Согласно со член 27 од Законот за јавните набавки, договорниот орган во постапките за јавни набавки не смее да постапува понеповолно кон економските оператори основани во државите потписнички на Спогодбата за јавни набавки на Светската трговска организација, или на друг меѓународен договор или спогодба кои се ратификувани согласно Уставот на Република Македонија. Оваа законска одредба го операционализира начелото на еднаков третман и недискриминација во контекст на земјата на регистрација на економскиот оператор. Така, договорниот орган не смее да го ограничи правото на учество на економските оператори регистрирани во горенаведените земји. Од друга страна, од членот 27 произлегува дека договорниот орган може да го ограничи правото на учество на економски оператори од земји кои не се потписнички на Спогодбата за јавни набавки на СТО или од земји кои не презеле обврска да ги отворат своите пазари на јавни набавки за економски оператори од Република Северна Македонија согласно со ратификувани меѓународни договори или спогодби за слободна трговија. Секако, договорниот орган може да одлучи воопшто да не го ограничува правото на учество без оглед на земјата на регистрација на економските оператори, што до сега беше вообичаена пракса. Сепак, а имајќи ги предвид случувањата во меѓународните трговски односи, Бирото укажува на можноста за ограничување на правото на учество според земјата на регистрација на економските оператори од земји кои не се во опфат на членот 27 од законот.
Од членот 27 од законот произлегува дека договорниот орган во постапките за јавни набавки не смее да постапува понеповолно кон економските оператори основани во државите потписнички на Спогодбата за јавни набавки на СТО, или на друг меѓународен договор или спогодба кои се ратификувани согласно Уставот на Република Македонија, и тоа:
- Спогодба за јавни набавки (GPA) на Светската Трговска Организација: САД, Ерменија, Австралија, Канада, ЕУ (сите 27 членки), Хонг Конг, Исланд, Израел, Јапонија, Република Кореја, Лихтенштајн, Молдавија, Црна Гора, Холандија во однос на Аруба, Нов Зеланд, Норвешка, Сингапур, Швајцарија, Тајпеј, Украина, Обединетото Кралство
- Спогодба за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европските заедници и нивните земји членки: земјите членки на ЕУ
- Договор за слободна трговија меѓу Република Македонија и ЕФТА државите: Швајцарија, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн
- Договор за пристапување кон ЦЕФТА: Србија, Албанија, Молдавија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово
- Договор за слободна трговија со Република Турција
- Договор за слободна трговија со Украина
- Спогодба за партнерство, трговија и соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
Според тоа, а согласно членот 27 од Законот за јавните набавки, договорниот орган не смее да ги третира понеповолно од домашните економски оператори оние кои се регистрирани во една од горенаведените земји, а согласно со обврските преземени со меѓународните договори или спогодби. За економските оператори од трети земји што не се опфатени со членот 27 одлучува самиот договорен орган. Доколку одлучи да го ограничи правото на учество, тоа мора да се наведе во тендерската документација како услов во дополнителни информации. Доколку ваква информација не е содржана во тендерската документација, се претпоставува дека секој економски оператор без оглед на земјата на регистрација има право да учествува во постапката под истите услови. Напоменуваме дека членот 27 исклучиво се однесува на земјата на регистрација на економскиот оператор кој сака да учествува во постапката, а не на потеклото на стоките и услугите кои ќе се нудат.
Истото е согласно со пресудата на Европскиот суд на правдата C-652/22 која се однесува на учеството на економски оператори од трети земји во постапките за јавни набавки во земјите членки на ЕУ. Иако пресудата на Европскиот суд на правдата нема директна примена во Република Северна Македонија, таа дава контекст за правилна примена на одредбите на Директивите за јавни набавки кои се транспонирани во Законот за јавните набавки во поглед на начелото на еднаков третман и недискриминација.
