Бирото за јавни набавки – Секторот за следење на системот за јавни набавки, управување со ЕСЈН и развој на електронски алатки направи подобрување на системот со кое се овозможува дополнителна системска контрола при спроведувањето на евалуациите, како и навремено дообезбедување на средства доколку е потребно. Подобрувањето се состои во поставување на валидации на системот во модулот евалуација, а со цел обезбедување на конзистентност на податоците на системот и почитување на Законот за јавните набавки („Службен весник на РМ“ бр. 24/19, „Службен весник на РСМ“ бр. 87/21 и 14/25).
Одредбите во Законот поврзани со овие системски валидации се следниве:
Во согласност со член 2, точка 11 од Законот за јавните набавки „Прифатлива понуда” е понуда поднесена од понудувачот, која ги исполнува условите за утврдување способност, потребите и барањата на договорниот орган наведени во техничките спецификации и останатата тендерска документација, што е навремена, која нема невообичаено ниска цена, а чија конечна цена не ги надминува средствата обезбедени или кои може да се дообезбедат од договорниот орган согласно со овој закон.
Според член 77, став 5 од Законот, (5) Доколку во текот на постапката за јавна набавка, најповолната понуда е со цена повисока од износот на средства утврден во одлуката за јавна набавка, договорниот орган може да ја измени одлуката и да дообезбеди средства потребни за реализација на договорот, под услов врз основа на спроведена анализа да утврди дека истото е економски поисплатливо од повторување на постапката и понудената цена да не го надминува вредносниот праг пропишан за видот на постапката согласно со овој закон.
Истовремено, напоменуваме дека кај набавките каде што предметот на набавката се состои од ставки каде што (по исклучок) не е можно да се утврдат точни или ориентациони количини (како што се набавка на резервни делови, сервисирање и слично), може да се случи вкупната цена на понудата како збир на повеќе поединечни ставки да е повисока од износот на обезбедени средства. За овие случаи, потребно е да се додели РАМКОВНА СПОГОДБА, истото да биде наведено во огласот и тендерската документација, како и да појасни во тендерската документација за начинот на доделување на поединечните договори, како и дека спогодбата ќе се склучи до вредноста на обезбедените средства и дека ќе се троши онолку колку што има средства на располагање во зависност од потребите. Во ваков случај, системот нема да ја обележи понудата за неприфатлива, во спротивност доколку не се доделува рамковна спогодба, понудата системот ќе ја обележи како неприфатлива.
Кај ваквите случаи кога се доделува рамковна спогодба и понудата претставува збир од единечните цени на сите ставки, препораката на Бирото е да се објавува проценетата вредност при објава на огласот.
