Претставници на Бирото за јавни набавки од Секторот за следење на системот за јавни набавки, управување со ЕСЈН и развој на електронски алатки, м-р Марија Јованоска, раководител на Секторот, и м-р Марина Наумоска Костиќ, раководител на одделение, учествуваа на јавниот дијалог на тема „Користење на податоците за вистинските сопственици за намалување на корупцијата“.
На настанот, заедно со претставници на клучните јавни институции, се дискутираше за актуелната состојба, предизвиците и можностите за поефикасно користење на податоците за вистинските сопственици како механизам за превенција и намалување на корупцијата.
Посебен фокус беше ставен на препораките за унапредување на користењето и размената на овие информации меѓу надлежните институции, како и на можностите за нивна поефикасна примена во рамки на постојните институционални механизми.
Јавниот дијалог се одржа во рамки на проектот „Користење на податоците за вистинските сопственици за намалување на корупцијата“, поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.








