Од 01.04.2025 година, со новите надградби на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН), процесот на поднесување на понуда е значително поедноставен и стандардизиран. Наместо рачно креирање на финансиската понуда, сега е доволно само да го пополните финансискиот образец, по што документот автоматски се генерира.
Дополнително, системот овозможува автоматско генерирање на изјавата за сериозност и образецот на понуда, со што се намалува административниот товар и се минимизира можноста за грешки. Воведени се и нови полиња за прикачување на клучни документи, како што се:
- Овластување за поднесување на понуда
- Техничка понуда
- Дополнителни лиценци, дозволи и други документи за докажување на професионалната дејност
Исто така, новите функционалности овозможуваат дигитално потпишување на документите директно во апликацијата. Со само еден клик, дигиталниот потпис се аплицира на сите прикачени документи во соодветно дефинираните полиња, овозможувајќи побрз, побезбеден и поефикасен процес на поднесување на понуда.
Ова упатство е изработено со цел да ве води низ процесот на поднесување на понуда, прикажувајќи чекор по чекор инструкции, практични примери и корисни совети за правилно и навремено поднесување на понудата.
СОВЕТ: Препорачуваме понудите да се подготвуваат и поднесуваат навремено, најмалку 1-2 дена пред истекот на крајниот рок. Избегнувајте поднесување во последните неколку часа за да се спречат можни технички проблеми со дигиталниот потпис и алатката за дигитално потпишување. Навременото поднесување овозможува доволно време за проверка и корекција на евентуални грешки, како и за навремена реакција во случај на непредвидени околности.