На 21 март 2025 година успешно се одржа обука за претставниците на договорните органи од локалната самоуправа, на барање од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и организирана од страна на Бирото за јавни набавки. Оваа обука беше реализирана во согласност со Меморандумот за соработка помеѓу ЗЕЛС и Владата, со кој двете страни се обврзаа да работат на јакнење на капацитетите на локалната јавна администрација преку континуирани обуки во релевантни области.
На обуката беа поканети 100 учесници, а активно присуствуваа 85 претставници од различни општини. Во рамките на презентацијата, детално беа објаснети измените во Законот за јавните набавки (ЗЈН), како и новите надградби на електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН), кои ќе стапат на сила од 1 април 2025 година.
Обуката вклучуваше интерактивен дел, при што учесниците имаа можност да поставуваат прашања преку чет, а експертите од Бирото за јавни набавки одговараа на сите отворени дилеми и нејаснотии.
Овие обуки беа дел од предвидените четири обуки за договорни органи и економски оператори, од кои две беа спроведени на 10 и 11 март, а останатите две беа одложени и ќе се спроведат на 24 март.
Оваа обука претставува уште еден значаен чекор во насока на унапредување на јавните набавки на локално ниво и зголемување на ефикасноста во примената на новите законски решенија и дигитални алатки.

