Во врска со моменталната состојба на зголемување на цената на електрична енергија и дилемите на договорните органи на кој начин успешно да ги спроведат јавните набавки на електрична енергија во актуелниот момент, Бирото за јавни набавки во соработка со Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, го препорачува следново:
Во постапките за јавни набавки на електрична енергија, најповолниот понудувач да се избира врз основа на понудена најниска висина на маржата врз основа на просечна месечна цена определена на берзата HUPX, која Регулаторната комисија ќе ја објавува на својата ВЕБ страна на месечно ниво, а ќе се однесува на претходниот месец. Во однос на прашањето за останатите трошоци (на пример за балансна одговорност како и други поврзани трошоци), како и за други специфични прашања, соодветно треба да се применат и материјалните прописи со кои се уредува предметот на набавка, односно Законот за енергетика и неговите подзаконски акти.
Доколку договорните органи спроведуваат отворена постапка, може да се користи можноста која ја дава Законот за јавните набавки, односно поради итни причини кои договорниот орган соодветно ќе ги образложи во одлуката за јавна набавка, рокот за доставување на понудите да не е пократок од 20 дена од датумот на објавување на огласот за јавна набавка.
Воедно, со оглед на флексибилноста која ја нуди рамковната спогодба предлагаме истата да се користи како начин за спроведување на постапката. Имено, рамковната спогодба ќе овозможи да се наведат ориентациони количини и истата ќе се користи се до нејзино вредносно исцрпување.
Договорните органи согласно со член 117 став (2) од Законот за јавните набавки треба да го следат извршувањето на договорот за јавна набавка или рамковната спогодба, и пред вредносното исцрпување (на пример на 70% од исцрпеност на финансиските средства) да пристапат кон спроведување на нова постапка и склучување нов договор за јавна набавка или рамковна спогодба со цел да се обезбеди континуитет во снабдувањето.