Почитувани,
Бирото за јавни набавки организира и врши обука за едукација на службеници и други стручни лица во врска со јавните набавки. При тоа Бирото е единствено надлежно да подготвува и спроведува едукација за јавни набавки и да издава потврди за положен испит за лице за јавни набавки.
Од причина што во последно време од страна на одредени консултантски куќи несовесно се манипулира и се доведува во заблуда јавноста, односно се нудат и спроведуваат обуки по кои учесниците може да се стекнат со сертификати за стручни лица за јавни набавки, сакаме да Ве известиме дека истите не претставуваат потврди за лице за јавни набавки со кои би можеле да се вршат стручни работи за јавни набавки согласно условите пропишани со Законот за јавните набавки.
Имено, договорните органи се должни да определат лице или организациски облик во чии рамки ќе се вршат работи од областа на јавните набавки. Лицето за јавни набавки согласно со член 80 став (2) од Законот за јавните набавки е лице кое има стекнато најмалку 180 кредити според ЕКТС, односно завршен VI/1 степен на образование и кое има соодветна потврда за положен испит за лице за јавни набавки чиј издавач е единствено Бирото за јавни набавки.
За издадените потврди Бирото води регистар на сертифицирани лица кој е јавно достапен на следниов линк:
Секако, Бирото не забранува одредени консултантски куќи да спроведуваат обуки за одредени теми поврзани со јавните набавки, но со нивните издадени потврди или сертификати само се потврдува дека одредено лице присуствувало на обуката која ја спровеле. Истите не се и не можат да бидат потврди за положен испит за лице за јавни набавки кои ги издава Бирото по спроведена едукација за јавни набавки и положен испит.
Со почит,
Биро за јавни набавки