Биро за јавни набавки

Поголема транспарентност во јавните набавки преку интеграција на податоци за вистинските сопственици

Денес, 4.6.2025 година (среда), директорката на Бирото за јавни набавки, д-р Маре Богева-Мицoвска, и директорката на Централниот регистар, д-р Анита Стамнова, потпишаа договор за соработка со кој се овозможува автоматизирана објава на податоци за вистинските сопственици на субјектите што склучиле договор за јавни набавки на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН).

Со реализацијата на ова решение, значително се зголемува транспарентноста и јавната отчетност при спроведување на постапките за јавни набавки, особено во делот на утврдување на вистинската сопственост на компаниите што добиле јавни договори. Овие податоци ќе бидат јавно достапни, што овозможува поефикасна идентификација на потенцијални судири на интереси, откривање на поврзаност со носители на јавни функции и превенција од корупција.

Бирото за јавни набавки ја презеде водечката улога во развојот на оваа иновативна алатка која, преку користење на сервиси од Централниот регистар преку Националната платформа за интероперабилност – Македонска информациска магистрала (МИМ), автоматски го интегрира податокот за вистинскиот сопственик во Известувањата за склучени договори. Ова претставува системски чекор напред во дигиталната трансформација на јавните набавки.

Овој проект е во согласност со заложбите содржани во Националниот акциски план за Отворено владино партнерство (ОВП), каде Бирото активно учествува веќе неколку години. Како институција, Бирото е препознаено како столб на интегритет, транспарентност и иновација во областа на јавните набавки.

Преку Секторот за управување со ЕСЈН и развој на електронски алатки, Бирото континуирано вложува во унапредување на системот, со фокус на дигитални решенија што овозможуваат поедноставен пристап, автоматизација и јавна контрола на сите фази од постапките за јавни набавки. ЕСЈН денес претставува еден од најважните и најдоверливи алатки за обезбедување фер, конкурентен и транспарентен пазар за јавните средства.

Ова претставува уште еден доказ за успешната и посветена соработка помеѓу Бирото за јавни набавки и Централниот регистар, кои заеднички придонесуваат кон поголема отвореност, интегритет и доверба во јавниот сектор.