Биро за јавни набавки

Документација за економски оператори при набавка на прехранбени производи

При набавка на прехранбени производи дали договорниот орган покрај документ со кој се потврдува способноста на економскиот оператор за вршење на дејноста поврзана со предметот на набавка (ДРД образец), треба да бара истиот да поседува и посебна дозвола, одобрение или решение за производство, обработка и дистрибуција на храна од животинско потекло?  

При утврдување на способноста за вршење на професионална дејност договорниот орган согласно член 90 став (1) бара секој економски оператор да достави доказ дека е регистриран како физичко или правно лице за вршење на дејноста поврзана со предметот на набавка или доказ дека припаѓа на соодветно професионално здружение согласно со прописите на земјата каде што е регистриран.

Сепак, треба да се има предвид дека постојат одредени дејности за кои освен документ за регистрирана дејност, е потребно и поседување посебна лиценца, дозвола или сертификат за да може да се врши таа дејност. Овие посебни лиценци, дозволи или сертификати што се предвидени со материјалните прописи треба да се имаат предвид и при спроведување на постапки за јавни набавки. Така, кога договорниот орган доделува договори за јавна набавка, за кои со материјалните прописи се бара поседување на соодветни лиценци, дозволи или сертификати, истите согласно  член 90 став (2) од законот, треба да се бараат од економските оператори покрај документот за регистрирана дејност.

Во однос на конкретното прашање, при набавка на прехранбени производи а согласно Законот за безбедност на храната, потребно е економскиот оператор да достави и документ односно Решение дека е регистриран во Регистарот на објекти и оператори со храна издадено од Агенцијата за храна и ветеринарство или од друг надлежен орган, согласно прописите од земјата каде е регистриран.