Биро за јавни набавки

Претставници на Бирото за јавни набавки на одбележувањето на 30 години јавни набавки во Албанија

На 10 и 11 декември 2025 година, во Тирана, Република Албанија, се одржа меѓународен настан по повод 30-годишнината од воспоставувањето на системот за јавни набавки во Албанија, на кој учествуваа високи претставници на јавните институции, меѓународни организации и регионални тела за јавни набавки. На настанот учествуваа и претставници на Бирото за јавни набавки на Република Северна Македонија.

Централниот настан, одржан на 11 декември 2025 година, беше посветен на согледување на досегашните постигнувања во областа на јавните набавки, како и на идните приоритети во контекст на пристапувањето кон Европската Унија и усогласувањето со acquis-то на ЕУ (Поглавје 5). Во рамки на агендата беа одржани неколку панел-дискусии посветени на европската интеграција, дигитализацијата, примената на вештачка интелигенција, како и зајакнувањето на интегритетот и професионализацијата во јавните набавки.

На Панел 3 – „Унапредување на интегритетот и професионализацијата во јавните набавки“ учествуваа претставници на регионалните тела за јавни набавки, меѓународни организации и академската заедница. На овој панел свое активно учество имаше и директорката на Бирото за јавни набавки, д-р Маре Богева Мицовска, која одржа презентација со посебен акцент на транспарентноста што ја обезбедува националниот електронски систем за јавни набавки, преку јавно објавување на обемен сет на податоци и статистички показатели. Во продолжение, презентацијата беше фокусирана на улогата на податоците и big data пристапот како алатка за согледување на трендовите во јавните набавки, носење поинформирани и квалитетни одлуки, како и зајакнување на интегритетот и отчетноста во управувањето со јавните средства.

Претходно, на 10 декември 2025 година, се одржа и Регионална тркалезна маса на јавните тела за јавни набавки, на која беше дискутирана иницијативата за воспоставување Регионална мрежа за соработка, како и презентацијата на извештајот на SIGMA за јавните набавки во Западен Балкан. Настанот претставуваше значаен чекор кон зајакнување на институционалниот дијалог, координацијата и усогласувањето на политиките во областа на јавните набавки на регионално ниво.

Учество на Бирото за јавни набавки на вакви меѓународни и регионални настани претставува важен придонес кон јакнење на институционалниот капацитет, интегритетот и професионализацијата на системот за јавни набавки, како и кон унапредување на соработката со партнерските институции од регионот и Европската Унија.