Препорака за договорните органи кај набавката на авио-билети

Почитувани, Бирото за јавни набавки, поаѓајќи од своите законски надлежности од членот 14 став 1 алинеја 2 од ЗЈН, констатираше дека во примената на законот зачестено се јавуваат предизвици при набавката на авио-билети и други набавки каде се јавува 0,01 денар како дел од цената што е предмет на аукција.

Во координација со Државната комисија за жалби по јавни набавки, Бирото им препорачува на договорните органи при изготвување на тендерската документација за набавка на авио-билети да се предвидат конкретни одредби во истата за начинот на формирање на цената, односно делот од цената што ќе биде предмет на е-аукција (вообичаено е TSC). Исто така, потребно е во тендерската документација договорниот орган да го предвиди принципот “кој прв поднесе понуда” доколку две или повеќе понуди имаат идентична цена и други услови кои се важни за добивање споредливи понуди. При тоа, треба јасно да се дефинира дека она што се смета за цена на понудата е само дел од вкупната цена која договорниот орган ќе ја плати при набавка на авио-билети.

Договорниот орган треба за целото времетраење на договорот  да ја следи неговата реализација, при што TSC по билет (доколку тоа било предвидено како цена на понудата) не смее да биде различен од износот за плаќање на TSC искажан во понудата по спроведена е-аукција, по добиена конечна цена или во случај кога износот на TSC е 0,01 денар поради што не е можно да се спроведе е-аукција.

Доколку договорниот орган планира како вредност на договорот да биде износот на средства обезбеден со одлуката за јавна набавка, истото да се наведе во моделот на договорот или во задолжителните елементи на договорот. Во меѓувреме, Бирото ќе иницира изготвување на модел на тендерска документација во соработка со договорни органи кои имаат најголемо искуство во овој дел и со претставници од деловната заедница, а со цел да се олесни примената на законот. Исто така, ги советуваме договорните органи доколку тендерската документација не содржи модел на договор, во задолжителните елементи на договорот да внесат содржина на оние елементи кои се суштествени за договорот.

Сметаме дека наведувањето само на називите на заглавијата на договорот не е доволно за правилна и доследна примена на законот.

 

Со почит,

Биро за јавни набавки