Препораки и укажувања за користењето претходно искуство на економскиот оператор како елемент на критериумот квалитет

Согласно член 45 од Законот за јавните набавки, Бирото за јавни набавки го следи и анализира спроведувањето на законот и другите прописи за јавни набавки.

Во оваа смисла, увидено е дека неретко договорните органи во практика, го дефинираат критериумот за избор на најповолна понуда на начин што квалитетот или подкритериумите во критериумот квалитет, ги оценуваат врз основа на предходното искуство на економските оператори.

Од таа причина, а во насока на правилна примена на Законот за јавни набавки, Бирото укажува дека при дефинирањето на критериумот за избор на најповолна понуда треба да се има предвид членот 99 од законот, а особено ставот (2) според кој:

„(2) Економски најповолната понуда се утврдува врз основа на цената или трошоците со користење на пристапот на исплатливост, како што се трошоците во животниот век; или како најдобар однос помеѓу цената и квалитетот, што се оценува врз основа на критериуми, вклучувајќи квалитативни, еколошки и социјални аспекти поврзани со предметот на набавка кои може да вклучуваат:

а) квалитет и техничка вредност, естетски и функционални карактеристики, достапност, дизајн прилагоден за сите корисници, социјални, еколошки и иновативни карактеристики, како и услови на купопродажба;

б) организација, квалификации и искуство на персоналот кој ќе го извршува договорот, доколку квалитетот на ангажираниот персонал може значително да влијае на извршувањето на договорот и

в) пост-продажни услуги и техничка поддршка, а во исклучителни случаи услови на испорака, како што се датум на испорака, начин на испорака и рок на испорака или рок на извршување.“

Наведениот став уредува што може да се користи како критериум кај економски најповолната понуда. Притоа, претходното искуство на економските оператори не е наведено како можност да се користи како критериум кој ќе се оценува. Дополнително треба да се има предвид дека претходното искуство на економските оператори е уредено во делот за техничка и професионална способност од Законот, каде согласно членот 92 став (2), договорниот орган може да бара од економските оператори да имаат доволно искуство, кое ќе го докажат со соодветни препораки од претходни набавки.

Во врска со ова прашање, Бирото за јавни набавки размени мислење и искуства со партнерите од Твининг проектот „Зајакнување на функциите за буџетско планирање, извршување и внатрешна контрола“. Оттаму, потврден е ставот дека претходното искуство на економските оператори, договорниот орган може да го утврди единствено како услов за докажување на професионалната и техничка способност на економските оператори, додека при оценување на квалитетот на понудата истото не може да биде предмет на бодување, на што упатуваaт неколку пресуди на Европскиот суд на правдата C-532/06 Lianakis and Others, како и C-601/13  Ambisig v Nersant.

Согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ, нашата држава има обврска да го транспонира правото на ЕУ во националното законодавство,  а имајќи предвид дека пресудите на Европскиот суд на правдата преставуваат извор на правото, Бирото укажува на потребата од доследна примена на погоренаведеното.