Биро за јавни набавки

Започна процесот на проценка на системот за јавни набавки согласно MAPS Методологијата

На иницијатива на Владата на Република Северна Македонија, започна значаен процес на сеопфатна проценка на националниот систем за јавни набавки, кој ќе се спроведе во согласност со меѓународно признатата Методологија за проценка на системите за јавни набавки (MAPS). Проценката ја спроведува Светската банка во партнерство со Бирото за јавни набавки, како и со други релевантни институции и чинители од јавниот и граѓанскиот сектор.

MAPS претставува универзална алатка за оценка на системите за јавни набавки, која досега е применета во повеќе од 50 земји во светот. Таа овозможува темелна анализа на состојбата и функционирањето на системот за јавни набавки, идентификување на предизвици и добри практики, како и дефинирање на препораки за понатамошни реформи. Целта на MAPS е да помогне во изградбата на транспарентен, ефикасен и инклузивен систем што ќе придонесе за одржлив економски развој, зголемена јавна доверба и подобрено управување со јавните ресурси.

Во рамки на овој процес, на 18 јуни 2025 година се одржа иницијална работилница, организирана од страна на Светската банка и Бирото за јавни набавки. Работилницата имаше за цел да ги информира клучните чинители во областа на јавните набавки за самата методологија, процесот на проценка, очекуваната временска рамка и улогата на секој засегнат субјект во овој процес.

Настанот го отворија д-р Маре Богева-Мицовска, директорка на Бирото за јавни набавки, и г-дин Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светската банка за Северна Македонија и Косово. Д-р Богева-Мицовска ги истакна стратешките приоритети на Бирото насочени кон понатамошна модернизација и унапредување на системот за јавни набавки, нагласувајќи ја важноста од темелна, независна проценка како подлога за нови реформски чекори.

Учесниците имаа можност да ја проследат и виртуелната презентација на г-дин Јепе Грот, политички аналитичар од Секретаријатот на MAPS, кој даде детален преглед на алатката и начинот на нејзиното спроведување.

На работилницата присуствуваа претставници од над дваесет институции и организации кои имаат значајна улога во системот за јавни набавки, што претставува цврста основа за инклузивен и транспарентен процес на проценка.

Бирото за јавни набавки останува посветено на поддршката на овој процес, како и на обезбедување на координиран и партиципативен пристап, кој ќе резултира со конкретни препораки за унапредување на системот во согласност со најдобрите меѓународни стандарди.