Биро за јавни набавки

Терминологија

1
Договор за јавна набавка


Договор за јавна набавка е договор склучен во писмена форма меѓу еден или повеќе економски оператори и еден или повеќе договорни органи чиј предмет е снабдување стоки, обезбедување услуги или изведување градежни работи.

2
Постапка за јавна набавка

Постапка за јавна набавка е постапка што ја спроведуваат еден или повеќе договорни органи, чија цел или дејство е купување или стекнување стоки, услуги или работи.

3
Договор за јавна набавка на стоки

Договор за јавна набавка на стоки е договор за јавна набавка чиј предмет е набавка на една или повеќе стоки, преку купување веднаш, купување со одложено плаќање или изнајмување со или без опција за купување на стоката. Договорот за јавна набавка на стоки може да вклучува и услуги за нивно поставување и вградување.

4
Договор за јавна набавка на услуги

Договор за јавна набавка на услуги е договор за јавна набавка чиј предмет е набавка на услуги, освен оние од точка 5 на овој став.

5
Договор за јавна набавка на работи

Договор за јавна набавка на работи е договор за јавна набавка чиј предмет е: а) изведување или проектирање и изведување работи поврзани со една или повеќе градежни активности; б) изведување градба или проектирање и изведување градба; в) реализација на градба со какви било средства, според барањата на договорниот орган, кој има одлучувачко влијание на видот или дизајнот на градбата.

6
Економски оператор

Економски оператор е секое физичко или правно лице или група такви лица, вклучувајќи ги и сите привремени здружувања, кои на пазарот или во постапките за јавни набавки нудат стоки, услуги или работи.

7
Понудувач

Понудувач е економски оператор кој поднел понуда.

8
Кандидат

Кандидат е економски оператор кој бара да учествува или е поканет да учествува во ограничена постапка, конкурентна постапка со преговарање, постапка со преговарање со објавување оглас, постапка со преговарање без објавување оглас, конкурентен дијалог или во партнерство за иновации.

9
Подизведувач

Подизведувач е правно или физичко лице кое за понудувачот, со кој договорниот орган склучил договор за јавна набавка или рамковна спогодба, снабдува стоки, обезбедува услуги или изведува работи што се директно поврзани со извршувањето на договорот или рамковната спогодба.

10
Тендерска документација

Тендерска документација е секој документ изработен од страна на договорниот орган или на кој упатува договорниот орган, а со кој се опишуваат или се утврдуваат елементите на одредена набавка или постапка, вклучувајќи го и огласот за јавна набавка, претходното информативно известување или периодичното индикативно известување кое се користи како замена за оглас за јавна набавка, техничките спецификации, описната документација, предложените услови на договорот, обрасците што ги пополнуваат кандидатите или понудувачите, информациите за општоприменливите прописи и сета дополнителна документација.

11
Прифатлива понуда

Прифатлива понуда е понуда поднесена од понудувачот, која ги исполнува условите за утврдување способност, потребите и барањата на договорниот орган наведени во техничките спецификации и останатата тендерска документација, што е навремена, која нема невообичаено ниска цена, а чија конечна цена не ги надминува средствата обезбедени или кои може да се дообезбедат од договорниот орган согласно со овој закон.

12
Несоодветна понуда

Несоодветна понуда е понуда која не одговара на потребите и барањата на договорниот орган утврдени во тендерската документација без значителни промени.

13
Несоодветна пријава за учество

Несоодветна пријава за учество е пријава за учество поднесена од кандидат кој треба да се исклучи бидејќи не ги исполнува условите за утврдување способност во постапката.

14
Централизирани набавни активности

Централизирани набавни активности се активности што се извршуваат континуирано во еден од следниве облици: а) набавка на стоки и услуги наменети за повеќе договорни органи или б) доделување договори за јавна набавка или рамковни спогодби за стоки, услуги или работи наменети за повеќе договорни органи.

15
Помошни набавни активности

Помошни набавни активности се активности за поддршка на договорниот орган при вршење на неговите набавки, особено во следниве форми: а) техничка инфраструктура која на договорниот орган му овозможува доделување договори за јавна набавка или рамковни спогодби за стоки, услуги или работи и/или б) советување во врска со осмислувањето или спроведувањето на постапките за јавни набавки.

16
Централно тело за набавки

Централно тело за набавки е договорен орган кој врши централизирани набавни активности и помошни набавни активности.

17
Единствен документ за докажување на способноста

Единствен документ за докажување на способноста е документ што го издава Централниот регистар на Република Македонија и што содржи податоци со кои се докажуваат елементи од способноста на економскиот оператор.

18
Писмено или во писмена форма

Писмено или во писмена форма е секој израз што се состои од зборови или бројки што можат да се прочитаат, умножат и дополнително да се соопштат, како и информации што се пренесуваат и чуваат со помош на електронски средства, под услов сигурноста на содржината да е обезбедена и потписот да може да се идентификува.

19
Електронско средство

Електронско средство е електронска опрема за обработка и чување податоци (вклучувајќи и дигитална компресија), кои се пренесуваат, испорачуваат и примаат преку кабелски, радио или оптички средства или преку други електромагнетни средства.

20
Животен век

Животен век ги опфаќа сите последователни и/или меѓусебно поврзани фази, вклучувајќи ги потребните истражување и развој, производство, трговија согласно со условите, превоз, користење и одржување во текот на постоењето на производот или градбата или обезбедувањето на услугата. Овој процес се протега од стекнување на суровината или генерирање на ресурсите до расходување, уништување или завршување на услугата или употребата.

21
Конкурс за избор на идејно решение

Конкурс за избор на идејно решение е постапка која му овозможува на договорниот орган, главно во областа на просторното планирање, урбанистичкото планирање, архитектурата и градежништвото или обработката на податоци, да добие план или проект. Овој план или проект се избира од страна на жири комисија по распишување конкурс, со или без доделување награди.

22
Иновација

Иновација е имплементација на нов или значително подобрен производ, услуга или процес, вклучувајќи ги процесите на производство и изградба, нов метод на пласман на пазарот или нов метод на организација во деловната пракса, организација на работното место или организација на надворешните односи. Целта на иновацијата е да помогне во решавањето на општествените предизвици.

23
Ознака

Ознака е секој документ, уверение или потврда што потврдува дека стоките, услугите, градежните работи, процесите или постапките ги исполнуваат утврдените барања.

24
Услови за добивање ознака

Услови за добивање ознака се услови кои стоките, услугите, градежните работи, процесите или постапките мора да ги исполнуваат за да добијат одредена ознака.

25
Класичен јавен сектор

Класичен јавен сектор е јавниот сектор кој не е опфатен со секторските дејности.

26
Секторски дејности

Секторски дејности се дејности од областа на водоснабдувањето, енергетиката, транспортот и поштенските услуги, кои се опфатени во членовите 11, 12, 13, 14, 15, 16 и 17 од законот за јавни набавки.

27
Технички спецификации

а) Во случај на јавна набавка на работи, технички спецификации претставуваат збир на технички прописи содржани во тендерската документација, со кои се дефинирани потребните карактеристики на материјалите, производите или стоките за да одговараат на употребата што му е потребна на договорниот орган. Овие карактеристики вклучуваат:

  • Влијание врз животната средина и климатски влијанија
  • Опис на сите услови (вклучувајќи и пристапност за лица со хендикеп)
  • Оценка на сообразноста
  • Ниво на изведба, безбедност или димензии
  • Постапки за обезбедување квалитет, терминологија, симболи, методи на тестирање
  • Пакување, означување и етикетирање
  • Инструкции за користење, производствени процеси и методи во секоја фаза од животниот век на градбата
  • Проектни правила, процена на трошоците, услови за тестирање, инспекција и прием на изведените работи, градежни методи и техники
  • Сите други технички услови што договорниот орган има право да ги пропише во согласност со општите и посебните прописи во врска со градбата и вклучените материјали или деловите.

б) Во случај на јавна набавка на стоки или услуги, техничките спецификации се спецификации со кои се дефинираат карактеристиките на производот или услугата, како што се:

  • Ниво на квалитет
  • Влијание врз животната средина и климатски влијанија
  • Опис на сите услови (вклучувајќи и пристапност за лица со хендикеп)
  • Оценка на сообразноста
  • Ниво на изведба, користење на производот, безбедност или димензии
  • Релевантни барања за производот во однос на називот под кој се продава
  • Терминологија, симболи, тестирања и методи за тестирање
  • Пакување, означување и етикетирање
  • Инструкции за користење, производствени процеси и методи во секоја фаза од животниот век на стоките или услугите
  • Постапки за оценување на сообразноста.
28
Стандард

Стандард е документ подготвен со консензус и усвоен од страна на признаено тело, со кој, заради заедничка и повторлива употреба, се обезбедуваат правила, упатства и карактеристики за определени активности или резултати од тие активности. Целта на стандардот е постигнување најповолен степен на уредност во определено подрачје.

  • Меѓународен стандард – стандард усвоен од меѓународна организација за стандардизација кој ѝ е достапен на јавноста.
  • Европски стандард – стандард усвоен од европска организација за стандардизација кој ѝ е достапен на јавноста.
  • Национален стандард – стандард усвоен од национално тело за стандардизација и е достапен на јавноста.
29
Техничка референца

Техничка референца е секој документ кој не е европски или национален стандард, а е издаден од национално или европско тело за стандардизација, кој е во согласност со постапки прилагодени на потребите на пазарот.

30
Електронски систем за јавни набавки (ЕСЈН)

Електронски систем за јавни набавки (ЕСЈН) е единствен информациски систем достапен на интернет, кој се користи со цел да се овозможи поголема ефикасност, транспарентност и економичност во областа на јавните набавки.

31
Електронски пазар на набавки од мала вредност

Електронски пазар на набавки од мала вредност е електронска платформа во вид на електронски каталог, со која управува Бирото за јавни набавки и која се користи за набавки од мала вредност согласно со условите од овој закон.

32
Динамичен систем за набавки

Динамичен систем за набавки е систем кој се воспоставува како целосно електронски процес, отворен во текот на целото времетраење за сите економски оператори што ги исполнуваат критериумите за утврдување способност. Овој систем се користи за вообичаени набавки кои се општо достапни на пазарот и кои ги исполнуваат потребите на договорниот орган.

33
Еквивалентно

Еквивалентно значи дека понудената стока или услуга има исти или подобри технички карактеристики од оние наведени во техничката спецификација на предметот на набавка.

34
Пазарна цена

Пазарна цена е цената на релевантниот пазар, земајќи ги предвид предметот на набавка, развиеноста на пазарот и условите од тендерската документација, како што се начинот на плаќање, рокот на испорака, количините, гарантниот рок, средствата за обезбедување и слично.

35
Заеднички поимник за јавни набавки (ЗПЈН)

Заеднички поимник за јавни набавки (ЗПЈН) е единствен класификациски систем на номенклатури на стоки, услуги и работи што се применува во постапките за јавни набавки. Овој систем обезбедува еднообразност со останатите постојни номенклатури за стоки, услуги и работи.

36
Рамковна спогодба

Рамковна спогодба е писмена спогодба меѓу еден или повеќе договорни органи и еден или повеќе економски оператори, со која се утврдуваат основните услови што ќе ги регулираат договорите за јавни набавки во определен период. Ова особено се однесува на цената и, ако е можно, предвидените количини.

37
Одговорно лице кај договорниот орган

Одговорно лице кај договорниот орган е функционер кој раководи со државен орган, градоначалник на единицата на локалната самоуправа или директор на правно лице.

38
Посебно или ексклузивно право

Посебно или ексклузивно право е право доделено од надлежен орган врз основа на закон, подзаконски пропис или акт на управата, со кое се ограничува вршењето секторски дејности на еден или повеќе субјекти. Ова право значително влијае врз можноста други субјекти да вршат такви дејности.

39
Државни органи

Државни органи се органите на државната управа и органите на законодавната и судска власт.

40
Електронски каталог

Електронски каталог е организирана описна листа на стоки или услуги што ги нудат економските оператори преку ЕСЈН.

41
Тело за оценка на сообразност

Тело за оценка на сообразност е тело кое извршува дејности за утврдување сообразност, вклучително и калибрирање, тестирање, сертифицирање и инспекција, акредитирано согласно со материјалните прописи.

42
Алтернативна понуда

Алтернативна понуда е понуда со која понудувачот нуди предмет на набавка кој ги задоволува минималните барања, односно стандарди што договорниот орган ги предвидел во тендерската документација. Ова се прави на поинаков начин, со други технички карактеристики или методи, од оние кои биле утврдени со техничката спецификација.