Биро за јавни набавки

Одржани работилници за примена на критериумот „Економски најповолна понуда (ЕНП)”

На 17 и 18 март 2026 година, Бирото за јавни набавки, со експертска поддршка од Делегацијата на Европската унија, организираше две работилници посветени на презентацијата на нацрт Практичниот водич за примена на критериумот Економски најповолна понуда (ЕНП). Настаните се одржаа во просториите на Министерството за финансии и беа наменети за претставници на договорните органи со цел унапредување на практичната примена на критериумот ЕНП во јавните набавки.

Работилницата на 17 март беше отворена од Директорката на Бирото за јавни набавки, д-р Маре Богева Мицовска, која го претстави контекстот и значењето на изработката на Водичот, истакнувајќи ја потребата од унифицирано и објективно вреднување преку јасни критериуми. На 18 март, настанот го отвори Државниот советник м-р Александар Аргировски, кој ја нагласи важноста на критериумот ЕНП во обезбедувањето квалитетни и ефикасни јавни услуги, како и потребата од балансирање на цената и квалитетот при избор на понуда.

Во рамките на двата настани, ангажираниот експерт на Европската унија преку WeGlobal, г‑дин Харис Пикњац, го презентираше нацрт Практичниот водич и предлог‑методологијата за примена на ЕНП. Презентацијата опфати:

  • формулирање критериуми и поткритериуми за вреднување,
  • системи за бодување и механизми за намалување субјективност,
  • најчести грешки што се појавуваат во тендерската документација,
  • примери од градежните работи и постапките за набавка на оброци за училишта, со акцент на вреднување на квалитет (нутритивни стандарди, безбедност, логистика и др.).

Учесниците активно дискутираа за практичните предизвици и споделија искуства од својата работа. Посочена беше потребата од:

  • јасни и мерливи индикатори,
  • подобрена и стандардизирана методологија,
  • соодветно дефинирани тежински вредности,
  • дополнителни практични примери,
  • развивање унифицирани шаблони и алатки што ќе ја намалат субјективноста при бодувањето.

Материјалите, вклучувајќи го нацрт‑водичот и методологијата, беа доставени однапред до учесниците, што овозможи поефикасна дискусија и поконструктивни предлози. Сите коментари и препораки добиени на работилниците ќе бидат земени предвид при финализирањето на Практичниот водич.

Работилниците завршија со заедничко разбирање дека финалниот Практичен водич за примена на ЕНП треба да претставува јасна, практична и унифицирана алатка која ќе придонесе за:

  • повисок квалитет и ефикасност во јавните набавки,
  • зголемена транспарентност и доверба во системот,
  • намалување на субјективноста при оценување,
  • подобро управување со јавните ресурси.

Бирото за јавни набавки ќе продолжи со активности за поддршка на институциите во примената на критериумот ЕНП и унапредување на стандардите во системот на јавни набавки.