Во насока на унапредување на процесите поврзани со јавните набавки и создавање поефикасна и поедноставена административна процедура за економските оператори, вчера во просториите на Управата за јавни приходи (УЈП) се одржа значајна работна средба помеѓу УЈП, Бирото за јавни набавки (БЈН) и Централниот регистар (ЦР).
Главна тема на состанокот беше воспоставувањето на електронски сервиси за автоматизирано издавање на документот „Уверение за состојба на даноци“, кој го издава Управата за јавни приходи (УЈП). Како дел од Единствениот документ за јавни набавки (ЕДЈН), Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) веќе е технички поврзан со Централниот регистар на РСМ (ЦРМ), овозможувајќи им на економските оператори автоматска набавка на потребните документи директно преку системот. Со воведување на електронско уверение од УЈП за платени даноци, ќе се заокружи сетот на основни документи кои се задолжителни во сите постапки за јавни набавки.
На овој начин, ЕДЈН ќе претставува целосно автоматизиран пакет на основни документи, што ќе значи:
- намалување на трошоците и времето за прибавување на документи,
- елиминирање на ризикот од поднесување нецелосна документација,
- и значително олеснување на процесот и за понудувачите и за договорните органи.
Ова е уште еден значаен чекор кон дигитализација и интеграција на институционалните системи во функција на подобри, побрзи и потранспарентни јавни набавки.




