Биро за јавни набавки

Бирото за јавни набавки го претстави системот за „црвени знаменца“ на регионална работилница за паметни јавни набавки

Претставници на Бирото за јавни набавки, Маре Богева Мицовска и Горан Давидовски, учествуваа на регионалната работилница „Smart Procurement 4 Strong Governance: Boosting Competition, Digitalisation and Value for Money under the EU Growth Plan“, која се одржа на 20 и 21 октомври 2026 година во Скопје, во организација на ReSPA, во соработка со Centre of Excellence in Finance (CEF) и SIGMA/OECD.

Работилницата обедини професионалци од областа на јавните набавки и претставници на релевантни институции од Западен Балкан, Украина, Молдавија и Ерменија, со цел размена на искуства и добри практики за унапредување на конкуренцијата, дигитализацијата, интегритетот и постигнувањето подобра вредност за потрошените јавни средства.

Во рамките на делот посветен на дигитализацијата, користењето на податоците и идентификувањето ризици во јавните набавки, претставниците на Бирото го презентираа системот за „црвени знаменца“ (Red Flags System), развиен како дел од македонскиот електронски систем за јавни набавки.

На системот се идентификувани индикатори кои можат да укажуваат на потенцијални ризици и отстапувања во процесот на јавните набавки. На овој начин, податоците што веќе се генерираат преку електронскиот систем се користат не само за спроведување на постапките, туку и како алатка за проактивно следење, анализа на ризици и зајакнување на интегритетот на системот.

Особен интерес кај учесниците предизвика фактот што ваков интегриран систем за „црвени знаменца“ во јавните набавки не е воспоставен во останатите земји од регионот. Учесниците покажаа значителен интерес за начинот на кој функционира системот, индикаторите што се следат, практичната примена на добиените информации, како и за искуството на Бирото при неговото воспоставување и користење.

Презентацијата отвори и дискусија за можностите што ги нуди поефикасното користење на податоците од електронските јавни набавки за рано препознавање на ризици, подобро таргетирање на контролите и дополнително унапредување на транспарентноста и интегритетот на јавните набавки.

Во текот на дводневната работилница беа разгледани и прашања поврзани со зголемување на конкуренцијата и учеството на економските оператори, намалување на бројот на постапки со една понуда, подобрување на подготовката на тендерската документација и консултациите со пазарот, како и преминот од доминантно ценовен пристап кон пошироко разбирање на концептот „value for money“.

Посебно внимание беше посветено и на примената на критериумот економски најповолна понуда, трошоците во животниот циклус, зелените и иновативните јавни набавки, управувањето со договорите, професионализацијата на функцијата јавни набавки, како и користењето на податоци за откривање ризици поврзани со судир на интереси, договарање меѓу понудувачите и прикриена сопственост.

Учеството на Бирото на работилницата претставуваше можност не само за размена на искуства со институциите од регионот, туку и за презентирање на националните дигитални решенија и практики кои можат да послужат како пример за понатамошен развој на системите за јавни набавки во регионот.