Биро за јавни набавки

Бирото за јавни набавки и Бирото за јавна безбедност потпишаа Меморандум за соработка

На 06.08.2026 година во Министерството за внатрешни работи беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за финансии – Биро за јавни набавки и Министерството за внатрешни работи – Биро за јавна безбедност.

Меморандумот го потпишаа директорката на Бирото за јавни набавки, д-р Маре Богева Мицовска и директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев.

Со потпишувањето на меморандумот се воспоставува рамка за унапредување на меѓусебната институционална соработка, со цел зголемување на ефикасноста во размената на податоци по електронски пат, организирање континуирани обуки, како и развивање други форми на соработка од делокругот на работењето на Бирото за јавни набавки и Бирото за јавна безбедност.

Меморандумот ги уредува и начините на остварување координација и меѓусебна соработка во областа на спречувањето и сузбивањето на корупцијата и криминалот поврзани со јавните набавки, преку поефикасна размена на информации и заеднички активности во рамките на законските надлежности на двете институции.

Со оваа соработка двете институции ја потврдуваат својата заедничка заложба за зајакнување на институционалните капацитети, транспарентноста и интегритетот во системот на јавните набавки, како и за поефикасна борба против корупцијата и криминалот во оваа област.