Биро за јавни набавки

Регионален форум во Скопје: Од политики до реален импакт во борбата против корупцијата

На 10 декември во Скопје се одржа Регионалниот форум „Од политика до импакт: Унапредување на интегритетот и институционалните реформи во Западен Балкан“, кој собра високи претставници на влади, институции, меѓународни организации, граѓанскиот сектор и истражувачките медиуми.

Целта на настанот беше зајакнување на политичкото лидерство и регионалната соработка во борбата против корупцијата, како и размена на конкретни искуства и алатки за обезбедување мерливи резултати од антикорупциските политики. Форумот стави посебен акцент на дигитализацијата, користењето на податоци и вклучувањето на јавноста како клучни елементи за градење доверба и отчетност.

Во рамки на Панел IV: „Координациски механизми меѓу институциите за отчетност / Улогата на граѓанското општество и истражувачките медиуми во промовирањето на отворени финансии“, свое излагање имаше директорката на Бирото за јавни набавки, д-р Маре Богева Мицовска.

Во дискусијата беше нагласена потребата од засилена институционална координација меѓу антикорупциските тела, ревизорските институции и органите за јавни набавки, со цел поефикасна контрола и надзор над трошењето на јавните средства, базирана на управување со ризици и користење на заеднички податочни извори.

Директорката на Бирото за јавни набавки истакна дека јавните набавки претставуваат клучна алка во системот на финансиска отчетност и транспарентност, особено кога институциите, граѓанскиот сектор и медиумите работат врз основа на исти, отворени и проверливи податоци.

„Во јавните набавки, истите податоци значат иста вистина – кога Бирото за јавни набавки, Државниот завод за ревизија, Антикорупциската комисија, граѓанските организации и истражувачките медиуми користат заеднички отворени податоци, јавните набавки стануваат темел на отчетноста. Ние ги објавуваме податоците, тие ги анализираат и истражуваат, а граѓаните јасно можат да оценат како се трошат јавните пари.“

Во рамки на панелот беше потенцирана и улогата на истражувачкото новинарство и граѓанските организации во откривање на неправилности, како и потребата од обезбедување безбедна и ефективна средина за нивно делување. Дополнително, беа разгледани можностите за развој на регионални иницијативи, заеднички стандарди за јавни набавки, размена на податоци за компании и сопственици, како и воспоставување на „red-flag“ механизми за рано откривање на ризици во чувствителни сектори како инфраструктурата и здравството.

Форумот заврши со усвојување на „Скопската декларација“, со која учесниците упатија заедничка порака за зајакнување на интегритетот, антикорупциските напори и регионалната соработка, како основа за поголема доверба на граѓаните и поефикасно управување со јавните средства.