ОДГОВОРИ НА ПРАШАЊА

Услови за утврдување способност

1
При утврдување на способноста на економските оператори, договорниот орган кои услови ги утврдува?

Согласно со член 87 од законот, при утврдување на способноста на економските оператори, договорниот орган утврдува:

  • дали постојат причини за исклучување од постапката,
  • дали се исполнети условите за квалитативен избор утврдени во членовите 89, 90, 91 и 92 од овој закон и
  • дали се исполнети стандардите за системи за квалитет и стандардите за управување со животната средина утврдени во членовите 93 и 94 од овој закон.
2
Како услови за квалитативен избор на економскиот оператор договорниот орган што може да користи?

Способноста на економските оператори согласно со член 89 став 1 од законот, договорниот орган може да ја утврди преку следниве услови за квалитативен избор:

а) способност за вршење професионална дејност;

б) економска и финансиска состојба и

в) техничка и професионална способност.

3
Кои од условите за квалитативен избор договорниот орган задолжително ги утврдува, а кои може (но не мора) да ги утврди?

Договорниот орган согласно со член 89 став 4 од законот, задолжително ја утврдува способноста за вршење професионална дејност, а може да ги утврди економската и финансиската состојба и техничката и професионалната способност.

4
Дали доказот со кој економскиот оператор ја докажува способноста за вршење професионална дејност, не смее да биде постар од шест месеци од крајниот рок за поднесување понуди или пријави за учество?

Не. Оваа обврска согласно со член 95 став 6 од законот, се однесува само на документите со кои се докажува дека не постојат причини за исклучување не економскиот оператор од постапката и истите не смее да бидат постари од шест месеци од крајниот рок за поднесување понуди или пријави за учество.

5
Во случај кога договорниот орган ќе одлучи да ги утврди економската и финансиската состојба и техничката и професионалната способност, како треба да постапи?

Договорниот орган во огласот за јавна набавка, во поканата за потврдување интерес или во периодичното индикативно известување во случаите кога се користи како замена за оглас, ги наведува условите потребни за учество, кои се изразуваат како минимални параметри, вклучувајќи ги и релевантните докази.

Сепак,треба да има предвид дека во постапката за јавна набавка ги вклучува само оние услови што се неопходни за да се увери дека економскиот оператор е способен да го изврши договорот, при што сите услови мора да се директно поврзани и сразмерни со предметот на јавната набавка, неговата сложеност и вредност, односно на делот од предметот на набавка кај деливите набавки.

6
Дали договорниот орган како доказ за исполнетоста на поставениот услов за техничка и професионална способност може да бара листа на завршени договори во последните 5 години со исполнување на одредени ставки (асфалтирање, тампонирање…) во која треба да се наведе и вредноста (не помала од одреден износ), а проценетата вредност на набавката не е објавена?

Во постапките за јавни набавки, техничката и професионалната способност на економскиот оператор согласно со член 95 став 8 под б) од законот, може да се докаже со листа на работи извршени во последните пет години, со приложување потврда за задоволителна изведба на најважните работи. Со цел да се обезбеди соодветно ниво на конкуренција, договорниот орган може, доколку e тоа неопходно, да ги земе предвид доказите за изведени работи пред повеќе од пет години, што го наведува во тендерската документација.

Договорниот орган согласно со член 89 став 3 од законот, во постапката за јавна набавка ги вклучува само оние услови што се неопходни за да се увери дека економскиот оператор е способен да го изврши договорот, при што сите услови мора да се директно поврзани и сразмерни со предметот на јавната набавка, неговата сложеност и вредност, односно на делот од предметот на набавка кај деливите набавки.

Кога договорниот орган ќе постапи спротивно на одредбите на законот, економски оператор кој има правен интерес за добивање на договорот за јавна набавка или рамковната спогодба и кој претрпел или би можел да претрпи штета од евентуално прекршување на одредбите од овој закон, може да бара правна заштита против одлуките, дејствијата и пропуштањата за преземање дејствија од страна на договорниот орган во постапката за јавна набавка.

7
При спроведување на постапка за јавна набавка на опрема (со значиетелн износ која ретко се продава на домашниот пазар) дали како услов за квалитативен избор може да се бара економскиот оператор (производителот доколку економскиот оператор се разликува од производителот), да има продадено одреден број на парчиња од опремата (како минимум), што ја нуди во последни 3 години? Дали би можел овој услов да се постави без при тоа да се смета дека се користи способност од друг субјект, во смисла на член 95 од ЗЈН?

Во постапка за јавна набавка договорниот орган како услови за квалитативен избор на економските оператори може да ги користи само условите утврдени во член 89 став 1 од законот, односно:

  • способност за вршење професионална дејност;
  • економска и финансиска состојба и
  • техничка и професионална способност.

Согласно со ставот 3 од горенаведениот член, договорниот орган, во постапката за јавна набавка ги вклучува само оние услови што се неопходни за да се увери дека економскиот оператор е способен да го изврши договорот, при што сите услови мора да се директно поврзани и сразмерни со предметот на јавната набавка, неговата сложеност и вредност, односно на делот од предметот на набавка кај деливите набавки.

Од податоците изнесени во прашањето произлегува дека преку условот што е поставен треба да се утврди способноста на понудувачот (или на производителот, доколку понудувачот се јавува во својство на трговец). Сепак, треба да се има предвид дека доколку производителот не поднесе понуда, истиот би требало да има својство на субјект чија способност економскиот оператор ја користи. Од аспект на законот, економскиот оператор во постапката за јавна набавка може да ја користи способноста на друг субјект за докажување на исполнетоста на условите за квалитативен избор во врска со релевантно стручно искуство само доколку другиот субјект ќе ги изведува работите или ќе ги обезбедува услугите за кои се бара таквата способност. Од изнесеново произлегува дека при набавка на стоки, економскиот оператор не би можел да користи способноста на друг субјект во однос на релевантно стручно искуство.

Од друга страна, а имајќи предвид дека описот на предметот на набавка содржи технички спецификации со кои меѓуостанатото се дефинира нивото на квалитет, би можелa да се разгледа можноста во делот на техничката спецификација на предметот на набавка, a во функција на потврдување на квалитетот да се постави услов согласно кои економските оператори (за опремата која ја нудат) да достават доказ за нејзина продаваност.

Сепак, договорниот орган треба да има предвид дека при спроведувањето на јавните набавки е должен да ги почитува начелата на слободно движење на стоките, слобода за основање, слобода за обезбедување услуги, како и начелата на економичност, ефикасност, конкуренција помеѓу економските оператори, транспарентност, еднаков третман на економските оператори и сразмерност.

8
Во постапката за јавна набавка учествува и група на економски оператори, а дел од групата се и странски економски оператори. Со оглед дека се бара важечка лиценца за изведба на работи и овластувања за техничкиот кадар, дали може да се прифатат важечките лиценци и овластувања издадени од земјата во која странските економски оператори се регистрирани?

Согласно со член 90 став 2 од законот, при утврдување на способноста за вршење професионална дејност на економските оператори договорниот орган бара и доказ издаден од надлежен орган за исполнување на посебните услови за вршење на дејноста пропишани согласно со закон кои се однесуваат на предметот на јавна набавка. Постојат одредени дејности за кои е потребно поседување посебна лиценца, дозвола или сертификат за да може да се врши таа дејност. Овие посебни лиценци, дозволи или сертификати што се предвидени со материјалните прописи треба да се имаат предвид и се применливи во јавните набавки. Како такви, договорниот орган треба да бара од економскиот оператор да достави доказ дека поседува соодветна лиценца, дозвола или сертификат за вршење на овие дејности, ако тоа се бара со материјалните прописи. Општата бизнис клаузула кај ваквите дејности не е доволна за да се докаже способноста за вршење на професионална дејност.

Во однос на важењето на бараните лиценци и овластувања, предвид треба да се имаат и материјалните прописи со кои се уредува предметот на набавка, со цел да се утврди дали лиценците и овластувањата издадени од надлежни органи каде странските економски оператори се регистрирани, според принципот за заемно признавање, може да се прифатат како еквивалентни на бараните.

9
Во постапка во која се бара економските оператори да имаат одредена економска и финансиска способност за извршување на договорот, и каде услов за учество е економските оператори да имаат одреден минимален годишен приход во последните три години, дали економски оператор кој е новоформиран треба да биде отфрлен од постапката?

Договорниот орган согласно со член 95 став 7 точка г) од законот, како доказ за економската и финансиската состојба на економските оператори може да побара, и извод од целокупниот приход на претпријатието (податок од билансот на успех издаден од надлежен орган, односно ревидиран биланс на успех) и, онаму каде што се бара, изјава за приходот во областа која се покрива со договорот за јавна набавка, и тоа најмногу за последните три финансиски години за кои се расположливи ваквите информации во зависност од датумот на кој претпријатието е основано или започнало со работа и во зависност од достапноста на таквите информации.

Од изнесеново произлегува дека, новоснован економскиот оператор бараниот услов за квалитативен избор во делот на економската и финансиската состојба, треба да го има исполнето во периодот во кој ја врши дејноста.

10
Што треба да содржи потврдата за навремено реализирање на договорот за истата да биде валидна?

Договорниот орган, согласно со член 92 став 2 од законот, може да бара од економските оператори да имаат доволно искуство, кое ќе го докажат со соодветни препораки од претходни набавки. Согласно став 3 од овој член, при јавни набавки за работи, услуги или стоки кои вклучуваат услуги за нивно поставување или вградување, договорниот орган може да ја оцени професионалната способност на економскиот оператор за извршување на работите, услугите или инсталациската работа во однос на неговите вештини, успешност, искуство и сигурност.

  Доказите со кои во постапките за јавни набавки, се докажува техничката и професионалната способност на економскиот оператор се пропишани со член 95 став 8 од законот.

Согласно точка а) од горенаведената одредба, при утврдување на условите за квалитативен избор во делот на техничката или професионалната способност на економските оператори, договорниот орган како доказ може да бара потврда за извршени испораки на стоки или извршени услуги во последните три години, со вредности, датуми, купувачи (договорни органи или економски оператори), при што не е наведено од кога почнува да се смета овој период од три години.

Исто така, договорниот орган може, доколку e тоа неопходно,  да ја земе во предвид и втората реченица од точка а) став 8 на член 95, согласно која а со цел да се обезбеди соодветно ниво на конкуренција, може да ги земе предвид доказите за соодветните испораки на стоки или извршени услуги пред повеќе од три години, што го наведува во тендерската документација.

 Имено, целта на договорниот орган е да добие што е можно повеќе прифатливи понуди со цел да може да ја избере онаа која ќе значи најдобра вредност за парите кои ги обезбедил за задоволување на конкретната потреба, а обезбедувањето на потврдите е услов кој треба поконкретно да го даде договорниот орган во тендерската документација.

Воедно, треба да се има предвид дека  реализацијата на договорот зависи од предметот на набавка (стоки, услуги или работи). На пример, ако станува збор за изведување на работи, договорот се смета за целосно реализиран по извршениот технички прием на работите (предмет на набавка) и извршеното примопредавање. Ако станува збор за договор за јавна набавка на стоки или услуги, по испорака на стоките или извршувањето на услугите со што се смета дека договорот за јавна набавка се реализирал.

 Оттука, потврдата која економскиот оператори ја доставува со цел докажување дека навремено и квалитетно го/и рализирал склучениот/те договор/и по правило ја издава купувачот на стоките, услугите или работите по реализацијата на конкретниот договор. 

Не најдовте соодветен одговор?
Може да поставите прашање во врска со Законот за јавните набавки на нашата контакт форма