Обуки за договорни органи во рамки на Твининг проектот „Зајакнување на функциите за буџетско планирање, извршување и внатрешна контрола“

Бирото за јавни набавки во рамки на Твининг проектот „Зајакнување на функциите за буџетско планирање, извршување и внатрешна контрола“(“Strengthening Budget Planning, Execution and Internal Control Functions”), организираше и одржа 3 еднодневни обуки во период од 30.11.2021 – 02.12.2021 година.

Слушателите на обуките беа запознаени со добрите практики од познавачи на оваа област и носители на јавни функции од Република Хрватска. Овие сознанија добиени од земја членка на ЕУ ќе помогнат во секојдневното работење, планирање и спроведување на јавните набавки во Република Северна Македонија.

Предавачи на обуката беа Звонимир Јукиќ, член на Државната комисија за супервизија на постапките за јавни набавки, Република Хрватска и Ана-Марија Перовиќ, помошник директор на Агенцијата за централно финансирање и склучување на договори, Република Хрватска.

Согласно агендата, на обуките на кои присуствуваа 96 учесници, беа опфатени следните теми: планирање и подготовка на постапките за јавни набавки со акцент на анализа на пазарот и подготовка на техничките спецификации, економски најповолна понуда наспроти квалитативен избор на економските оператори, управување со договорот – извршување и измени на договорите за јавни набавки.

Со организирањето и одржувањето на овие обуки се постапи согласно  со заклучокот на Педесеттата седница на Владата на Република Северна Македонија,  одржана на 2 март 2021 година, со кој беше задолжено Министерството за финансии – Бирото за јавни набавки да подготви наменска годишна обука за сите договорни органи за: планирање на набавките, начин и методи за истражување на пазарот, изработка на технички спецификации за стоки, услуги и работи, правилно и сразмерно утврдување на условите за учество и критериуми за избор на најповолна понуда и други содржини во насока на отстранување на сите слабости кои може да доведат до недоследно придружување кон начелата за јавни набавки.