ОДГОВОРИ НА ПРАШАЊА

Планирање/Претходна проверка на пазарот

1
Кое лице кај договорниот орган го носи годишниот план за јавни набавки, одлуката за јавна набавка, како и одлуката за избор на најповолна понуда и/или поништување на постапката?

Во член 9 став 1 од законот, се наведени договорните органи кои имаат обврска при набавка на стоки услуги и работи над определен вредносен праг да ги применат одредбите од Законот за јавните набавки.

Поради широкиот опсег и разноликоста на договорните органи, законот не пропишува кое лице кај договорниот орган има надлежност да ги донесе годишниот план за јавни набавки, одлуката за јавна набавка, како и одлуките за избор и/или поништување на постапката. Но со оглед на тоа што преку овие документи се врши распределба, резервирање и користење на финансиските средства на договорниот орган за определена намена (набавка на стока, услуга или работа), вообичаено е тоа да бидат раководните органи (без оглед дали се инокосни или колективни), кои имаат надлежност да располагаат со средствата на договорниот орган. Имајќи го предвид наведеното, договорниот орган согласно со важечките законски прописи кои ја регулираат областа во која делува и согласно со своите акти за внатрешна организација, определува кој раководен орган треба да ги донесе овие документи.

Од аспект на Законот за јавните набавки, согласно член 2 став 1 точка 37, под „Одговорно лице кај договорниот орган“ се смета функционер кој раководи со државен орган, градоначалник на единицата на локалната самоуправа или директор на правно лице.

2
Дали Годишниот план за јавни набавки може во текот на годината да се измени и дополни?

Со оглед дека јавните набавки имаат за цел купување или стекнување стоки, услуги или работи кои се неопходни за навремено извршување на надлежностите на договорните органи, истите согласно со член 75 став 1 од законот, врз основа на планираните извори за финансирање, донесуваат план за своите вкупни потреби за набавки во тековната година по видови стоки, услуги и работи според ЗПЈН, со кој го определува предметот на набавка, очекуваниот почеток на постапката, проценетата вредност на договорот и видот на постапката за јавна набавка.

Согласно со став 4 од членот 75 од законот, по потреба договорниот орган во текот на годината може да го измени и/или дополни планот согласно со планираните или обезбедените средства за јавни набавки, а измените ги објавува на ЕСЈН.

Наведенава одредба му овозможува на договорниот орган по потреба во текот на годината да го измени и/или дополни планот согласно со планираните или обезбедените средства за јавни набавки.

3
Дали постапките кои се повторуваат поради поништување на делови од претходната постапка за јавна набавка треба да се внесат во планот за јавни набавки?

Согласно со член 6 став 3 од Правилникот за формата, содржината како и начинот на изготвување на годишниот план за јавни набавк („Службен весник на РМ“ бр.64/19), постапките кои се повторуваат поради поништување на делови во претходна постапка не треба да се внесуваат во годишниот план за јавни набавки.

4
Дали при промена на проценетата вредност, како и при промена на видот на постапката за јавна набавка и при промена на очекуваниот почеток на постапката, треба да се измени планот за јавни набавки?

Содржината на годишниот план за јавни набавки согласно со член 6 став 1 од Правилникот за формата, содржината како и начинот на изготвување на годишниот план за јавни набавк („Службен весник на РМ“ бр.64/19), не треба да се менува при промена на проценетата вредност, при промена на видот на планираната постапка за јавна набавка или при промена на очекуваниот почеток на постапката.

5
Дали постапките со преговарање без објавување на оглас треба да се внесуваат во Годишниот план за јавни набавки?

Постапките со преговарање без објавување на оглас кои се спроведуваат врз основа на член 55 став 1 точка а) и точка г), како и став 3 точки б), г) и д) од Законот за јавните набавки, согласно со член 6 став 2 од Правилникот за формата, содржината како и начинот на изготвување на годишниот план за јавни набавк („Службен весник на РМ“ бр.64/19), не треба да се внесуваат во годишниот план за јавни набавки.

6
Дали во годишниот план за јавни набавки за тековната година, се внесуваат и договорите кои ќе се реализираат во повеќе од една година?

Да, согласно со член 4  од Правилникот за формата, содржината како и начинот на изготвување на годишниот план за јавни набавк („Службен весник на РМ“ бр.64/19), во годишниот план за јавни набавки се внесуваат и договорите кои ќе се реализираат повеќе од една година, и тоа во годишниот план за јавни набавки за годината кога е планирано да се спроведе постапката за јавна набавка.

7
При спроведување на групна набавка, во годишниот план за јавни набавки која проценета вредност се внесува (на вкупната набавка или на делот кој е наменет само за сопствени потреби на договорниот орган?

При планирање на групна набавка, согласно со член 5 од Правилникот за формата, содржината како и начинот на изготвување на годишниот план за јавни набавки („Службен весник на РМ“ бр.64/19), во годишниот план за јавни набавки се внесува проценетата вредност само на сопствената набавка.

8
Дали набавките кои се со проценета вредност која е помала од вредносните прагови наведени во член 40 од законот, треба да бидат предвидени со Годишниот план за јавни набавки?

Со член 40 од законот, утврдени се вредносните прагови на набавките (на стоки, услуги, работи и посебни услуги) и конкурсите за избор на идејно решение, за кои договорните органи од класичниот јавен сектор и секторските дејности, треба да ги применат одредбите од Законот за јавните набавки.

За јавните набавки и конкурси за избор на идејно решение со проценета вредност под пропишаните вредносни прагови, не се применуваат одредбите од законот, и истите договорниот орган не ги внесува во Годишниот план за јавни набавки.

Сепак, препорачливо е договорниот орган со интерна процедура да ја утврди реализацијата на истите (кој ќе треба да ја реализира конкретната потреба) и нивната евиденција. Донесувањето на интерна процедура и уредувањето на набавките под наведениве вредносни прагови е значајно од аспект на одредбата од член 40 став 5 од законот, според која набавките со вредност под вредносните прагови, договорниот орган ги внесува во квартална евиденција која е јавно достапна на ЕСЈН.

9
Дали претходната проверка на пазарот е задолжителна?

Претходна проверка на пазарот согласно со член 76 од законот, не е задолжителна. Имено, договорниот орган може (не мора) по донесување на одлуката за јавна набавка, а пред објавување на огласот за јавна набавка, да спроведе технички дијалог со економските оператори.

Доколку, одлучи да спроведе технички дијалог тендерската документација што планира да ја користи во постапката, ја прави достапна на јавноста преку ЕСЈН со цел да овозможи секој заинтересиран економски оператор да даде свои предлози и коментари на истата.

Предлозите и коментарите, економските оператори ги даваат со користење електронски средства или на заеднички состанок организира од страна на договорниот орган во однапред утврдено време и датум. По разгледување на добиените предлози и коментари, доколку истите се прифатливи, договорниот орган ги имплементира во тендерската документација.

Имајќи предвид дека при планирањето и подготовката на јавните набавки потребно е да се имаат предвид пазарните услови, иако претходната проверка на пазарот не е задолжителна, договорниот орган може, во согласност со своите потреби и проценки, да ја спроведе со цел унапредување на квалитетот на тендерската документација за конкретната јавна набавка.

10
Што претставува техничкиот дијалог?

Техничкиот дијалог претставува процес на проверка на пазарот и консултации на договорниот орган со деловната заедница. Оваа консултација се однесува на тендерската документација, техничката спецификација и сите друди услови од истата, а е во функција на обезбедување на отворената и фер конкуренција и недискриминација на економските оператори и избор на понуда која ќе значи најдобра вредност за парите. Оваа проверка на пазарот се спроведува пред објавување на огласот.

11
Кога, кој и како се спроведува техничкиот дијалог?

Техничкиот дијалог се спроведува од страна на комисиите за јавни набавки, пред објавување на огласот за јавна набавка.

Тендерската документација  што договорниот орган планира да ја користи се објавува на ЕСЈН. Договорниот орган треба да им овозможи на сите заинтересирани економски оператор да дадат свои предлози и коментари. Предлозите и коментарите се даваат со користење електронски средства или на заеднички состанок кој ќе биде организиран од страна на договорниот орган во однапред утврдено време и датум. По истекот на рокот за давање на предлози и коментари, комисијата ги разгледува истите и ако се прифатливи соодветно ги имплементира во тендерската документација.

Комисијата за јавна набавка од спроведениот технички дијалог, составува записник кој задолжително содржи краток опис на предлозите и коментарите, како и образложение за неприфаќање на оние предлози и коментари кои не се имплементирани во тендерската документација. Договорниот орган преку ЕСЈН го доставува записникот од спроведениот технички дијалог до сите економски оператори кои дале предлози и коментари на објавената тендерска документација во рок од три дена од завршување на дијалогот.

12
Дали може да се спроведе технички дијалог за набавки на стоки и услуги со проценета вредност под 130.000 евра?

За разлика од претходното законско решение, согласно кое техничкиот дијалог се водеше само при набавката на стоки и услуги со вредност над 130.000 евра, новото законско решение, односно член 76 став 1 од законот, предвидува можност (не обврска) договорниот орган по донесувањето на одлуката за јавна набавка, а пред објавување на огласот, да спроведе технички дијалог со економските оператори. Од изнесеното произлегува дека, договорниот орган има можност (не обврска)  доколку смета дека е неопходно, да спроведе технички дијалог и за набавки на стоки и услуги со проценета вредност под 130.000 евра.

13
Дали може да се спроведе технички дијалог за набавки на работи?

Да, согласно со член 76 став 1 од законот, договорниот орган има можност (не обврска) по донесувањето на одлуката за јавна набавка, а пред објавување на огласот, да спроведе технички дијалог со економските оператори. Тоа значи дека, договорниот орган доколку смета дека е неопходно, може да спроведе технички дијалог и за набавки на работи.

14
Дали договорниот орган смее да прави измена и дополнување на Планот за јавни набавки за време на распишани избори?

 

Спроведувањето на постапките за јавни набавки во периодот по распишување на избори не е регулирано со Законот за јавните набавки. Имено, во овој период договорните органи треба да ги почитуваат одредбите од Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите, а особено член 8-а од Изборниот законик и член 34 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите, според кои, од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборниот процес, не може да се започне со изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година.

Не најдовте соодветен одговор?
Може да поставите прашање во врска со Законот за јавните набавки на нашата контакт форма