Биро за јавни набавки

Претставници на Бирото за јавни набавки на Глобален форум за партнерства против корупцијата

Во периодот од 8 до 9 април 2025 година, во седиштето на Светска банка во Вашингтон, ДЦ, се одржа Глобалниот форум „Partnerships for Anticorruption“, организиран од International Corruption Hunters Alliance (ICHA) и програмата Anticorruption for Development (AC4D). Форумот собра над 300 учесници – лидери, практичари и експерти од владините институции, академијата, граѓанскиот сектор, приватниот бизнис и меѓународните организации – со заедничка цел: јакнење на партнерствата и креирање иновативни решенија за справување со глобалните предизвици поврзани со корупцијата.

Меѓу поканетите учесници беше и делегација од Бирото за јавни набавки на Република Северна Македонија, составена од м-р Александар Аргировски, м-р Марија Јованоска и директорката д-р Маре Богева Мицовска. Светска банка ја упати поканата како признание за придонесот на Бирото во унапредување на интегритетот и транспарентноста во јавните набавки и борбата против корупцијата.

Д-р Богева Мицовска имаше и активно учество во панел-дискусија на тема јавни набавки и антикорупциски механизми. Во своето обраќање, таа ја истакна важноста на задолжителното користење на електронскиот систем за јавни набавки како клучна алатка за спречување на коруптивни ризици:

Mandatory e-procurement is key to countering corruption risks in procurement. Macedonia has had a strong e-procurement system for several years now.” – изјави д-р Богева Мицовска, потенцирајќи ја долгорочната заложба на државата за дигитализација и транспарентност во јавната потрошувачка.

Дополнително, таа укажа на важноста од јасни регулаторни рамки и едноставни правила кои лесно се следат, како предуслов за успешно намалување на ризиците од корупција:

To mitigate corruption risks in procurement, it is important to strengthen regulatory frameworks and have clear rules that are easy to follow.

Форумот претставуваше извонредна можност за размена на искуства, учење од најдобрите практики и воспоставување нови соработки со глобални партнери. Учеството на Бирото за јавни набавки ја потврдува неговата посветеност на унапредување на антикорупциските политики и процеси, како и неговата улога како активен чинител на меѓународната сцена.