д-р Нина Ангеловска
Нина Ангеловска е родена во Скопје, Македонија на 13 јули 1988 година. Нејзиниот животен пат накратко изгледа вака…
Средното образование го стекнува во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, а во 2010 година дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Економски факултет на департманот Е-бизнис како најдобар студент на генерацијата и со постигнат успех 9,94. Воедно ја добива Манинговата награда за најдобар студент на полето на економски науки.
Во текот на студирањето Нина e ангажирана како демонстратор на Економскиот факултет по предметите: Математика за бизнис, Статистика за бизнис и Веб дизајн, а воедно зема учество на повеќе национални и меѓународни натпревари. Од меѓународни натпревари најзначаен е Балкан кејс челинџ (Balkan Case Challenge) во Виена, поддржан од ВУС Австрија (WUS Austria), каде што Нина освојува 3-то место, додека од националните најуспешна е на натпреварот за најиновативен бизнис план организиран од страна на Националниот центар за развој на иновации и претприемништво каде што освојува 1-во место, а со тоа и почетен капитал за реализација на нејзината бизнис идеја.
Професионалната кариера ја започнува со основање на првиот веб-сајт за групни попусти во Македонија – Групер.мк, веднаш по дипломирањето, со што стекнатото знаење го применува во практика. Групер го предизвикува раздвижувањето на пазарот на е-трговија во земјава, доживува огромен успех, станува лидер на пазарот и се здобива со бројни награди и признанија.
Во исто време, Нина продолжува со образованието на Економскиот факултет во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и во 2012 година се стекнува со звањето магистер на економски науки во областа на е-бизнис менаџмент. Во 2013 година таа ги започнува докторските студии и во 2016 година се стекнува со научен назив доктор на науки по организациски науки и управување при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Со нејзиното 9-годишно искуство во менaџирање на водечката компанија за е-трговија и успешната претприемачка приказна, Нина е говорник, предавач и ментор на бројни настани, конференции и академии. Од 2012 година до денес Ангеловска има земено учество како говорник на над 300 домашни и интернационални настани меѓу кои на Самитот на земјите од Западен Балкан во Лондон, Самитот на Форбс 30 под 30 во Софија, УНКТАД Недела на е-трговија во Женава и многу други.
Пасијата, желбата и ентузијазмот за работа, прогресот и промените како и синергијата од науката и практичната работа ѝ отвораат бројни можности. Нина е ангажирана како консултант на повеќе различни проекти меѓу кои соработка со УНКТАД, Македонски Телеком и други. Во 2017 година Амбасадата на САД ја номинира за Глобалниот самит на претприемништво (Global Entrepreneurship Summit 2017) одржан во Индија, каде што Ангеловска учествува како претставник претприемач од земјата.
Со мисија да креира поволна клима за раст и развој на индустријата, иницира основање на првата Асоцијација за е-трговија во земјата во декември 2017 година, која Ангеловска ја води како претседател. Таа е коавтор на објавениот сеопфатен извештај за состојбата на е-трговијата под наслов „Подготвеност, потенцијал, фактичка состојба, бариери и препораки за развој на е-трговијата во Р. Македонија“ објавен во јуни 2018 година.
Под програмата на Стејт Департманот на САД, „Tech Innovation and Entrepreneurship Professional Fellows Program“, во периодот април – мај 2018 година, Ангеловска престојува во САД каде што работи во Центарот за претприемништво при „Универзитетот Де Пол“ во Чикаго. Нејзиниот потенцијал и напорна работа се меѓународно препознаени.
Во 2016 година, еминентниот германски магазин Хундерт (The Hundert) ја вбројува Ангеловска во листата на 100 успешни жени основачи на старт-апи во Европа (100 Female Founders Europe), а во 2018 година магазинот Форбс (Forbes) ја наградува со престижното признание „30 под 30“ (30 Under 30) за Европа во категоријата Малопродажба и е-трговија.
Од 2018 година Ангеловска е член на управниот одбор на Европската асоцијација за e-трговија (EMOTA) и на советодавниот одбор во Фондацијата за е-трговија (Ecommerce Foundation). Во 2019 година станува и член на управниот одбор на Стопанската комора на Македонија. Исто така, во 2019 година Ангеловска доби покана од УНКТАД да биде жена амбасадор за дигитилна трговија (eTrade for Women Advocate).