Биро за јавни набавки

Наменска обука за јавни набавки за Министерство за внатрешни работи

Јавните набавки се општо прифатени како една од владините стратешки активности. Кога се соодветно осмислени, јавните набавки претставуваат инструмент за постигнување на одредени опшествените цели, како на пример: добивање на “најдобра вредност за парите” при набавката на стоки, услуги и работи, стимулирање на иновативноста на пазарот и постигнување на одржлив развој.

Истовремено, а имајќи предвид дека јавните набавки претставуваат област која е изложена на незаконско постапување и корупција, Бирото за јавни набавки континуирано презема активности за зајакнување на капацитетите за идентификување и превенција на ваквите практики.

Оттука, мерките за борба против незаконското постапување и корупцијата се посебен приоритет во Стратегијата за развој на системот на јавните набавки за 2022-2026 година, а дополнително Бирото за јавни набавки е активно вклучено и во Регионалниот патоказ за борба против корупцијата и нелегалните финансиски текови, и соодветно постапува согласно одлуките и заклучоците на Владата на Република Северна Македонија во однос на активности за спречување на корупцијата во јавните набавки.

Во оваа насока,  на иницијатива на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи, беа организирани две дводневни работилници/наменски обуки за полициските службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Единиците за корупција, финансиски криминал и финансиски истраги. Работилниците беа одржани на 20 и 21 декември 2023 година и на 16 и 17 јануари 2024 година. Притоа, имајќи ја предвид сензитивноста на работата на Единиците, како и комплексноста на задачите кои ги извршуваат, беа презентирани одредени специфични прашања од однапред утврдени теми поврзани со примената на Законот за јавните набавки во Република Северна Македонија, а дополнително беа разменети мислења и ставови помеѓу Бирото за јавни набавки и претставниците од Министерството за внатрешни работи.

Работилницата беше успешно реализирана, а двете институции договорија следни активности и интензивирање на соработката, со крајна цел за поголема успешност во превенцијата и сузбивањето на корупцијата во јавните набавки и правилна примена на одредбите од Законот за јавните набавки.