На 12 август 2024 година, в.д. директорката на Бирото за јавни набавки, д-р Маре Богева – Мицовска, оствари работна средба со Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски, во просториите на Државниот завод за ревизија. Средбата беше посветена на унапредување на соработката помеѓу двете институции и разгледување на активности од заеднички интерес.
Главни теми на дискусија беа:
- Координативното тело за следење на јавните набавки – анализирани беа преземените активности во рамки на работата на ова тело за периодот 2022-2026 година.
- Следење на влијанието на Стратегијата за унапредување на системот за јавни набавки – беше направена проценка на досегашните резултати во однос на поставените стратешки и оперативни цели.
- Работната група за изготвување на Брошура за најчести грешки во јавните набавки – беше разгледан напредокот во подготовката на овој документ, кој треба да послужи како практичен водич за унапредување на транспарентноста и намалување на грешките при спроведување на постапките за доделување на договори за јавни набавки.
Дополнително, на средбата беше истакната важноста на податоците од „Извештајот за црвени знаменца“, подготвен од Бирото за јавни набавки, како клучен инструмент во процесот на ревизија. Државниот завод за ревизија го користеше овој извештај при спроведување на ревизијата на усогласеност за 2023 година, посветена на процесот на доделување на договори за јавни набавки.
Бирото за јавни набавки останува посветено на континуирана соработка со Државниот завод за ревизија, со цел унапредување на транспарентноста, отчетноста и интегритетот на системот за јавни набавки во Република Северна Македонија.


