Земјите членки на Светската трговска организација денеска на состанокот на Комитетот за јавни набавки во Женева гласаа за усвојување на одлуката за пристапување на Република Северна Македонија кон Спогодбата за јавни набавки (GPA) на Светската трговска организација.
Делегацијата на Република Северна Македонија ја предводи државниот секретар во Министерството за економија, Размена Чекиќ-Дуровиќ, во придружба на директорот на Бирото за јавни набавки Борче Хаџиев, амбасадорот Теута Агаи-Демјаха на Постојаната Мисија на Република Северна Македонија при ОН во Женева и експертскиот тим од Бирото за јавни набавки и Министерството за економија кој ги водеше преговорите.
Република Северна Македонија аплицираше за пристапување кон Спогодбата за јавни набавки на 3 март 2017 година, првичната иницијална понуда за пристап до пазарот на јавни набавки согласно условите во Спогодбата ја достави на 28 февруари 2018 година и во септември 2022 година, достави конечна понуда за пристап на пазарот на јавни набавки.
Спогодбата за јавни набавки, е плурилатерален документ, која е склучена во Маракеш на 15 април 1994 година, беше заменета од страна на сите нејзини членки на СТО, со изменетата Спогодба (2012). Спогодбата нуди транспарентни и недискриминаторски услови, постапки и пракси за компани кои учестваат во јавните набавки на земјите пристапнички на Спогодбата.
Вкупно 48 земји членки на Светската трговска организација се пристапнички кон Спогодбата и од денес Република Северна Македонија постанува 49 земја.