Биро за јавни набавки

Биро за јавни набавки учествуваше во едукација за ревизија на постапките за јавни набавки

На 4 март 2025 година, претставници на Бирото за јавни набавки учествуваа на едукација организирана за вработените од Државниот завод за ревизија, во рамки на Годишниот план за континуирано професионално усовршување за 2025 година, со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Фокусот на едукацијата беше на анализата на клучните наоди и практични примери од извршените ревизии на постапките за јавни набавки, применетата законска и подзаконска регулатива во оваа област, како и важноста на меѓуинституционалната соработка. Посебен акцент беше ставен на улогата на Бирото за јавни набавки во унапредувањето на транспарентноста и интегритетот на јавните набавки, во согласност со Националната развојна стратегија 2024-2044 и Целите за одржлив развој.

Како еден од предавачите на настанот, директорката на Бирото за јавни набавки, д-р Маре Богева – Мицовска, ја истакна важноста на планирањето и спроведување на јавните набавки, како и улогата на ревизорските наоди во подобрувањето на јавните политики.

На едукацијата, претставниците од Бирото за јавни набавки, Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување на корупцијата дискутираа за заеднички иницијативи насочени кон унапредување на системот на јавни набавки и спречување на коруптивни практики.

Во знак на благодарност за континуираната соработка и придонесот во унапредувањето на системот за јавни набавки, директорката на Бирото за јавни набавки, д-р Маре Богева – Мицовска, му врачи благодарница на Главниот државен ревизор, г. Максим Ацевски. „Вашите препораки и професионалност придонесуваат за зголемување на транспарентноста, економичноста и ефикасноста на јавните набавки“, истакна директорката.