Директорката на Бирото за јавни набавки, д-р Маре Богева Мицовска, имаше чест да ја претставува Република Северна Македонија во седиштето на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) во Виена, во рамки на шеснаесеттата сесија на Отворената меѓувладина работна група за спречување на корупцијата.
Настанот се одржа во контекст на Резолуцијата 10/9, усвоена на 10-та сесија на Конференцијата на држави-потписнички на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата (UNCAC), со фокус на една од најактуелните глобални теми:
„Спречување на корупцијата во јавните набавки преку употреба на информатичко-комуникациски технологии (ИКТ)“.
Д-р Богева Мицовска настапи како панелист и ги претстави постигнувањата на нашата земја во унапредувањето на интегритетот на јавните набавки преку дигитална трансформација, со посебен акцент на:
- Националнниот електронски систем за јавни набавки (ЕСЈН/ESPP)
- Примената на алгоритми за „red flag“ индикатори кои посочуваат на можна корупција во јаните набавки
- Залагањето за транспарентност на податоци и интероперабилност меѓу институциите
Во своето излагање, таа ги истакна клучните поенти:
✔️ Намалување на дискреционото одлучување и рачната интервенција преку дигитални алатки
✔️ Јакнење на довербата на јавноста преку отворени и достапни податоци за набавките
✔️ Надминување на предизвиците при интегрирање на ИКТ во правните и институционалните рамки
Искажуваме голема благодарност до UNODC и г. Константин Паличарски за поканата и континуираната поддршка што ја даваат на државите како нашата во унапредувањето на интегритетот, ефикасноста и отчетноста во јавните набавки.
Овој настан претставува уште еден чекор напред за Република Северна Македонија во глобалната борба против корупцијата и во промоцијата на дигиталното управување во јавниот сектор.




