На 2 април 2026 година, во Клубот на пратеници во Скопје, се одржа конференцијата за отпочнување на процесот на ко-креирање на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2026–2028 (НАП7), во организација на Министерството за јавна администрација.
Настанот ги обедини претставниците на институциите, граѓанскиот сектор, меѓународните организации и експертската јавност, со цел заедничко дефинирање на приоритетите и заложбите во рамки на новиот акциски план.
Во рамки на сесијата „Вредноста на Партнерството за отворена власт: искуства, придобивки и значење на учеството“, свое излагање имаше и м-р Горан Давидовски од Бирото за јавни набавки, кој даде краток осврт на досегашните активности на институцијата во рамки на Партнерството за отворена власт.
Во своето обраќање, Давидовски ги презентираше клучните заложби кои Бирото за јавни набавки ги реализираше во изминатите десет години, нагласувајќи дека сите преземени обврски се успешно исполнети. Притоа беше истакнат континуитетот во унапредувањето на транспарентноста, дигитализацијата и отвореноста на системот на јавни набавки, како и посветеноста на институцијата кон исполнување на меѓународните стандарди и препораки во оваа област.
Во продолжение на сесијата, Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации се осврна на практичната имплементација на заложбите и ја нагласи важноста на меѓуинституционалната соработка. Тој издвои неколку институции кои дале значаен придонес во успешната реализација на активностите, при што како особено позитивен пример го посочи Бирото за јавни набавки.
Филков потенцираше дека со Бирото за јавни набавки имале континуирана и конструктивна соработка, без пречки во комуникацијата, при што институцијата покажала високо ниво на отвореност, достапност и подготвеност за партнерски пристап во процесите. Овој пристап, како што беше нагласено, значително придонел за успешното спроведување на заложбите и за постигнување конкретни резултати во насока на поголема транспарентност и отчетност.
Конференцијата продолжи со работа во тематски групи, каде учесниците активно придонесоа во дефинирањето на приоритетите во области како што се антикорупција, дигитално управување, граѓанско учество, животна средина, како и отворен парламент и судство.
На крајот од настанот беа сумирани клучните заклучоци и беа утврдени насоките за понатамошниот процес на ко-креација на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2026–2028.
Бирото за јавни набавки останува активно посветено на унапредување на транспарентноста, отчетноста и интегритетот во системот на јавни набавки, како дел од пошироките заложби за отворено и одговорно управување.





