Биро за јавни набавки

Засилена билатерална соработка: Посета на словенечка делегација во Бирото за јавни набавки

Во рамки на официјалната посета на делегацијата од Министерството за јавна администрација на Република Словенија на 3 и 4 април 2025 година, Бирото за јавни набавки оствари средба со високи претставници од словенечкото министерство, со цел унапредување на соработката и размена на искуства во областа на јавните набавки.

На средбата, која се одржа во просториите на Бирото, присуствуваа г. Франц Пропс – Министер за јавна администрација на Р. Словенија и г. Сашо Матас – Директор на Директоратот за јавни набавки. Од страна на Бирото за јавни набавки, учество земаа д-р Маре Богева Мицовска, Александар Аргировски, Рита Глигоријевска, Марија Јованоска како и други колеги од раководството на институцијата, кои со својата стручност и искуство придонесоа за квалитетна и содржајна дискусија.

Разговорите беа фокусирани на тековната состојба во областа на јавните набавки во Република Северна Македонија, предизвиците со кои се соочува системот, како и на стратешките планови за понатамошно унапредување и модернизација на процесите. Словенечката страна изрази интерес за искуствата поврзани со дигитализацијата на системот за јавни набавки, воспоставувањето на механизми за интегритет и транспарентност, како и за професионализацијата на кадарот во оваа област.

Средбата претставуваше можност за отворена и конструктивна размена на знаење, искуства и добри практики, што претставува основа за продлабочување на билатералната соработка меѓу двете земји во областа на јавната администрација и јавните набавки. Дополнително, беа отворени и теми од поширок интерес како што се реформата на јавната администрација, потребата од континуирана обука и стручно усовршување на административниот кадар, како и креирање на политики кои обезбедуваат ефикасна, транспарентна и отчетна јавна служба.

Оваа средба е уште еден чекор напред во насока на зацврстување на меѓусебната доверба и партнерство, при што двете страни изразија подготвеност за интензивирање на соработката преку размена на експерти, студиски посети и заеднички иницијативи во иднина.

Бирото за јавни набавки останува посветено на унапредување на системот на јавни набавки, како и на поддршка на пошироките процеси за реформа на јавната администрација во согласност со европските стандарди и добри практики.