Бирото за јавни набавки известува дека Европската комисија ја достави Одлуката за одобрување на ослободување на средства од Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан – Реформска агенда на Северна Македонија 2024 -2027.
Видно од Проценката на условите за плаќање, првиот чекор од Реформската агенда од областа на јавните набавки е навремено и во целост исполнет, со што се исполнети условите за ослободување на алоцираните средства во износ од 8.563.247 EUR.
Станува збор за чекорот „ Употребата на аукциите за набавки во фискалната 2025 година се намали на максимум 40% од набавките“ со рок за исполнување до декември 2025г. Исполнувањето на овој чекор, како и на следните два чекори, треба да придонесат кон поефикасно трошење на јавните средства и обезбедување на најдобра вредност за парите.
Во изминатиот период, Бирото за јавни набавки презема низа активности во насока на исполнување на чекорот, што резултираше со исполнување на чекорот со тренд и вредности значително подобри од планираните. Имено, употребата на е-аукцијата во постапките за јавни набавки во 2025 година изнесува 22%, за разлика од 2023 година со 62% и 2021 година со 88%.
Особено ја истакнуваме позитивната улога на договорните органи кои ја прифатија промената и активно учествуваат во создавање на нова практика за ограничена употреба на е-аукциите, што треба да обезбеди повисоко ниво на квалитет во целокупниот систем на јавните набавки и усогласување со добрата меѓународна пракса.
Бирото за јавни набавки останува посветено на исполнување и на преостанатите два чекори од Реформската агенда, и тоа:
- Е-пазар се користи за спроведување на најмалку 800 постапки за набавки во фискалната 2026 година, со рок за исполнување декември 2026г., и
- Во најмалку 25 % од набавките, во вредност, се користат критериуми за економски најповолна понуда (ЕНП) како најдобар однос помеѓу цената и квалитетот или со користење на пристапот на исплатливост, со рок за исполнување декември 2027г.
Со почит,
Биро за јавни набавки

