Ја информираме јавноста дека на веб страницата на Бирото за јавни набавки е додадено ново прашање во делот „Често поставувани прашања (ЧПП) – Услови за утврдување на способност“, кое се однесува на постапки за јавни набавки на услуги за сервисирање и одржување на моторни возила, вклучително и услуги за превоз на дефектни и оштетени возила.
Прашање: Во постапка за јавна набавка на услуги за сервисирање и одржување на моторни возила, каде се вклучени и услуги за превоз на дефектни и оштетени возила, дали предметот на набавка треба да се оформи во делови?
Одговор: Договорниот орган согласно член 78 став (4) од законот, може да го оформи предметот на набавка во повеќе посебни делови, врз основа на објективни критериуми според вид, својства, намена, место или време на извршување, при што го утврдува предметот и големината на поединечните делови, земајќи ја предвид можноста за пристап на малите и средни претпријатија во постапката за јавна набавка.
Доколку договорниот орган, предметот на набавка не го оформи во повеќе посебни делови, согласно член 77 став (4) од законот, во одлуката за јавна набавка ги наведуваат и причините и образложението за неделивост на предметот на набавка.
Воедно, при спроведување на постапките за јавни набавки договорниот орган, покрај одредбите законот за јавните набавки, соодветно ги применува и материјалните прописи со кои се уредува предметот на набавка.
Со член 64 став (6) од Законот за јавните патишта, отстранување на оштетените возила и возила во дефект од општинските и локалните патишта за територијата на соодветната општина или градот Скопје може да вршат правни или физички лица врз основа на лиценца издадена согласно со одредбите од овој закон. Лиценца за отстранување на оштетените возила и возила во дефект од општинските и локалните патишта за територијата на соодветната општина или градот Скопје, согласно со член 64-а од наведениов закон, може да издадат Општините или градот Скопје.
Од друга страна, отстранување на оштетените возила и возила во дефект од државни патишта, може да врши правно лице кое поседува овластување издадено од страна на Министерството за транспорт. Решението за давање на овластување согласно член 66-г став (3) од Законот за јавните патишта се објавува во “Службен весник на Република Северна Македонија”.
Оттука, договорните органи при спроведување на постапки за јавна набавка на услуги за сервисирање и одржување на моторни возила, каде се вклучени и услуги за превоз на дефектни и оштетени возила, предметот на набавка да го оформуваат во делови.
Воедно, предвид да се има и одредбата од член 90 став (2) од законот за јавните набавки, согласно која при утврдување на способноста за вршење професионална дејност на економските оператори договорниот орган бара и доказ издаден од надлежен орган за исполнување на посебните услови за вршење на дејноста пропишани согласно со закон кои се однесуваат на предметот на јавна набавка.
Имајќи го предвид изнесеното, за деловите кои се однесуваат на отстранување на оштетените возила и возила во дефект од општинските и локалните патишта, како доказ за исполнување на посебните услови за вршење на дејноста, договорниот орган да бара Лиценца за отстранување на оштетените возила и возила во дефект од општинските и локалните патишта издадена од Општините или градот Скопје.
Додека, за деловите кои се однесуваат на отстранување на оштетените возила и возила во дефект од државни патишта, како доказ за исполнување на посебните услови за вршење на дејноста, договорниот орган да бара овластување издадено од страна на Министерството за транспорт.
