ОДГОВОРИ НА ПРАШАЊА

Посебни начини за спроведување на постапката

1
Дали договорниот орган е должен да спроведе електронска аукција на која ќе добие нови цени коригирани надолу?

Не, договорниот орган согласно со член 59 став 1 од законот, може  (но не мора) да користи електронска аукција на која ќе добие нови цени коригирани надолу, односно нови вредности за одредени елементи од понудите, при што аукцијата се структурира како повторувачки електронски процес, кој следи по целосна првична евалуација на понудите и овозможува рангирање на понудите со методите за автоматска евалуација.

2
Кога може да се користи електронска аукција?

Електронска аукција согласно со член 59 став 2 од законот, може да се користи само ако техничките спецификации се прецизно дефинирани кај отворена постапка, ограничена постапка, конкурентна постапка со преговарање, постапка со преговарање со објавување оглас, набавка од мала вредност со објавување оглас и поедноставена отворена постапка, како и при повторно прибирање понуди кај рамковна спогодба со повеќе економски оператори и кај динамичниот систем за набавки.

Дополнително, потребно е да се има предвид дека започнувајќи од 23 јануари 2025 година, договорниот орган може да користи електронска аукција согласно со условите од Законот за јавните набавки, но најмногу до 40% од бројот на објавени огласи.

3
Кога не може да се користи Електронска аукција?

Согласно со член 59 став 3 од законот, електронска аукција не се користи кај јавните набавки на одредени услуги или работи чиј предмет се интелектуални услуги кои не може да се рангираат со методите за автоматска евалуација.

4
Доколку по првичната евалуација во постапката за јавна набавка остане само една прифатлива понуда, дали договорниот орган треба да спроведе конечна цена?

Не. договорниот орган нема таква можност. Имено, согласно со член 59 став 16, доколку по првичната евалуација во постапката за јавна набавка остане само една прифатлива понуда, електронската аукција нема да се спроведе.

5
Во случај на групна набавка дали сите договорни органи треба да ја имаат истата потреба од набавка?

Групна набавка согласно со член 62 став 1 од законот, се врши координирано преку еден договорен орган во име на група договорни органи, по претходно склучен договор за извршување групна набавка. Оваа одредба овозможува одреден степен на централизирање на набавките на начин што договорните органи сами се групираат и сами одлучуваат кој од нив ќе ја спроведе постапката во нивно име. При тоа, не е неопходно оној што ќе ја спроведува групната набавка да има потреба од тој предмет на набавка, што воведува одредена флексибилност во групирањето на договорните органи. Предноста на овој пристап е можноста од групирање на повеќе договорни органи од кои можеби некои немаат доволно искуство или знаење за јавните набавки и го овластуваат најискусниот член на групата да ја спроведе набавката, иако можеби тој договорен орган нема потреба од истата. При тоа, без оглед на тоа дали ќе се реализира групна набавка и кој ќе ја реализира истата, секој договорен орган треба во својот план за јавни набавки да ги искаже потребите од конкретната набавка во својот дел.

6
При спроведување на групна набавка, во годишниот план за јавни набавки која проценета вредност се внесува (на вкупната набавка или на делот кој е наменет само за сопствени потреби на договорниот орган?

 

При планирање на групна набавка, согласно со член 5 од Правилникот за формата, содржината како и начинот на изготвување на годишниот план за јавни набавки („Службен весник на РМ“ бр.64/19), во годишниот план за јавни набавки се внесува проценетата вредност само на сопствената набавка.

 
Не најдовте соодветен одговор?
Може да поставите прашање во врска со Законот за јавните набавки на нашата контакт форма