Биро за јавни набавки

Јавните набавки како двигател на економски раст – учество на Бирото за јавни набавки на конференција за реформите

Бирото за јавни набавки учествуваше на конференцијата „Помалку бариери, повеќе можности: Реформи за ветер во грб на малите и средни бизниси“, која се одржа во Скопје, во организација на Институтот за демократија.

Во фокусот на настанот беше прашањето како реформите да преминат од формални обврски во конкретна поддршка за бизнисите, особено во контекст на Реформската агенда 2024–2027 и Планот за раст на Европската Унија.

Бирото за јавни набавки активно придонесува кон спроведувањето на реформските цели преку реализација на конкретни мерки насочени кон унапредување на системот за јавни набавки. Притоа беше нагласено дека првата мерка, која се однесува на намалување на користењето на електронските аукции, веќе е успешно реализирана. Во текот на оваа година се очекува реализација на втората мерка, која се однесува на зголемување на користењето на Е-пазарот. Третата заложба е планирана да се реализира до 2027 година и предвидува најмалку 25% од вредноста на доделените договори да се спроведуваат со примена на критериумот „најдобар однос меѓу цената и квалитетот“, со цел да се обезбедат поквалитетни и поодржливи понуди.

Јавните политики и набавките како алатка за развој

Во рамки на вториот панел, на тема „Како реформската агенда ги планира јавните политики и јавните набавки како алатки за економски раст?“, учество зеде м-р Марија Јованоска, раководител на сектор во Бирото за јавни набавки, заедно со Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации и Миле Бошков претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија. Модератор на панелот беше економската новинарка Анета Додевска.

Учесниците дискутираа за улогата на јавните набавки како значаен инструмент за поддршка на економскиот развој и зајакнување на домашниот приватен сектор. Притоа беше истакнато дека преку стратешко планирање и спроведување на јавните набавки, институциите можат директно да придонесат за поттикнување на иновациите, дигитализацијата и примената на зелените јавни набавки.

Од страна на Бирото за јавни набавки беше нагласено дека континуираното унапредување на системот за јавни набавки, зголемувањето на транспарентноста и усогласувањето со европските стандарди претставуваат клучни предуслови за создавање предвидливо и фер деловно опкружување.

Поддршка за малите и средни претпријатија

Посебен акцент беше ставен на потребата јавните набавки да станат подостапни за малите и средни претпријатија, преку поедноставување на процедурите и креирање политики што ќе овозможат нивно поактивно учество на пазарот. Во таа насока, беше истакнато дека користењето на Е-пазарот за набавки од мала вредност, за набавка на стандардни стоки до 10.000 евра во денарска противвредност, овозможува полесен и поширок пристап на малите и средните претпријатија до јавните набавки, намалување на административниот товар и времетраењето на набавниот процес.

Дополнително, беше нагласено дека Законот за јавните набавки содржи одредби кои директно го поттикнуваат учеството на малите и средните претпријатија, преку намалени барања во однос на документацијата, како и преку оформување на предметот на набавка во повеќе делови кај отворена и ограничена постапка.

Посебно внимание беше посветено и на можноста што ја нуди законот при оценувањето на понудите да се применува критериумот економски најповолна понуда, не само според најниската цена, туку и според „најдобар однос меѓу цената и квалитетот“, при што можат да се земат предвид квалитативни, еколошки, социјални и иновативни аспекти на предметот на набавка.

Реформите како реална можност

Конференцијата потврди дека Реформската агенда претставува значајна можност за унапредување на економијата, но и дека нејзиниот успех ќе зависи од ефикасната имплементација и од активното учество на сите засегнати страни.

Бирото за јавни набавки и понатаму активно ќе придонесува кон развојот на системот за јавни набавки, со цел тој да стане силна поддршка за економскиот раст и развојот на домашниот пазар.