Обуки за економски оператори за новините на системот за јавни набавки во рамки на Твининг проектот „Зајакнување на функциите за буџетско планирање, извршување и внатрешна контрола“

Бирото за јавни набавки во рамки на Твининг проектот „Зајакнување на функциите за буџетско планирање, извршување и внатрешна контрола“(“Strengthening Budget Planning, Execution and Internal Control Functions”), организираше и одржа 2 еднодневни обуки за претставници од економските  оператори во периодот од 21.02.2022 – 22.02.2022 година.

Слушателите на обуките беа запознаени со добрите практики од познавачи на оваа област и носители на јавни функции од Република Хрватска. Овие сознанија добиени од земја членка на ЕУ ќе помогнат во секојдневното работење, учество во постапките за јавни набавки во Република Северна Македонија.

Предавачи на обуката беа Звонимир Јукиќ, член на Државната комисија за супервизија на постапките за јавни набавки, Република Хрватска и Ана-Марија Перовиќ, помошник директор на Агенцијата за централно финансирање и склучување на договори, Република Хрватска.

Согласно агендата, на обуките на кои присуствуваа 52 учесници-претставници од економски оператори, беа опфатени следните теми: услови за квалитативен избор на економските оператори и докажување на способноста со посебен осврт на користење способност од други субјекти и подизведување, економски најповолна понуда од гледна точка на економските оператори со посебен осврт на разбирање на тендерската документација и конкурентност во постапката за јавна набавка, Право на жалба – што треба да се земе предвид кога се изјавува/изготвува жалба и како до позитивен резултат (примери).