На 12 јуни 2025 година, во Варшава, Полска, се одржа меѓународната конференција со наслов „Еволуција на правилата за јавни набавки во ЕУ: Од директивите од 2014 до ширење на секторските пристапи“, организирана од страна на Канцеларијата за јавни набавки на Полска, во рамките на полското претседателство со Советот на ЕУ.
Конференцијата претставуваше значајна платформа за размена на мислења и искуства меѓу врвни европски експерти и носители на политики, со цел да се поттикне трансформацијата на системите за јавни набавки кон поголема транспарентност, флексибилност, отчетност и „паметно трошење“ на јавните средства.
Од Биро за јавни набавки на Република Северна Македонија, учество на конференцијата зедоа:
- д-р Маре Богева Мицовска, директорка на Бирото, и
- м-р Марија Јованоска, раководител на Секторот за следење на системот за јавни набавки, управување со ЕСЈН и развој на електронски алатки.
Нивното присуство претставуваше потврда за заложбата на земјата да ги следи европските трендови и практики во областа на јавните набавки, како и активно да придонесува кон понатамошното усогласување и унапредување на националниот систем.
Клучни теми и предизвици
Конференцијата беше поделена во неколку тематски сесии, каде се дискутираа:
- Европските извештаи за јавни набавки, меѓу кои и извештајот на Европскиот суд на ревизори, и нивната улога во идентификацијата на клучните предизвици во постоечкото законодавство;
- Се поголемиот број на секторски регулативи, кои носат нови обврски и комплексност во спроведувањето на јавните набавки;
- Пресудите на Судот на правдата на ЕУ (каузите Колин и Кингдао) и нивното влијание врз толкувањето и примената на европското право за јавни набавки;
- Идните приоритети на претседателствата со Советот на ЕУ, со посебен акцент на претстојните данско и кипарско претседателство.
Присутните имаа можност да се запознаат со пристапите на институции како Европската комисија, Европскиот суд на ревизори, Министерства за правда и економија од неколку земји-членки на ЕУ, како и со истакнати професори, практичари и претставници на ревизорски и контролни тела.
Европски дух на обновување и посветеност
Во атмосфера на соработка и споделување, конференцијата ја истакна потребата од модернизација на јавните набавки и се потврди заедничката европска посветеност кон подобрување на системот. Како што беше нагласено, целите како едноставност, отчетност и флексибилност не се веќе само пожелни принципи, туку стануваат реални обврски што треба да се применуваат низ целата ЕУ – и пошироко.
Присуството на Бирото за јавни набавки на оваа конференција претставуваше одлична можност за следење на најновите европски трендови, поврзување со клучни актери од регионот и ЕУ, како и за презентирање на македонското искуство и активности во насока на дигитализација, транспарентност и ефикасност во јавните набавки.




