Биро за јавни набавки

Билатерална средба: Соработка во областа на јавните набавки помеѓу Северна Македонија и Косово

Делегација на Бирото за јавни набавки на Северна Македонија, предводена од директорката д-р Маре Богева Мицовска, остварија официјална посета на Регулаторната комисија за јавни набавки на Косово (PPRC). Средбата се одржа со цел унапредување на билатераната соработка, размена на искуства и најдобри практики, како и зајакнување на системите за јавни набавки со фокус на ефикасност и транспарентност.

Од страна на PPRC, средбата ја отвори членот на Одборот, г. Авни Сахити, кој ја истакна важноста од иницирање на соработка помеѓу двете институции. Тој нагласи дека размената на искуства и најдобри практики е клучна за одржување на високи стандарди во јавните набавки.

Во рамки на посетата, делегацијата од Северна Македонија ја посети и Комисијата за жалби по јавни набавки во Косово (PRB), каде што беше пречекана од в.д. претседателот на Одборот, г. Иса Хасани. На средбата се разговараше за начинот на функционирање на механизмите за жалби и обезбедување фер и транспарентен процес на разгледување на тендери.

Средбите беа фокусирани на идентификување на заеднички предизвици, размена на искуства и можности за понатамошно продлабочување на институционалната соработка.

Бирото за јавни набавки изразува искрена благодарност до Регулаторната комисија за јавни набавки и Комисијата за жалби по јавни набавки на Косово за срдечниот прием и конструктивната размена на мислења, и го реафирмира својот ангажман за зајакнување на меѓуинституционалната и професионалната соработка во регионот.