Во периодот од 12 до 14 Oктомври 2022 година, Бирото за јавни набавки спроведе едукација согласно наставната програма за обука на обучувачи за продолжување на важноста на потврдата за обучувач за јавни набавки.
Целта на оваа обуката, е континуирано зајакнување на знаењата, вештините и компетенциите, како и на капацитетите на обучувачите со теоретски и практични знаења за јавните набавки согласно со актуелната законска рамка за јавни набавки и најдобрата меѓународна практика и нивно оспособување за испорака на обуки за јавни набавки.
На обуката беа презентирани следниве теми:
- Примена на стандардите при подготовка на техничките спецификации и критериумите за утврдување способност во согласност со одредбите од Законот за јавните набавки. А во рамките на оваа тема, се даде општ осврт на стандардите, стандардизацијата и надлежноста на Институтот за стандардизација на РСМ, се направи анализа на членовите од законот поврзани со користење на стандардите при дефинирање на техничките спецификации, се презентираа примери за цитирање на стандардите во тендерски документации и се прикажа начинот на пребарување на македонски стандарди преку веб страната на Институтот за стандардизација на РСМ.
- Начела на кои се темелат јавните набавки, а во рамките на оваа тема се презентираа видовите начела и нивното дефинирање во Законот за јавните набавки во споредба со начелата во Законот за јавни набавки на Република Хрватска. Се разработи секое поединечно начело преку примери од практиката во Република Хрватска.
- Во рамките на темата Измена на договорите за јавна набавка, се разработи секој поединечен основ за измена на договорот за јавна набавка. Се презентираат последиците од незаконските измени на договорот со конкретни пример од Република Хрватска, а се презентира и заклучокот на Владата на Република Хрватска за преземените активности за ублажување на последиците од нарушувања на цените на градежните материјали и производи.
- Беше презентирана новата надлежност на Бирото – Управна контрола, воведена со актуелниот Закон за јавните набавки чија примена започна на 1 април 2019 година, и беа презентирани практични примери од спроведени управни контроли.
- Беа презентирани и правилата и предизвиците при спроведување на набавките од мала вредност преку е-Пазарот, како и начинот на изготвување на понудите во форма на електронски каталог. Воедно, се потенцираа придобивките од електронскиот пазар како поедноставен и побрз процес на спроведување на набавките од мала вредност.
- Во рамките на темата – Актуелни прашања и одговори од пракса поврзани со правната заштита во јавните набавки, беше потенцирана улогата на доказите во постапка на правна заштита, најчестите пропусти од страна на договорните органи при подготовка на тендерска документација и при евалуација на понудите, како и дилемите кои се јавуваат при евалуација на понудите. Се презентираа и дилемите при утврдувањето на способност на економските оператори, како и грешките при поништување на постапка од страна на договорните органи.
Горенаведените теми беа презентирани од страна на предавачи од Бирото за јавни набавки, стручни лица од органите на државната управа чија надлежност е од областа опфатена со програмата за едукација и тоа: Институтот за стандардизација на РСМ и Државна комисија за жалби по јавни набавкикако и предавачи од Државната комисија за супервизија на постапките за јавни набавки на Република Хрватска ангажирани од Твининг проектот „Зајакнување на функциите за буџетско планирање, извршување и внатрешна контрола”.