Од 1 април 2025 година, Бирото за јавни набавки ја става во функција новата надградена верзија на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН), со проширени функционалности и напредни алатки кои го олеснуваат работењето на сите корисници на системот – и договорните органи и понудувачите.
Оваа значајна реформа претставува чекор напред во унапредувањето на процесот на јавните набавки, зголемувајќи ја транспарентноста, ефикасноста и интегритетот на постапките. Новата верзија на ЕСЈН овозможува стандардизација на документацијата и поедноставување на процесите, што придонесува за поголема вклученост на економските оператори и зголемена конкурентност. Дополнително, воведувањето на напредна аналитика на податоци обезбедува подобра отчетност при трошењето на јавните средства.
Надградбата на ЕСЈН овозможува усогласување со стандардите и регулативите на Европската комисија, како и чекор кон стекнување на статусот e-Sender на платформата за објава на тендери на ЕУ (ТЕД). Со воведувањето на автоматско генерирање на тендерска документација, значително се подобрува квалитетот на документите, се намалува бројот на грешки и пропусти, а со тоа и потребата за поништување на постапките. Ова придонесува за побрз и посигурен процес на јавните набавки, со зголемена доверба во системот.
Дополнително, новите алатки за структуирање на финансиските понуди носат поголема транспарентност и следливост на цените. Ова овозможува подобар мониторинг и детална анализа на цените на понудите и вредноста на договорите, споредба на единечни цени за исти предмети на набавка помеѓу различни институции, анализа на цените во однос на претходни години и проекција на идните трендови. На овој начин, институциите и економските оператори добиваат подлабок увид во движењата на пазарот за јавни набавки.
Целокупната надградба на системот претставува основа за идни поголеми реформи во работењето на јавниот сектор. Како следен чекор, се развива унифицирана е-фактура за јавни набавки во соработка со Управата за јавни приходи, со што дополнително се зголемува ефикасноста и транспарентноста во финансиското работење.
Бирото за јавни набавки останува посветено на континуирано унапредување на системот за јавни набавки преку воведување на иновативни електронски алатки и зајакнување на интегритетот на постапките. Нашата мисија е да обезбедиме модерен, ефикасен и сигурен систем за јавни набавки, кој придонесува кон одговорно и економично управување со јавните средства.