согласно прописите за електронски потпис.

Договорниот орган во постапките задолжително треба да го користи дигиталниот сертификат (кој претставува електронска алатка што го заменува своерачниот потпис) за потпишување на следниве документи:

  • Одлука за јавна набавка,
  • Записник од јавно отворање,
  • Извештај од спроведена постапка,
  • Одлука за избор на најповолна понуда/поништување на постапката, како и
  • сите други документи што самиот ги составува.

Во зависност од видот на документот, истиот го потпишува одговорното лице или претседателот и членовите на комисијата за јавна набавка. Оттаму, за секоја постапка поединечно, претседателот или неговиот заменик, како и членовите на комисијата или нивните заменици е потребно да поседуваат квалификуван сертификат за електронски потпис за потпишување на документите кои ги изготвува комисијата.

Со електронскиот потпис на одговорното лице се потпишуваат соодветно одлуките во постапките за јавни набавки.

Процедурата за издавање на квалификуван сертификат е брза и едноставна, а регистрирани издавачи се КИБС и Телеком.
10
Спроведовме рамковна делива постапка, но при пополнувањето на договорите, системот автоматски ги групира понудувачите. Ве молиме за појаснување

Со цел да се задржи концептот на конзистентност на податоците при објавувањето на завршниците, а во случајот на рамковните спогодби исто така и поради изводливост на понатамошниот процес на спроведување на мини тендерите, со надградба на ЕСЈН направено е подобрување во Известувањата за склучени договори/рамковни спогодби.

 
Имено, во случај на делива рамковна спогодба, системот ги групира понудувачите во логичка целина според тоа во кои делови биле квалификувани. На тој начин е потребно и да се склучуваат и самите спогодби, па оттаму и завршниците ќе бидат соодветно документирани.
11
Комисијата при евалуацијата во отворена постапка дополнително побара од понудувачот да ја достави Изјавaта по член 88 од ЗЈН, но дигиталниот потпис на истата е по јавното отворање. Како да постапиме?

Комисијата за јавни набавки, при спроведување на процесот на евалуација на понудите, треба да ги има во предвид одредбите од Законот за јавни набавки, и во согласност со член 109, став (2) оцени кои од документите во приложената документација може да бидат дополнително побарани и доставени.

Притоа, Договорниот орган ќе одлучи во однос на прифатливоста на понудата, имајќи ги во предвид и начелата во однос на еднаквиот третман и недискриминација, како и конкуренција помеѓу економските оператори, економичноста и ефикасноста на постапките, а со цел да се спречи отфрлање на понудите кога од небрежност или поради грешка не се доставени одредени документи што се барале со тендерската документација, или пак таквите документи се доставени, но од одредени причини се невалидни.

Во однос на дополнително побараната документација, треба да се има во предвид видот на самиот документ како и валидноста на истиот во однос на процесот на јавното отворање и евалуацијата.

Имено, за документите кои самиот економски оператор ги составува, комисијата треба да има во предвид дека доколку истите дополнително ги побара, тие ќе бидат потпишани со дигитален сертификат по јавното отворање, и како такви да ги земе во предвид во евалуацијата.

12
Каде се пополнува реализацијата на сите поединечни договори од рамковни спогодби на ЕСЈН?

По завршување на рамковната спогодба се пополнува ЕДНО Известување за реализиран договор каде ќе ја внесете реализираната сума од СИТЕ поединечни договори збирно, односно за целата рамковна спогодба.

13
Како се пополнуваат поединечните договори од рамковни спогодби на ЕСЈН?

Во случај на рамковни спогодби без повторно прибирање на понуди или рамковна спогодба со еден економски оператор, потребно е да се внесува на ЕСЈН на следниов начин:

  • доколку ИМА склучено поединечен договор, истиот се внесува во Известувањето за склучена рамковна спогодба преку опцијата „Внеси поединечен договор од рамковна“. Согласно член 116, став (4) од Законот за јавните набавки (Службен весник на РМ бр. 24/19 и 87/21), поединечниот договор врз основа на рамковна спогодба се склучува во писмена форма, а ефект на договор може да имаат и нарачка, налог, заклучница и слично, доколку ги имаат сите суштествени состојки на договорот. Во случај на повеќе поединечни договори, предлог е истите да се објавуваат квартално и збирно. Притоа, за да им се олесни на договорните органи, препорака е во делот на прикачување на договор - да се соберат сите износи во една збирна сума и да се прикачи еден документ со сите поединечни договори за тој квартал.
  • доколку НЕМА поединечен договор и само се исцрпува спогодбата, не е потребно внесување на ЕСЈН.
14
Како да спроведам повторно прибирање на понудите кај рамковна спогодба преку ЕСЈН?

Спроведувањето на мини тендерите се врши врз основа на пополнето Известување за склучена рамковна спогодба, оттаму внимателно пополнувајте ги известувањата. По одбирањето на Известувањето и креирањето на мини тендерот, автоматски ќе се повлечат носителите со кои е склучена рамковната спогодба.

 
Доколку се работи за делива постапка, овозможено е избирање на конкретниот дел од тоа Известување за кој ќе се спроведува мини тендер. За еден мини тендер ќе може да се закаже една аукција и да се склучи еден договор.
 
Само комисијата што е назначена за огласот ќе може да го спроведува мини тендерот.
 
Овозможено е за една постапка/дел да се спроведуваат повеќе мини тендери, односно по склучување на поединечен договор може повторно за истата постапка/дел да се спроведе нов мини тендер.
15
При објавата на огласот системот ни бара да внесеме Лице за реализација на договорот. Дали ова лице треба задолжително да биде од членовите на комисијата за јавна набавка?

На Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) и Е-пазар е воведена нова улога -лице за реализација на договор.

Имено, со цел воспоставување на практична примена на процедурите за спроведување на набавките, при објавување на огласот е воведена опција да се одбере лице кое ќе биде задолжено да го следи извршувањето, односно реализацијата на договорот.
 
Локалниот администратор има можност да регистрира и активира вработен/и со улогата „Лице за реализација“. Ова лице на ЕСЈН ќе има можност САМО за пополнување на известување за реализиран договор и тоа само на онаа постапка за која е одбран во огласот, додека за постапките кои се спроведуваат преку е-пазар ќе му биде на располагање модулот за електронско следење и евидентирање на нарачките!
 
Тоа значи дека лицето нема да биде вклучено во претходниот процес, односно спроведувањето на самата јавна набавка.
 
Регистрирањето, активирањето и одбирањето на лица за реализација во постапките на ЕСЈН и Е-пазар е опционално, но сметаме дека е добра пракса и ќе го олесни процесот на јавни набавки и вклученост на лицата задолжени за спроведувањето на договорите.
16
Профилот на Договорниот орган е блокиран за необјавен план за јавни набавки, иако во конкретната година немало потреба од набавки?

Надлежностите на Бирото за јавни набавки се предвидени во член 45 од Законот за јавните набавки.

Истовремено, во член 75 став (3) од законот е пропишана обврската за објавување на Годишниот план за јавни набавки на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН), најдоцна до крајот на јануари во тековната година.
 
Доколку договорниот орган нема планирани набавки за таа година, при објава на годишниот план на ЕСЈН задолжително ја селектира опцијата „За овој период не постојат набавки“ и потоа го објавува таквиот образец.
17
При пополнување на Известувањето за склучен договор, системот автоматски ми го дава понудувачот кој беше најповолен, но истиот се откажа од склучување на договорот. Како да го прикачам на ЕСЈН договорот со следнорангираниот понудувач?

Согласно новите подобрувања на ЕСЈН, при креирање на Известување за склучен договор, во делот на пополнување на податоците за носителот на набавката со кој е склучен договорот, автоматски се повлечени податоците за компанијата која е најповолен понудувач врз основа на електронски спроведената евалуација.

На овој начин, се олеснува пополнувањето, но и се избегнува можноста за човечка грешка и се обезбедува приказ на точни и конзистентни податоци.
 
Во случај на потреба од избор на второрангиран понудувач, за ЕСЈН се одбира соодветно функционалноста со која прворангираниот понудувач се отфрла, по што и системски второрангираниот се прикажува како најповолен во понатамошниот тек на постапката. Опцијата за избор на второрангиран понудувач е овозможена и во овој случај, кога понудувачот се откажал од склучување на договорот.
 
Најпрво е потребно е да се искористи опцијата на ЕСЈН за промена на првичната одлука, а потоа соодветно да се дисквалификува прворангираниот понудувач, со цел понатамошно прикачување на договорот со следнорангираниот понудувач.
18
Имавме потреба од дообезбедување на средства и промена на првичната одлука за јавна набавка. Како да постапиме на ЕСЈН?

Доколку во текот на постапката се јави потреба од промена на проценетата вредност и дообезбедување на средства, измените се прават ИСКЛУЧИВО во делот „Промена на одлука“ достапен кај одговорното лице во менито Постапки за е -набавки.

Преку овој модул одговорното лице ја прикачува новата одлука и ја внесува променетата проценета вредност, а истиот е достапен во законски предвидениот рок, односно сѐ до моментот на донесување на одлуката за избор.
 
Дополнителни појаснувања околу модулите и функционалностите на системот можете да најдете во Прирачниците и упатствата за начинот на користење на ЕСЈН.
19
Доколку во согласност со Законот за јавни набавки имаме потреба од избор на второрангиран понудувач, како истото да го направиме на Електронскиот систем за јавни набавки?

Во Електронскиот систем за јавни набавки - ЕСЈН постои техничка можност за избор на второрангиран понудувач во панелот Евалуација, каде од приказот на прифатливите понуди се одбележува, односно исклучува од постапката прворангираниот понудувач, по што следниот понудувач станува прворангиран.

Рангирањето на ЕСЈН се врши врз основа на електронски спроведената евалуација од страна на комисијата на договорниот орган задолжена за конкретната постапка.
 
Опцијата за избор на второрангиран понудувач е овозможена како во моментот на самата евалуација, така и во понатамошниот процес односно и по донесување на одлуката, а во согласност со законските претпоставки.
20
-Дали може да се објави постапка за јавна набавка во месец јануари, планирана во план за јавни набавки од претходната година?

Согласно член 75 став 1 од Законот за јавните набавки („Службен весник на РМ“ 24/19) договорниот орган врз основа на планираните извори за финансирање, донесува план за своите вкупни потреби за набавки во тековната година по видови стоки, услуги и работи според ЗПЈН, со кој го определува предметот на набавка, очекуваниот почеток на постапката, проценетата вредност на договорот и видот на постапката за јавна набавка.

По донесување на годишниот план, договорниот орган го објавува во ЕСЈН до крајот на јануари од тековната година.
 
Според тоа, огласите за јавни набавки кои ќе се објавуваат во тековната година треба да бидат предвидени во годишниот план за јавни набавки за таа година.
 
Сепак, во пракса може да се случи одредена набавка која била предвидена во годишниот план за претходната година и започнала да се спроведува во истата година, поради одредени причини во декември или јануари да се поништи цела или дел/делови, или во ретки случаи да дојде до целосно раскинување на склучен договор без никаква реализација.
 
Со цел да се овозможи задоволување на потребите кои биле планирани, а поради вакви околности не биле успешно завршени истата година, оставена е техничка можност на ЕСЈН договорниот орган да објави набавка од планот од претходната година заклучно до крајот на јануари во кој рок треба да го донесе и објави годишниот план за јавни набавки од тековната година, со што се надминува преодниот рок до донесување на новиот план.
 
Но, напоменуваме дека таквата техничка можност е предвидена само за наведените исклучителни случаи (поништена постапка/дел од постапка или целосно раскинат договор без реализација), а препорачуваме и соодветно да се образложи во одлуката за јавна набавка.
 
Одговорноста за правилно спроведување на постапките и примена на одредбите од законот е на договорниот орган.
21
- Дали секој член на група треба да биде регистриран на ЕСЈН во моментот на поднесување на понудата?

Секој член на група кој сака да учествува на јавни набавки треба да биде регистриран на ЕСЈН во согласност со член 4 од Правилникот за начинот на користење на ЕСЈН (Сл.весник на РСМ бр. 64/2019).

Оттаму, доколку понудувачот настапува во група, сите членови на групата треба задолжително да бидат регистрирани на Електронскиот систем за јавни набавки, и тоа во моментот на поднесување на понудата.
 
При поднесувањето на понудата на ЕСЈН од страна на носителот на групата, тој означува дали истата е групна понуда и доколку е - од системот ги одбира сите членови.
 
Оваа функционалност на ЕСЈН е воведена со цел поголема транспарентност, олеснување, подобрување и следливост на поднесените понуди, а со цел членовите на групата да бидат автоматски прикажани и при отворањето на понудите, и за истите системот автоматски да изврши проверка дали се на листата на негативни референци.
 
Со воведување на оваа техничка можност на ЕСЈН ќе се обезбедат и подетални статистички податоци за учествата на понудувачите на постапките за јавни набавки.
22
Како да потпишам pdf документ?

Потпишувањето на .pdf документи може да се изврши на повеќе начини и со различни програми.

Доколку поседувате лиценца од Adobe Acrobat Pro можете да ги потпишувате .pdf документите со него.
 
Потпишувањето на pdf документи може да го направите и со помош на Jsignpdf (бесплатна - open source програма), истата може да ја преземете на следниот линк
 
Детално упатство за начинот на потпишување на pdf документи може да најдете во прирачникот - Општи и технички препораки, објавен на Електронскиот систем за јавни набавки во делот Документи.
 
Препорака на БЈН е да ја користите Jsign програмата, а не останати third-party програми за потпишување на pdf документи.
23
Дали понудата од економски оператор кој учествува во електронска постапка како правно лице, може да биде потпишана со дигитален сертификат на физичко лице?

Согласно Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис „Сертификат е потврда во електронски облик со кој се потврдува врската меѓу податоците за проверка на електронски потпис со одредено лице, носителот на сертификатот и идентитетот на тоа лице“.

Со видовите сертификати кои се издаваат од страна на овластените издавачи на серификати во РСМ - КИБС и Телеком се прави дистинкција помеѓу физички лица (за приватна употреба) и правни лица (професионална употреба).
 
Преку серификат за физичко лице не може да се утврди правното лице кое стои зад понудата. Поради тоа, во постапките за доделување на договори за јавни набавки, исклучиво се користат сертфикати за професионална употреба, затоа што само преку нив се потврдува врската помеѓу носителот на сертификатот и правното лице - понудувачот.
 
Комуникацијата во постапките за јавни набавки се одвива помеѓу економскиот оператор (како правно лице) и договорниот орган, освен во случај кога економски оператор или понудувач е самото физичко лице.
24
Кои документи се потпишуваат со дигитален сертификат во случај на групна понуда?

Во случај на групна понуда, носителот на групата задолжително ги потпишува со дигитален сертификат: понудата, потребните изјави и целокупната документација која самиот ја изготвува и потпишува.

Доколку членовите на групата не поседуваат дигитален сертификат, потребните изјави и документацијата која тие ја изготвуваат и потпишуваат може да биде своерачно потпишана и доставена во скенирана електронска форма.
25
Кои документи во постапката за јавна набавка економскиот оператор треба да ги потпише со дигитален сертификат?

Со квалификуван сертификат за електронски потпис се потпишуваат документите што самиот економски оператор ги составува.

Останатите документи кои се бараат во постапката, а кои се издадени од надлежни органи се приложуваат во оригинална електронска форма или во скенирана форма доколку се издадени во хартија.
26
Кои лица кај договорниот орган треба да поседуваат дигитален сертификат?

Кај договорниот орган покрај одговорното лице дигитален сертификат потребно е да поседува и најмалку претседателот на комисијата или неговиот заменик.

Воедно, треба да се има предвид дека дигиталниот сертификат треба да биде личен (на име на потписникот) и да му е издаден на договорниот орган.
27
Кои документи во постапката за јавна набавка договорниот орган треба да ги потпише со дигитален сертификат (квалификуван сертификат за електронски потпис)?

Во постапките кои се спроведуваат со користење на електронски средства, односно ЕСЈН, се употребува квалификуван сертификат за електронски потпис согласно прописите за електронски потпис.

Договорниот орган во постапки задолжително треба да го користи дигиталниот сертификат (кој претставува електронска алатка што го заменува своерачниот потпис) за потпишување на следниве документи:

  • Одлука за јавна набавка,
  • Записник од јавно отворање,
  • Извештај од спроведена постапка,
  • Одлука за избор на најповолна понуда/поништување на постапката,
  • како и сите други документи што самиот ги составува.

Во зависност од видот на документот, истиот го потпишува одговорното лице или комисијата за јавна набавка.

28
Кога понудата се смета дека е потпишана со валиден дигитален сертификат?

Електронски поднесената понуда има валидност и доказна сила еднаква на понуда која е доставена во хартиена форма кога е потпишана со користење на квалификуван дигитален сертификат издаден од регистриран издавач на сертификати.

 
Дигиталниот сертификат мора да биде издаден за правно лице. Прифатливи сертификати се сите оние кои ги задоволуваат стандардите за квалификуван дигитален сертификат согласно Директивите на ЕУ.
 
Регистрирани издавачи во Македонија за дигитални сертификати се Мекедонски Телеком АД Скопје и КИБС АД Скопје.
 
Доколку сертификатот е издаден од странски издавач, потребно е издавачот да биде авторизиран (регистриран) во земјата на потекло како официјален издавач на дигитални сертификати.
 
Комисијата за јавни набавки го задржува правото да бара дополнителни докази за валидноста на сертификатот и кредибилитетот на издавачот.
 
Сите понуди кои се потпишани со сертификат кој не е во согласност со изнесеното (невалиден), ќе се сметаат за неприфатливи. Притоа, дигиталниот сертификат треба да биде со важност најмалку до моментот на јавното отворање односно крајниот рок за поднесување на понудите, при што датумот на аплицирање на дигиталниот сертификат се смета за валиден датум на потпишување на документот.
29
Кој треба да биде носител на дигиталниот сертификат со кој се потпишуваат понудите?

Носител на дигиталниот сертификат со кој се потпишуваат документите што се составен дел на понудата (техничка и финансиска понуда и изјави) задолжително треба да биде овластениот потписник на правното лице (економскиот оператор) или лице овластено од него.

 
Дигиталниот сертификат треба да му биде издаден на правното лице (економскиот оператор кој поднесува понуда) од регистриран издавач на дигитални сертификати.
 
Доколку документите се потпишани од лице што е овластено од одговорното лице на економскиот оператор, потребно е да се приложи овластување (полномошно) од овластениот потписник (управителот) на правното лице како составен дел на понудата.
 
Полномошното ќе се смета за валидно ако е приложено во:
  • електронска форма, потпишано со дигитален сертификат на управителот или во
  • скенирана форма со печат и своерачен потпис на управителот.
30
Доколку во постапката документите од понудата се потпишани од лице што е овластено од одговорното лице на економскиот оператор, а при тоа во првичната понуда доставена преку ЕСЈН нема приложено овластување (полномошно) од овластениот потписник (управителот) на правното лице како составен дел на понудата, дали истото дополнително може да се бара?

Документите кои се составен дел на понуда (финансиска и техничка понуда, изјави) ги потпишува со дигитален сертификат лицето кое е овластен потписник на правното лице, односно управителот или лице ополномоштено од него.

 
Според член 109 став 2 од законот, при проверката на комплетноста и валидноста на документацијата за утврдување на способноста на понудувачот и при евалуација на понудата, комисијата може да побара понудувачите да ги појаснат или дополнат документите, доколку не станува збор за значителни отстапувања од бараната документација.
 
Имајќи предвид дека целта на постапката за јавна набавка е врз основа на што е можно поголем број на конкурентни понуди да се избере најповолната, односно онаа која ќе значи најголем квалитет за парите, а со оглед на тоа што документацијата е доставена и потпишана со дигитален сертификат, доколку не постои друга причина за отфрлање, комисијата може дополнително да побара да се достави овластување за лицето кое дигитално ги потпишало документите, и истото да се земе во предвид при евалуацијата на понудата само доколку е валидно и со важност во моментот на потпишување и поднесување на понудата, имајќи во предвид дека лицето кое ја потпишува понудата требало да биде овластено пред да ја потпише истата.
31
Дали за објавувањето на огласи и известувања е потребен дигитален сертификат?

За објавување на огласите и известувањата на Електронскиот систем за јавни набавки НЕ е потребен дигитален сертификат. После пополнувањето, огласите и известувањата се објавуваат на системот без користење на дигитален сертификат.

32
Дали договорниот орган треба да објави прилог за измена на огласот во Службен весник на РСМ доколку и огласот бил објавен во Службен весник?

Законот за јавните набавки не предвидува експлицитно обврска за објавување на прилозите за измена на содржината на огласот во Службен весник на РСМ.

Имено, начинот на изменување на огласот не е предвиден во членот 41 од законот каде е уредено објавувањето на огласите за јавни набавки.
 
Од тие причини, како и поради големите трошоци за објавување во Службен весник на РСМ, сметаме дека нема обврска за објавување на прилозите за измена на содржината на огласот или тендерската документација во Службен весник кај постапките каде објавувањето на огласот е задолжително во Службен весник.
 
Секако, договорниот орган нема пречки да го објави прилогот и во Службен весник, но секогаш треба да поаѓа од оправданоста на трошоците кои се генерираат во постапката, а согласно со еден од основните принципи од членот 3 од законот за рационално искористување на јавните средства.
 
Исто така, на системот е развиен автоматизиран процес на испраќање на нотификација до сите економски оператори кои што презеле тендерска документација за конкретен оглас, доколку на огласот се извршени измени или дополнувања и притоа заинтересираните компании се информирани правовремено.
33
Кој ја сноси одговорноста доколку настане технички проблеми при користењето на ЕСЈН?

Согласно постоечката легислатива за користењето и функционирањето на Електронскиот систем за јавни набавки, продолжување на рокот за поднесување на понудите или презакажување на електронска аукција е можно:

  1. Доколку настане пад на серверите на ЕСЈН, при што економските оператори се оневозможени од учество на постапка која се спроведува со користење на електронски средства или на електронска аукција, тогаш системот автоматски го продолжува рокот за поднесување понуди или времетраењето на аукцијата за период еднаков на периодот во кој што ЕСЈН бил во прекин. Доколку не е можно автоматско продолжување на рокот за поднесување на понудите или времетраењето на аукцијата бидејќи истиот веќе истекол, администраторот на ЕСЈН ќе овозможи: - продолжување на рокот за поднесување на понудите или времетраењето на аукцијата, презакажување на електронската аукција за период еднаков на периодот во кој што ЕСЈН бил во прекин или дава инструкции за поништување на постапката доколку не е можно надминување на техничкиот проблем.
  2. Кога постапката која завршила со електронска аукција се враќа на повторна евалуација од страна на Државна комисија за жалби по јавните набавки.

Во случај на прекин на интернет конекција или друг технички проблем со информацискиот систем на економскиот оператор, не се продолжува рокот за поднесување понуди или времетраењето на аукцијата, и одговорноста ја сноси понудувачот.

34
Дали за правилно пополнување на Известување за склучен договор, во делот за носителот на набавката, економскиот опеаратор со кого е склучен договорот, треба да биде регистриран на ЕСЈН?

При пополнување на Известување за склучен договор, при внес на носителот на набавката со кого е склучен договорот, задолжително се внесува матичниот број на субјектот. Доколку таков запис не постои во системот, односно економскиот оператор не е регистриран, корисникот од договорниот орган што го пополнува известувањето, нема да биде во можност да ги внесе бараните податоци.

 
Значи, економските оператори со кои се склучува договор, ЗАДОЛЖИТЕЛНО треба да бидат регистрирани на системот. Доколку е склучен договор со физичко лице, и потребно е да се внесе запис во известувањето, тогаш физичкото лице треба да биде регистрирано на системот.
35
Дали и како се спроведува е - аукција кога е поднесена цена од 0,01 денар?

Во случај на дадена понуда од 0,01 денар, можни се две варјанти, во зависност од тоа дали економски најповолната понуда се утврдува врз основа на цената или трошоците со користење на пристапот на исплатливост.

Во случај кога критериум е цената – НЕ СЕ СПРОВЕДУВА е-Аукција, поради тоа што вредноста од 0.01 денари е најниската вредност што може да се постигне на системот. Одговорноста и одлуката за тоа дали постапката ќе продолжи со доделување на договор или со поништување на постапката ја носи договорниот орган.
 
Во случај кога критериум се трошоците со користење на пристапот на исплатливост, без разлика што еден од понудувачите има цена од 0.01 денари, комисијата за јавни набавки ЗАКАЖУВА е-аукција, со цел останатите понудувачи кои имаат различни цени, да можат да извршат намалување.
 
Kога повеќе елементи од критериумот се цена, аукцијата се спроведува за елементот (цена) кој што носи најмногу бодови.
 
При дефинирањето на елементите и доделувањето на бодовите, потребно е да се направи добра анализа, со цел да се утврди за кој од нив е најоптимално да се спроведе аукција, за да се избегнат ситуации при кои понудувачите не се во можност да ги намалат првично поднесени понуди.
36
Што во случај кога на електронска аукција се изедначуваат тековната цена на аукцијата со минималниот праг (зададен параметар при закажувањето)?

При закажување на електронска аукција, договорниот орган ги поставува минималниот и максималниот праг за намалување како параметари во чии рамки треба да се движат економските оператори при поднесување на нови намалени цени.

Доколку тековната цена на аукцијата се изедначи или спушти под минималната вредност на утврдениот праг – престануваат да важат минималните и максималните прагови кои се зададени од страна на договорниот орган и учесниците можат да вршат намалувања надвор од утврдената рамка.
 
Со оваа функционалност на електронскиот систем им се овозможува на понудувачите да имаат еднаков третман и во случај кога сакаат да поднесат цена под поставениот минимален праг.
37
Како се спроведуваат набавки чии цени се регулирани од страна на регулаторни тела како на пример нафта, горива, масла и слични предмети на набавка и дали е можно спроведување на електронска аукција?

Доколку цената на одредена стока или надоместокот за одредена услуга е пропишан со закон или друг пропис, договорниот орган нема да ја користи цената како критериум за избор на најповолна понуда во постапката за јавна набавка.

Електронска аукција може да се спроведува и кај овие набавки. Негативното лицитирање во ваквите случаи, каде што цената е регулирана од регулаторно тело, е изводливо и понудувачите го намалуваат делот од цената кој што не е регулиран, односно нивната провизија.
 
Притоа, Ви посочуваме дека елемент на критериумот за доделување на договорот НЕ може да биде дадениот попуст, туку маржата/провизијата што ја задржуваат понудувачите. Самата лицитација може да се врши и на вкупната цена на набавката или на поединечните цени, сепак реалното намалување ќе биде во делот на маржата/провизијата на понудувачите.
 
По завршувањето на аукцијата, намалувањето кое е постигнато (процентуално) ќе се засметува на цената (нова – доколку во меѓувреме е изменета од страна на регулаторната комисија).
38
Кога се спроведува електронска аукција кај постапките за доделување на договор кои завршуваат со склучување на рамковна спогодба со ПОВЕЌЕ економски оператори?

Постојат неколку начини за спроведување на електронската аукција во случај на спроведување на постапка за доделување на договор со склучување на рамковна спогодба со повеќе економски оператори.

Во зависност од природата на предметот на набавката и потребите на ДО, електронска аукција може да се спроведе пред доделувањето на поединечните договори кои произлегуваат од рамковната спогодба односно со мини тендер и спроведување на е-аукции пред секое доделување на поединечниот договор или во случај на каскаден метод електронската аукција може да биде спроведена пред склучувањето на рамковната спогодба со повеќе економски оператори.
39
Како се врши намалување на цените после спроведената аукција, кај понудите/договорите кај кои вкупната вредност е составена од повеќе поединечни цени?

Цените кои се составен дел на договорот за јавна набавка треба да се калкулираат врз основа на цената која е постигната на електронската аукција.

Доколку е така наведено во тендерската документација, намалувањето на единечните цени ТРЕБА да се врши пропорционално соодветно на намалувањето постигнато на вкупната цена.
 
Имено, секоја од поединечните цени треба да се намали за ист процент за кој е намалена вкупната цена. Доколку ова не е наведено во тендрската документација, треба да биде предвидено во договорот по кои цени ќе се реализира набавката, односно носителот на набавката да предложи каде ќе се пресметува намалувањето.
 
Во секој случај, вкупната вредност на договорот НЕ СМЕЕ да биде поголема од вкупната вредност постигната после завршувањето на аукцијата.
40
Како да преземам тендерска документација преку ЕСЈН?

Преземањето на тендерската документација може да се направи преку почетната страница на ЕСЈН, и тоа преку линкот „Огласи“ кој се наоѓа во рамки на истоименото мени.

Го избирате линкот по што се отвора табела со сите тековни огласи, во која се наоѓаат податоци за постапките за јавни набавки, како и самата тендерска документација.
 
За да ја преземете тендерската документација за конкретен оглас, кликнувате на „Прикажи“ во последната колона од табелата со назив „Документи“ по што ќе ви се отвори прозорец каде се прикажани документите преку соодветна икона во зависност од форматот на документите.
 
По кликнување на иконата, се појавуваат две опции: „Прегледај во пребарувач“ и „Преземи документ“. Преку опцијата „Прегледај во пребарувач“, дадена е можност документацијата да биде прегледана без да има потреба корисникот да се најавува на ЕСЈН со корисничко име и лозинка. Преку опцијата „Преземи документ“, може да се преземе тендерската документација во формат во кој е прикачена на системот од страна на договорниот орган кој го објавил огласот.
 
По кликнување на „Преземи документ“, се отвораaт полиња за внес на корисничко име и лозинка. Тендерската документација може да се преземе слободно без внесување на корисничко име, САМО откако огласот за конкретната постапка ќе заврши (после датумот на јавно отворање).
41
Во кој формат е препорачливо да се прикачува тендерската документација на ЕСЈН?

Препорака на Бирото за јавни набавки е тендерската документација да биде прикачена во формат кој може директно да се искористи од понудувачите (да биде едитабилен).

Такви формати се документите што се креираат од Microsoft Office пакетот (word, excel и сл) или еквивалентни на нив документи (од Open Office, iWork пакетите и сл.).
 
Не е препорачливо прикачување на тендерската во скенирана форма или .pdf формат.
42
Доколку сум економски оператор (приватна фирма), за користење на кои функционалности е потребно да се регистрирам на ЕСЈН?

ЕСЈН на регистрираните корисници им ги нуди следниве функционалности:

  • преземање на објавени тендерски документации,
  • автоматски известувања за новообјавени огласи,
  • поднесување на понуди на постапки кои се водат по електронски пат,
  • учество на е-аукции, поставување прашања во врска со конкретна постапка што се води по електронски пат,
  • поднесување на е-жалба.

За да ги користи претходните услуги на системот, корисникот мора да се регистрира на ЕСЈН.

За пребарување на огласите и известувањата и преглед на тендерската документација, не е потребна регистрација на системот.

43
На е-маил адресата која ја доставив при регистрацијата не ми стигнуваат пораките испратени преку ЕСЈН

Проверете дали пораките пристигнуваат во вашето поштенско сандаче на ЕСЈН.

Сите регистрирани корисници на системот имаат на располагање свое електронско поштенско сандаче, кое се отвора по кликнување на иконата со два коверта кои се наоѓаат во горниот десен агол кај сите најавени корисници.
 
Целта на воведувањето на функционалноста „Поштенско сандаче“ е да се избегне ризикот од евентуален прием на дел од електронските известувања кои ги испраќа ЕСЈН во “Junk E-mail” (непотребна пошта) или пак воопшто да не пристигне пораката на регистрираната адреса на е-пошта на корисникот.
 
Поштенското сандаче има функција и на огласна табла, што значи дека доставата на е-пораката се смета за уредна и успешно извршена доколку се појави во поштенското сандаче, без разлика дали таа порака е доставена и до регистрираната адреса на е-пошта.
 
Бирото сноси одговорност само за испратените/примените пораки во поштенското сандаче на ЕСЈН.
44
Успешно се регистрирав, а не можам да се најавам на системот?

Доколку успешно сте регистрирани на системот и Вашиот профил е активиран, проверете дали при внесувањето на корисничкото име и лозинка не правите техничка грешка.

Ако имате проблем при внесувањето, пробајте да ги копирате корисничкото име и лозинката со опцијата Copy/Paste и да ги внесете во полињата за најава, со тоа што внимавајте да не копирате и празен простор после карактерите.
 
Ако и после претходно направеното, не можете да се најавите на системот, постои можност да имате проблем со spyware и во тој случај треба да ја исчистите историјата и cookies од пребарувачот (Internet Explorer, Mozzilla или Google Chrome), да излезете од пребарувачот и да ја повторите постапката за најавување.
45
Дали е можно странски економски оператор да се регистрира на ЕСЈН?

Да, странски економски оператор може да се регистрира на ЕСЈН.

Најпрвин се одбира англиската верзија на страната „EN“, потоа се одбира линкот „Register foreign operator“ кој може да се најде во менито „Economic operator“.
46
Дали е можно физички лица да се регистрираат на ЕСЈН?

Да, физички лица може да се регистрираат на ЕСЈН преку посебен линк „Регистрирај физичко лице“ кој може да се најде во менито „Економски оператор“.

47
Која е постапката за регистрација на Економски оператор на системот?

Корисникот на системот ја пополнува електронската форма за регистрација на својатa компанија, која се наоѓа на почетната страница на ЕСЈН во делот „Економски оператор”.

Најпрво се внесува матичниот број на компанијата и откако ќе се кликне на копчето "Пребарај" податоците за компанијата автоматски се пополнуват во делот "Податоци за економскиот оператор".
 
При поплнување на формата во делот "Пријави се за инфо за огласи" корисникот може да избере 3 категории кои се вклучени во годишната претплата. Секоја дополнителна категорија на набавка, дополнително се наплаќа.
 
Откако корисникот ќе ги внесе сите потребни податоци во соодветните полиња, кликнува на копчето „Регистрирај се“.
 
Доколку е успешна регистрацијата, системот ја потврдува истата со прикажување на порака и автоматски испраќа е-порака до адресата на е-пошта на корисникот (кој се здобива со улога - локален администратор), во која е содржан активациски линк за комплетирање на регистрацијата.
 
За успешно завршување на процесот на регистрација, потребно е кликнување на активацискиот линк во рок од 24 часа, во спротивно регстрацијата не е успешна и ќе биде потребно повторно пополнување на формата за регистрација.
 
По кликнување на активацискиот линк, на системот се отвораат полиња за внес на лозинка. Во овие полиња корисникот внесува своја лозинка која ќе ја користи при понатамошното најавување на ЕСЈН.
 
По потврдување на регистрацијата, автоматски е испратена е-порака до адресата на е-пошта на локалниот администратор, во која се содржани корисничкото име и лозинката кои администраторот сам си ги доделил, како и инструкции за уплата на износот за годишната претплата.
48
Која е постапката за регистрација на Договорен орган на системот?

Корисникот на системот ја пополнува електронската форма за регистрација на својот договорен орган, која се наоѓа на почетната страница на ЕСЈН во делот „Договорен орган”.

Откако ќе ги внесе сите потребни податоци во соодветните полиња, кликнува на копчето „Регистрирај се“.
 
Доколку е успешна регистрацијата, системот ја потврдува истата со прикажување на порака и автоматски испраќа е-порака до адресата на е-пошта на корисникот (кој се здобива со улога - локален администратор), во која се содржани корисничкото име кое администраторот сам си го доделил и лозинката која системот автоматски му ја генерирал.
 
Во прилог на е-пораката системот автоматски доставува и Барање за регистрација во ЕСЈН (Брег образец). Овој БРег образец треба да се испечати, потпише и во хартиена форма (по пошта или телефакс) да се поднесе до Бирото за јавни набавки.
 
Брег образецот може да се дополни и во електронска форма, да се потпише со електронски потпис (дигитален сертификат) и да се испрати по е-пошта до Бирото за јавнинабавки.
 
После доставувањето на Брег образецот, доколку е правилно креиран, вашиот профил ќе биде активиран (ќе ви стигне порака за активација на вашата е-пошта) и ќе можете да се најавите и да го користите системот.
49
Како да направам измена на планот за јавни набавки на ЕСЈН?

Објавениот план за јавни набавки може да се дополни и измени единствено од страна корисник со улога единица за јавни набавки.

Откако ќе се направат измените во планот за јавни набавки донесен во хартиена форма, истиот се праќа за одобрување до одговорното лице.
 
Одговорното лице на ЕСЈН има опција да го прегледа досието на планот за јавни набавки за да провери каква измена е направена и може да ги спореди верзиите на објавените планови за јавни набавки.
 
По одобрување на измената на планот за јавни набавки истиот се објавува и станува јавно достапен.
50
Како да објавам план за јавни набавки на ЕСЈН?

Планот за јавни набавки на ЕСЈН го креира корисник со улога единица за јавна набавка.

По внесување на сите податоци од планот за јавни набавки донесен во хартиена форма, истиот се праќа за одобрување до одговорното лице. Одговорното лице на ЕСЈН има опција да го прегледа планот, да го одобри или да не го одобри по што го враќа повторно кај единицата за јавна набавка.
 
По одобрување на планот за јавни набавки истиот се објавува и станува јавно достапен. Проценетата вредност на набавката задолжително се внесува во планот за јавни набавки, но истата не е јавно достапна.
51
Кои податоци се внесуваат во кварталните евиденции?

Склучените договори за јавни набавки во кварталните евиденции се внесуваат во рок од 10 дена по истекот на секој квартал, но може да се внесуваат тековно, со дополнување на евиденцијата по склучување на секој договор.

Во кварталните евиденции се внесуваат податоци за:
  • набавки со вредност под вредносните прагови утврдени во член 40 став 1 од ЗЈН, а кои не претставуваат исклучок од примена на законот за јавни набавки.
  • набавки за посебни услуги кои не се спроведуваат со користење соодветна постапка во согласност со членот 47 од ЗЈН
  • поединечни договори од склучени рамковни спогодби
  • поединечни договори од динамичен систем за набавки

Копија од склучениот договор се внесува само во кварталните евиденции за рамковна спогодба/динамичен систем за набавки

52
Имаме промена на членовите на комисија кои се задолжени да ја спроведат јавната набавка. Како да се обезбеди пристап на ЕСЈН за новите членови на комисијата?

Промената на комисијата задолжена да ја спроведе постапката за јавна набавка на ЕСЈН може да ја направи корисник со улога Одговорно лице во менито „Постапки за е-набавки“ преку линкот „Промена на одлука“.

Во овој модул, може да се отстранат и/или додадат нови членови на комисија за јавна набавка, да се направи промена на проценетата вредност наведена во огласот за јавна набавка како и да се прикачи изменетата одлука за јавна набавка.
53
Како да изменам објавено известување или квартална евиденција доколку направам техничка грешка при објавувањето?

Доколку има потреба објавено известување или квартална евиденција да се коригира, потребно е да испратите официјално барање до Бирото за јавни набавки (по пошта или електронски на info@bjn.gov.mk) за враќање во статус креиран, по што известувањето/евиденцијата ќе би биде едитабилна да може да се направат потребните измени и повторно да се објави.

Напомена: Барање за враќање во статус креиран не е можно да се поднесе за објавен оглас за јавна набавка, оглас за квалификациски систем, оглас за избор на конкурс на идејно решение, известување за измени и дополнителни информации во постапката, технички дијалог, концесии за јавни работи и јавни услуги и претходно информативно и периодично индикативно известување.
54
Како се пополнува известување за Измена на договорот?

Доколку постои потреба од измена на договорот потребно е да влезете во модулот “Известување за склучен договор” од табелата и да го изберете известувањето кое сакате да го да го измените и да кликнете на копчето “Измена на склучен договор“. Во делот Измена на вредност на склучен договор без ДДВ се внесува новата вкупна вредност на склучениот договор. На пр. доколку вредноста на склучениот договор е 1.000.000 денари, а договорот е зголемен за 10%, во полето треба да се внесе 1.100.000 денари.

55
Во случај комисијата да има донесено погрешна одлука, или во случај постапката да е вратена во Повторно одлучување од страна на ДКЖЈН, дали може одговорното лице да ја смени одлуката и да се прикачи/испрати нова одлука?

Во случај на потреба за промена на одлуката , Одговорното лице има можност за промена на веќе донесената одлука. По промена на одлуката потребно е да се испратат известувања до понудувачите за новата одлука, по што повторно почнуваат роковите за жалба.

56
Што е евидентна книга на постапката?

Со новиот Закон за јавни набавки се издвојува евиденцијата на документите за јавни набавки во посебна електронска евиденција.

При самото објавување на огласот за јавна набавка, постапката добива единствен уникатен број на ниво на државата и сите документи поврзани со оваа постапка го носат основниот број на огласот со соодветен под број согласно хронолошкото настанување на документите и датум кога истите се прикачени.
 
Некои документи при спроведување на постапката ги креира самиот ЕСЈН и истите автоматски се прикачуваат на соодветно место и добиваат соодветен подброј.
 
За секоја постапка ЕСЈН креира евидентна листа а збирот на евидентните листи за секоја постапка претставува евидентна книга за јавни набавки на тој договорен орган.
 
Секој договорен орган има увид во досието, евидентните листи и евидентната книга на постапките кои ги спровел. Примерок од досието за постапката што се спровела во електронска форма преку ЕСЈН се чува во ЕСЈН најмалку пет години од денот на склучување на договорот за јавна набавка или од конечноста на одлуката за поништување на постапката на начин кој обезбедува зачувување на интегритетот на податоците.
 
Придобивки од воведување на посебна електронска евиденција на постапките за јавни набавки: - се надминува двојното архивирање особено се решава проблемот со архивирање на документите кои се во изворна електронска форма; - се надминува проблемот со печатење на документацијата и непотребно чување на истата во хартиена форма, нема потреба од обезбедување на соодветен простор за чување на документација; - се надминува проблемот со различен архивски број при премин од една во друга календарска година (што е случај во 99% од постапките за јавни набавки) - целокупната документација во врска со постапката од самиот почеток до склучениот договор се на едно место - обезбедување на сигурен ревизорски траг кај постапките за јавни набавки, максимална безбедност и обезбеден back up на целокупната документација, неможност за бришење, опожарување или опасност од поплавување во просториите каде се чуваа оваа документација.
57
Дали е валиден дигиталниот сертификат ако на документот јавува порака Invalid signatures?

Доколку на компјутерот не се инсталирани коренските сертификати на издавачот на дигиталниот потпис, во горниот десен агол на документот можно е да јавува порака Invalid signatures. Но тоа не значи дека сертификатот не е валиден. Потребно е да се направи евалуација на валидноста на сертификатот во панелот Signature Details - View

58
Цената на понудата внесена на ЕСЈН е различна од цената во образецот на финансиската понуда. Дали оваа понуда треба веднаш да биде отфрлена?

Во ваков случај Комисијата треба да постапи во согласност со член 2, точка 4 од Правилникот за начинот на исправка на аритметички грешки во фазата на евалуација на понудите

59
Како се врши проверка на ЕСЈН дали на подизведувач или субјект кој дава поддршка му е издадена негативна референца?

За проверка на негативна референца за подизведувач или субјект кој дава поддршка, договорниот орган го користи модулот за проверка со внесување на податоците за субјектот (единствен матичен и даночен број). Доколку субјектот не е регистриран на ЕСЈН, за истиот се смета дека до тој момент нема издадено негативна референца, со оглед дека негативните референци се објавуваат исклучиво на системот.

60
Дали комисијата треба да ја отфрли понудата доколку документацијата за докажување на способност на член на група или подизведувач не е потпишана со дигитален потпис?

Со цел да не се намалува конкуренцијата и да не се оптоваруваат членовите во групна понуда или подизведувачите со дополнителни трошоци, документaцијата за докажување на способност нема потреба да биде потпишана со дигитален потпис, односно комисијата може да прифати документација од подизведувачите/членовите на групната понуда која е своерачно потпишана од самиот подизведувач/член на групна понуда.

 
Истовремено, доколку на скенираните документи од членот/подизведувачот дополнително има аплицирано дигитален потпис од понудувачот, тоа не треба да претпоставува приложување на полномошно, ниту да претставува основ за отфрлање на понудата.
 
При евалуацијата на понудите и документите, комисијата во согласност со член 109, став(2) од ЗЈН, може дополнително да ги побара документите за утврдување на способност.
61
Сакам да ја продолжам претплатата на ЕСЈН како економски оператор. Ве молам да ми испратите профактура за уплата

Продолжувањето на претплатата се врши по најава на системот, со корисничко име и лозинка, по што е потребно да ги следите упатствата и да се согласите со продолжување на претплатата на ЕСЈН.

 
Ситемот автоматски ќе Ви испрати инструкции за плаќање на маил адресата која ја имате наведено при регистрацијата на ЕСЈН. Доколку одберете уплатата да ја извршите со платежна картичка, односно преку линкот наведен во пораката, Вашиот профил ќе биде активен веднаш.
 
Доколку одлучите уплатата да ја извршите по профактурата која е во прилог на пораката, профилот на ЕСЈН ќе биде активен по извршената уплата, односно по евидентирање на уплатата на сметка на БЈН.
 
Детални инструкции за продолжување на претплатата можете да најдете и во Прирачникот за користење на ЕСЈН за економски оператори, објавен на e-nabavki.gov.mk.
62
Купив пакет документи од Централен регистар преку профилот на ЕСЈН, но по истекот на шест месеци не ми се обновија сите документи за докажување на способност. Која е причината?

Документите за докажување на лична состојба автоматски се обновуваат на истекот од 6 (шест) месеци од денот на иницијално креираните документи, додека документите за докажување на професионална способност и економско финансиска состојба автоматски ќе се обноват по завршување на обработката на годишните сметки, односно по 31.3 (триесет и први март) во истата календарска година доколку услугата е нарачана пред 31.3 (триесет и први март), или по 31.3 (триесет и први март) во наредната календарска година, доколку услугата е нарачана по 31.3 (триесет и први март).

 
По истекување на периодот од една година- сите документи се бришат од профилот (поради истекување на целиот пакет).
63
Дали е дозволено одредени документи да се достават во хартија во случај на спроведување на постапка во електронска форма?

При спроведување на постапка целосно по електронски пат економскиот оператор целокупната придружна документација ја доставува во скенирана електронска форма (документите кои самиот ги составува ги прикачува во изворна електронска форма - потпишани со квалификуван сертификат за електронски потпис). Економските оператори можат во хартиена форма да ја поднесат единствено документација во нестандарден формат и големина пред крајниот рок за поднесување на понудите, доколку истите се преобемни за скенирање и прикачување на ЕСЈН. Во хартиена форма се доставува и банкарската гаранција, доколку истата не е обезбедена во електронска форма, односно како електронски издаден документ од банката.

 
Напомена: Електронска форма на банкарска гаранција НЕ претставува скенирана копија на гаранцијата издадена во хартија, и како таква не може да биде прифатена како валидна!
64
Дали и кога на ЕСЈН може да објавам оглас доколку корисничкиот профил е блокиран поради неисполнување на некоја од законските обврски (необјавен годишен план, необјавена завршница за постапката/деловите односно известување за склучен договор или поништување, известување за реализиран договор итн.)?

Доколку корисничкиот профил на договорниот орган е блокиран поради неисполнување на обврските по некој од наведените основи, потребно е да го пополните на ЕСЈН соодветниот образец што сте го пропуштиле, по што системот автоматски ќе го деблокира корисничкиот профил и веднаш ќе може да објавите оглас.

65
Дали понудата од економски оператор кој учествува во електронска постапка како правно лице, може да биде потпишана со дигитален сертификат на физичко лице?

Согласно Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис „Сертификат е потврда во електронски облик со кој се потврдува врската меѓу податоците за проверка на електронски потпис со одредено лице, носителот на сертификатот и идентитетот на тоа лице“.

 
Со видовите сертификати кои се издаваат од страна на овластените издавачи на серификати во РМ- КИБС и Телеком се прави дистинкција помеѓу физички лица (за приватна употреба) и правни лица (професионална употреба). Преку серификат за физичко лице не може да се утврди правното лице кое стои зад понудата.
 
Поради тоа, во постапките за доделување на договори за јавни набавки, исклучиво се користат сертфикати за професионална употреба, затоа што само преку нив се потврдува врската помеѓу носителот на сертификатот и правното лице - понудувачот.
 
Комуникацијата во постапките за јавни набавки се одвива помеѓу економскиот оператор (како правно лице) и договорниот орган, освен во случај кога економски оператор или понудувач е самото физичко лице.
Не најдовте соодветен одговор?
Може да поставите прашање во врска со Законот за јавните набавки на нашата контакт форма