На 28 јануари 2026 година во Скопје се одржа тематскиот форум „Користење на податоците за вистинските сопственици за намалување на корупцијата“, во организација на Центарот за граѓански комуникации, со поддршка на Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас. Форумот беше посветен на унапредување на користењето на податоците за вистинските сопственици како значајна алатка за спречување и откривање на корупцијата, судирот на интереси и злоупотребата на јавните ресурси.
Во рамки на настанот беа презентирани состојбите, утврдените предизвици и можностите за поефикасно користење на овие податоци, како и насоките за подготовка на препораки за мерки и активности за нивно понатамошно унапредување. На форумот учествуваа претставници на клучни јавни институции, граѓански организации, медиуми, научно-образовни институции и меѓународни организации.
На панел-дискусијата учествуваше и директорката на Бирото за јавни набавки, д-р Маре Богева Мицовска, која говореше за улогата на јавните набавки во унапредувањето на транспарентноста, со посебен акцент на објавувањето на податоците за вистинските сопственици на економските оператори кои склучуваат договори за јавни набавки преку Електронскиот систем за јавни набавки, како дел од заложбите преземени во рамки на Партнерството за отворена власт.








