На 5 декември 2024 година, Бирото за јавни набавки присуствуваше на свечениот настан организиран од Државната комисија за спречување на корупцијата во Собранието на Република Северна Македонија, по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата. Настанот се одржа во рамки на Проектот на УСАИД за партнерство против корупцијата и Проектот „Заедници со интегритет“, финансиран од Владата на Швајцарија и имплементиран од Националниот демократски институт.
Во рамки на панел-дискусијата, Директорката на Бирото за јавни набавки, д-р Маре Богева – Мицовска, во своето обраќање ја потенцираше важноста на транспарентноста и дигитализацијата во јавните набавки како клучни механизми за намалување на ризикот од корупција. Таа истакна дека модернизацијата на јавните набавки преку автоматизација и унапредување на процесите значително придонесува за елиминирање на можноста за манипулации и неправилности.
Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски, нагласи дека превенцијата е клучната алатка во борбата против корупцијата. Тој истакна дека е неопходно јакнење на внатрешните контроли кај институциите кои управуваат со јавни средства и дека одржлива и ефикасна јавна администрација е предуслов за спречување на коруптивни ризици.
На настанот, воведни обраќања имаа претседателката на ДКСК, г-ѓа Татјана Димитровска, претседателот на Собранието, г. Африм Гаши, амбасадорката на Швајцарија, Н.Е. Вероник Улман, заменик шефот на Делегацијата на Европската Унија, г. Бен Нупнау и директорката на УСАИД, г-ѓа Џери Дајбл.
Бирото за јавни набавки останува посветено на унапредувањето на транспарентноста, интегритетот и ефикасноста на системот за јавни набавки, преку активна соработка со сите релевантни институции и меѓународни партнери.



