Биро за јавни набавки

Директор

Д-р Маре Богева Мицовска

Д-р Маре Богева Мицовска е родена на 19.04.1974 година во Скопје. Во текот на школувањето постигнувала континуиран одличен успех. Студиите на Правниот факултет ги завршила при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Непосредно по дипломирањето се запишала на последипломските студии по Мегународно право на Правниот факултет Јустинијан Први – Скопје. Во.2009 година успешно го одбранила магистерскиот труд на тема „Усогласување на законодавството на Република Македонија со законодавството на Европската унија во областа на јавните набавки“, со што се здобила со академското звање, магистер по правни науки од областа на мегународно право. Веднаш по завршување на магистерските студии го продолжи своето надградување со запишување на докторски студии на Правниот факултет Јустинијан Први – Скопје. Во 2012 година, успешно ја одбрани докторската дисертација на тема „Правната заштита во постапките за доделување на договори за јавни набавки“, со што се стекна со академското звање, доктор по правни науки.

Во Мај 2010 година успешно го полага правосудниот испит спроведен согласно Програмата утврдена од Министерството за правда за полагање на правосуден испит.

Во 2011 -2012 година се стекнува со Сертификат за овластен обучувач за набавки доделен од ITC-ILO International Training Centre, Turin, Italy (Дел од проектот за мрежа на обучувачи за западен Балкан и Турција, финансиран од ЕУ).

Во Април 2013 година се стекнува со Уверение за овластен државен ревизор согласно  Програмата за овластен државен ревизор, од Државниот завод за ревизија.

Во континуитет се стекнува со потврда за сертифициран обучувач за јавни набавки на Бирото за јавни набавки согласно Програмата за спроведување едукација за јавни набавки и програмата за спроведување обука за обучувачи за јавни набавки.

Во последните 20 години успешно работи на областа јавни набавки. Својата работна кариера ја има започнато во Министерството за финансии во кое на различни работни позиции минува шест години од својата работна кариера првенствено во Одделението за јавни набавки од декември 2000 година,  а во 2004 година е вклучена во формирање на Секторот за системот за јавните набавки. Во 2005 година работи во рамките на Бирото за јавни набавки, орган во состав на Министерството за финансии.

Во периодот од 2006 – 2014 година работи како директор на Бирото за јавни набавки при што дава исклучително значаен придонес за спроведувањето клучни реформи во системот на јавни набавки во државата: воспоставувањето на единствен електронски систем за спроведување на јавните набавки (ЕСЈН), воспоставувањето систем едукација на службеници кои го управуваат системот за јавни набавки кај договорните органи, односно професионализација на функцијата службеник за јавни набавки преку воведување на сертификација и унапредувањето на законската регулатива во согласност со ЕУ регулативата и меѓународните стандарди. Во овој период во соработка со Германското федерално Министерство за економија и технологија Бирото за јавни набавки успешно го имплементира Твининг Проектот ИПА 2008 „Подршка на системот за јавни набавки“ финансиран од Европската Комисија.

Од 2015 до 2024 година работи во Народната Банка и раководи со Дирекцијата за јавни набавки задолжена за планирање на потребите и подготовка на годишен план за јавни набавки, подготовка на тендерски документи и договори за јавни набавки, следење на договорите за јавни набавки од правен и финансиски аспект и др.

Од 2024 година повторно ја презема улогата на Директор во Бирото за јавни набавки.

Нејзиниот придонес за развојот на јавните набавки во нашата држава е валоризиран во повеќе наврати за што и е доделено признание за нејзиниот извонреден придонес, посветеност и одлична соработка во процесот на подготовка на законската регулатива за јавни набавки од Директорот на канцеларијата за економски развој на УСАИД – Македонија во Декември 2007 година. Во март 2009 година Проектот е-Влада на УСАИД Македонија (eGov Project, USAID) и додели сертификат за благодарност за раководење и континуирана поддршка во процесот на развој и имплементација на системот за е-набавки. Во 2013 година Владата на Република Македонија согласно со Методологијата „Барометар на квалитет на институции“  го прогласи Бирото за јавни набавки под раководство на д-р Маре Богева Мицовска за воспоставениот „Електронскиот систем за јавни набавки“ за добитник на наградата за најдобро спроведен проект на е-Влада.

Во септември 2014 година Здружението на правници на Република Македонија и доделува Благодарница за придонес во континуирана едукација во областа на јавните набавки и развојот на правната мисла во дисциплината „Право на јавни набавки“.

Активно е вклучена во изготвувањето на легислативата (закони, подзаконски акти, уредби, правилници и др.) поврзана со јавните набавки, концесии и јавно приватно партнерство како и правната заштита во постапките за доделување на договори за јавни набавки. Во текот на својата работа учествувала на повеќе семинари и обуки во земјата и во странство од областа на јавните набавки.

Раководела со работната група од Поглавјето 5 за јавни набавки за усогласување на националното законодавство со законодавството на Европската унија.

Во текот на нејзината досегашна кариера, учествувала како предавач на повеќе домашни образовни и научни институции, на семинари, обуки и конференции во земјата и во странство, во различни својства, од партиципиент, преку спикер, па се до претседавач со истите. Во периодот од 2006-2014 била национален претставник во Советодавниот комитет за јавни набавки на Европската Комисија. Д-р Маре Богева Мицовска има напишано и објавено голем број на стручни трудови од областита на правото, особено за јавните набавки и правната заштита во постапките за доделување на договори за јавни набавки.

Контакт:

тел: 02/3255-688

е-маил: mare.bogeva-micovska@bjn.gov.mk