Биро за јавни набавки

Бирото за јавни набавки со презентација на ЕСЈН на работилница за користење на податоците за откривање корупција и судир на интереси

Претставници на Бирото за јавни набавки учествуваа на работилницата „Како да ги користиме податоците од регистарот на вистински сопственици и од другите бази и регистри за откривање корупција и судир на интереси?“, организирана од Центарот за граѓански комуникации. Работилницата беше посветена на новинари кои работат на истражувачко новинарство и имаше за цел да обезбеди практични алатки за откривање потенцијални коруптивни практики.

Во рамките на настанот, беше презентирана „Анализата на користењето на податоците за вистинските сопственици во борбата против корупцијата во Северна Македонија“, како и наоди од истражување за поврзување на овие информации со други релевантни бази и регистри.

Претставниците на Бирото за јавни набавки го претставија Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН), демонстрирајќи го начинот на пребарување и користење на апликацијата за да им се олесни на новинарите пристапот до податоците за јавни набавки. Во презентацијата беа опфатени можностите за пристап до отворените податоци, т.н. „црвени знаменца“ на ЕСЈН, како и новата алатка за објавување на вистинските сопственици на компаниите кои добиле јавни набавки.

Настанот овозможи и размена на искуства и дискусија за пошироки прашања поврзани со јавните набавки. Презентацијата на Бирото беше оценета како корисна и наидe на позитивен интерес од страна на новинарите. Бирото за јавни набавки ќе продолжи и понатаму со поддршка и соработка со медиумите и граѓанските организации, со цел унапредување на транспарентноста и борбата против корупција во јавните набавки, а истовремено ќе продолжи и со унапредување и развој на нови алатки на ЕСЈН за подобрување на интегритетот во јавните набавки.