Почитувани, Со изменување и дополнување на член 62 став 1 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“, бр.30/2016), се задолжуваат основните училишта во договор со родителите, а согласно Законот за јавни набавки, да организираат најмалку еден оброк во текот на престојот на учениците во училиште.
Со цел да ја олесни примената на оваа одредба од страна на основните училишта во однос на набавката на оброци за учениците, а во рамки на своите законски надлежности, Бирото за јавни набавки Ве известува за следното: Согласно член 3 точка 40 од законот, Општиот поимник за јавни набавки е референтна номенклатура што се применува во постапките за доделување на договори за јавни набавки и кој обезбедува еднообразност со останатите постоечки номенклатури. Услугите за училишни оброци, кои се предмет на Вашата набавка, во ОПЈН се под шифра 55523100-3 и истите спаѓаат во Категорија 17 (хотелски и угостителски услуги) од Уредбата за услугите кои се предмет на договорите за јавни набавки на услуги, односно претставуваат „неприоритетни“ услуги. Предмет на договорот за јавна набавка на услуги согласно член 17 став 1 алинеја 2 од Законот за јавните набавки меѓу останатото претставува и обезбедувањето на хотелски и угостителски услуги.
За овие т.н „неприоритетни“ услуги, поради нивната специфичност, со законот е пропишан полиберален режим за набавка кој се согледува преку одредбите од ставовите 2 и 3 од истиот член. Имајќи ги предвид ставовите 2 и 3 од членот 17, при доделувањето на договор за јавна набавка на услуги од ставот 1 алинеја 2 на овој член со проценета вредност над 20.000 евра во денарска противвредност без вклучен ДДВ, се применуваат членовите 2, 33, 34, 35, 36 и 55 од законот, додека во случај проценетата вредност да изнесува под 20.000 евра во денарска противвредност без вклучен ДДВ, се применуват членовите 2 и 103 од законот. Следствено на тоа, одлуката на договорниот орган за тоа на кој начин ќе ја спроведе постапката за доделување на договор за јавна набавка и бараните документи кои ќе послужат за утврдување на способноста на понудувачите, треба да зависи од тоа дали на тој начин поблиску и поцелосно ќе се запазат принципите определени со член 2 од законот, со оглед на специфичноста на предметот на набавка, потребата од запознавање на јавноста со потребата за набавка, недискриминирањето на економските оператори и др.
Исто така, доколку објавувате оглас, Ве информираме дека истиот можете да го објавите и во Други огласи на страната на ЕСЈН што всушност е и препорака на Бирото за јавни набавки. Во овој случај немате обврска и можност да спроведете електронска аукција. Во однос на бројот на ученици што примаат оброк, доколку договорниот орган не може прецизно да ги утврди количините од конкретниот предмет на набавка кои планира да ги набави по доделувањето на договорот за јавна набавка, истите може да ги дефинира преку две можности за апроксимативно определување.
Едната можност е договорниот орган да ја наведе планираната количина, но и можноста од истата да има отстапување во проценти, додека другата можност е предвидување на максимални количини кои договорниот орган би ги набавил.
Со почит,
Биро за јавни набавки