Биро за јавни набавки

Бирото за јавни набавки на студиска посета во Литванија посветена на превенција на корупцијата

На 3 и 4 ноември, претставник на Бирото за јавни набавки, м-р Марија Јованоска, учествуваше на студиска посета во Литванија посветена на користењето на податоците како алатка за откривање и спречување на корупцијата.

Студиската посета овозможи запознавање со литванските практики, институционални механизми и иновативни пристапи во превенцијата и борбата против корупцијата, со посебен акцент на користењето и поврзувањето на податоците, транспарентноста и меѓуинституционалната соработка.

Во рамки на посетата беа остварени средби и разговори со претставници на повеќе институции и организации во Литванија, меѓу кои Главната комисија за етика на функционерите, Специјалната служба за истраги, Државниот даночен инспекторат, Агенцијата за јавни набавки на Вилнус, Централната изборна комисија и Центарот за истражувачко новинарство „Сиена“.

Посебно внимание беше посветено и на иновативните пристапи за превенција на корупцијата преку активно вклучување на граѓаните, како и на можностите за подобро користење на расположливите податоци при идентификување на ризиците од корупција.

Учеството на Бирото за јавни набавки на студиската посета претставува можност за размена на искуства и добри практики во областа на транспарентноста, интегритетот и користењето на податоците во системот на јавните набавки, како важни елементи во превенцијата на корупцијата.

Домаќини на студиската посета беа Транспарентност Литванија и нивната Школа за транспарентност. Посетата беше реализирана во рамки на проектот „Користење на податоците за вистинските сопственици за намалување на корупцијата“, кој го спроведуваат Центарот за граѓански комуникации, Центарот на активни граѓани Активо Велес и Здружението на даночни советници на Република Македонија, со поддршка од Цивика мобилитас.